Во близината на Пресвета Богородица

Силна светлина ја осветли собата на скромната девојка од Назарет, собата исполнета со молитвите кои секојдневно Му ги упатуваше на Бог. Времето го минуваше разговарајќи со Него и читајќи псалми. Името и беше Марија. Пред неа стоеше ангелот Божји, Гавриил. Страв го обзеде нејзиното срце од необичниот гостин и необичниот поздрав.

Бог сака „Словото да стане Тело“ во тебе. Имаш потполна доверба во Отецот, добро го познаваш од „вашите разговори“, Му веруваш и затоа Му одговораш „Еве ја слигинката Господова нека ми биде според зборовите твои“. „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени и роденото ќе се нарече Син Божји“. Дали ќе ти веруваат, Маријо?

Следи ја нејзината послушност, покорност, преданост и потполната доверба на Бог, следи ги нејзините стапки. Собата, денот, постот, животот нека бидат исполнети со молитва и тогаш ангелот Божји ќе застане пред тебе, тогаш ќе го слушнеш Божјиот глас, ќе се изненадиш, збунет си и ќе те обзеде страв, „како ќе се случи тоа?“ Но, Тој добро те познава, ги знае сите твои стравови и твоите прашања. Те знае по име. Бог сака да соработувате, Бог смета на тебе. Во секоја работа, во секоја болка и радост кажи му ДА на Бог.

Марија не може да ја задржи во себе радоста и тргнува на пат за да стигне до куќата на својата роднина Елисавета и да и каже „Силниот ми направи големи дела“. Поздравувајќи ја Елисавета ги исполнува Светиот Дух и таа ја препознава како Мајка Божја. Кога ќе го почувствуваме Божјото присуство, во одредена работа од животот, радоста не можеме да ја задржиме за себе…

Да побрзаме во домот на нашиот роднина, за да им ја кажеме Радосната вест која куќата ќе им ја исполни со радост и срцето ќе им „заигра“ и тогаш да го препознаат Бог, зачнат во Блажена Дева Марија. Да ги срушиме секојдневните наврзаности на телевизија, шетање, забава, празни разговори, а времето да го поминеме донесувајќи го Исус во животите на луѓето. Во секој момент да бидеме подготвени да ги посетиме старите, осамените, оние кои се во потреба…

Синот Божји Христос се роди. Емануел – Бог со нас. Бог е меѓу нас, да се подготвиме, за што подобро да го прославиме празникот и да не се грижиме за трпезата. Да не трчаме по трговските центри, продавниците, во гужвите за да се купат сите потребни работи. Не смееме да го заборавиме дека славеникот се роди во сиромашна штала. Да го побараме во најмалите, во сиромашните, во напуштените кои понекогаш домот и е напуштената штала. Трошиме пари за најубавата облека за празникот, а забораме дека Исус е завиткан во јасли. Да му ја дадеме нашата облеката – душата, исчистена во светата Тајна Исповед и да му овозможиме да се роди во нашето срце.

Забораваме да го побараме преку Мајка Му. Да и се приближиме, таа со задоволство ќе ни го покаже и ќе нѐ доведе до Него.

к.мк/Пишува: Д.И.

За авторот