Воскликни со Тома: Господ мој и Бог мој

Црквата на Томина недела, сѐ уште сака во нас да ја задржи Воскресната радост. Евангелие не нѐ известува за празен гроб, за настанот на Воскресението, туку за средба, средба на Исус со своите ученици, кои биле во салата на Последната вечера зад заклучени врати.

Светото Писмо истакнува дека апостолите биле исполнети со страв од Јудејците. Затворени, низ нивните мисли поминуваат бројни неодговорени прашања. Што навистина се случи со Исус? Марија Магдалена, Петар и Иван веќе беа на гробот и се уверија дека е празен.  Гробот е празен, но каде е Исус, нивниот Учител? Надвор Јудејците можеби ги бараат за да ги убијат, бидејќи веќе низ градот кружи лагата дека учениците го украле Исус од гробот. Во нив е набиен страв за нивната иднина, тие се вознемирени за тоа што ќе биде со нив.

А Исус доаѓа кај нив зад заклучени врати и им го подарува она што најмногу им е потребно во тој момент: „Мир вам“. Токму тоа и денес Исус сака да го направи со нас. Доаѓа во нашите затворени срца, гледајќи длабоко во сите наши оптеретувања. Забележува дека сме исплашени, дека немаме доволно сила за да навестуваме и евангелизираме, затворени сме во себе поради вознемиреност, веднаш ги гледа нашите бројни неодговорени прашања. Ние можеби сакаме од Него многу работи наеднаш, но Тој најпрво сака да ни го даде својот мир, да не бидеме оптеретени за иднината, за она што ќе се случи утре со нас. Сака да ја опушти нашата вознемиреност. Дарувајќи ни го својот мир, сака да нѐ подготви за евангелизација, да ни даде Свет Дух за да можеме да навестуваме за Радосната вест, Неговото Воскресение. Но тоа е само возможно доколку и ние како апостолите се сретнеме со Него, оствариме средба, а каде ако не во салата на Последната вечера, односно Црквата.

Тома не е во заедништво со апостолите, Црквата и тој е исполнет со страв и од тој страв бега од нив. Со нив не сака да има ништо заедничко. Не сака да ја дели иднината и судбината со нив, а минатото поминато со нив сака да го сокрие. Така тој се чувствува побезбедно!

Но она заедништво поминато со Господ, искуство, не се заборава, не минува…. Затоа Тома и навраќа кај апостолите, а тие не можат да ја сокријат Радоста од средбата со Господ. Не можат да молчат. Започнуваат да му говорат за нивната средба, дека тој  е жив, дека го виделе… Десетте апостоли започнуваат да евангелизираат еден свој близок. Може да се каже дека првиот обид за евангелизација на апостолите немал многу голем успех. Тома како и многумина денес, е полн со сомнеж, бара докази, сака да се допре до Него… Но мирот кој Воскреснатиот им го дарува ги прави апостолите да бидат трпеливи, им даде смирение да го примат својот брат повратник, да не го отфрлат… Ги прави упорни да не се разочаруваат од првиот неупех. Дозволуваат Господ да реагира и по осум дена повторно да им се покаже Воскреснат, но овој пат и на Тома. А Тој му дозволува на Тома да се допре до неговите рани, да го почувствува…

Со ова Евангелие Господ сака и нас да нѐ охрабри, да не се разочаруваме од нашите неуспеси во нашето послание за евангелизација, бидејќи Тој секогаш е подготвен да влезе низ затворените срца на луѓето, за да се принесе себе како доказ, за да се искуси… Исус не ги остава своите апостоли, не ја остава својата Црква сама во своето послание…

Тома можеше да го искуси Воскреснатиот Господ, единствено бидејќи се врати во заедништвото со Црквата.

Но можеби денес сме сите ние Тома, сме се оддалечиле од заедништвото со Црквата, па затоа сме полни со сомневање и бараме дополнителни докази за Воскресението, не доволно се препуштаме на верата на Црквата. Токму денес токму преку ова Воскресно Евангелие Воскреснатиот Христос те повикува доколку си се одалечил, доколку си исполнет со страв, вознемиреност, сомнеж, немаш сила да сведочиш за Христос, да се вратиш во заедништвото со Црквата. Тука можеш да го искусиш Воскреснатиот Христос, ставајќи ги сите свои неверства и сомнежи, слабости и гревови во неговите рани.

Во заедништвото со Црквата Господ ќе дувне во тебе, ќе го испрати својот Свет Дух и ќе ти даде сила за евангелизација, за сведоштво, ќе те исполни со радост за живот, која нема да може да се сокрие… Восликни со Тома: Господ мој и Бог мој. Дозволи преку заповедта која Господ ја дава на своите апостоли да разрешуваат гревови и побарај разрешение и почеток за нов живот со Воскреснатиот Христос.

Пишува: о. Гоце Костов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот