Воскресна проповед на епископот Стојанов во Струмица

Воскресна проповед на епископот Стојанов во Струмица

Препородени со вода и Светиот Дух

Драги браќа и сестри, драги верници!

Штотуку ги слушнавме евангелските зборови прологот од свети Иван евангелист. Многу теолози сметаат: Иван ништо друго да не запишал туку само оваа што го слушнавме би било доволно. Вечерва заедно ќе размислиме над овој текст, а се однесува за темелните вредности на нашата вера според која сме станале нов Божји народ. Во текстот среќаваме неколку термини кои јасно го означуваат нашиот живот. Така најнапред го среќаваме терминот вода. Следејќи ги научните истражувања, научниците велат дека на Марс нема живот, ако нема вода. Општо е познато каде што нема вода не може да има живи суштества. Водата, всушност, означува живот. Во првата глава од книгата на Создавањето пишува дека пред сè Духот лебди над водата. Така водата се здобила со животна сила да таа биде која оживува. Вечерва се сетивме дека избраниот Народ од египетското ропство преминува во слобода на Божјите синови преку Црвеното море. Што значи, низ водата. За Божјиот народ таа била спасителна, а за Фараонот и неговата војска што се симбол на злото таа истата вода станала гроб. Во светата Тајна на крштението таа крстна вода и за нас во исто време била вода на смртта и вода на спасението. Вода на смртта во таа смисла што сме по светото Крштение, како пишува апостолот: умревме со Христос го соблековме стариот човек и го потопивме со сите лоши духови, со гревовите на источниот грев во длабочината на морето. А таа иста вода како мајчина утроба на другата страна не препороди за нов човек што е облечен во Христос, бидејќи стариот човек е соблечен, а новиот облечен со силата на Христос воскреснатиот. Обредот на светото Крштение за возрасните пред сè во првите столетија на Црквата јасно ја покажувало оваа претворба. Катекумените што биле подготвени на крштение, непосредно пред крстниот базен ја соблекувале својата облека влегувале во крстниот базен и три пати биле нурнати во Крстната вода на спомен дека Христос три дена бил во гробот и излегувале на другата страна на крстниот базен облекувајќи нова крстна бела облека.

Во Краков постои нова Црква која со тешка мака е градена од Краковскиот архиепископ Карол Војтила – свети Иван Павле II. Во работничката населба Нова Хунта. Таму се наоѓаат исповедалници што се многу значајни. Кога човек влегува во исповедалница влегува во на половина мрак. Во мигот кога излегува од исповедалницата и застанува на прагот од вратата го осветлува силна светлина, а во позадината се појавува бел лик на Воскреснатиот Исус, многу значајно. Во една парохија во Словенија, каде големата камбана е тешка три тони, многу ретко ѕвони – само за големите празници. Но, во времето кога свештеникот крштева, во мигот кога на крштеникот го полева со вода тогаш се огласува големото ѕвоно и низ целата околина навестува дека е роден нов човек според крштението. Ова се само два мали примери како со надворешниот знак се означува тоа што во стварноста се случува.

Вториот знак е во денешното свето Евангелие – Дух. Читаме дека Светиот Дух се покажа на Педесетница во форма на огнени пламени – јазици. Еве не кај вториот елемент со кој е збогатен Велигден, а тоа е огнот. Симбол на Воскресението е пламенот на Воскресната свеќа. Велигден се празнувало во текот на ноќта, за да светлината на зората ја скрши темнината на ноќта. Некогаш христијаните го молеле светиот час, а кога се појавила зората била експлозија од радост, победа на светлината над темнината.

Драги браќа и сестри во денешното свето Евангелие среќаваме свети елементи на светите Тајни на христијанската иницијација: крштение, евхаристија и света потврда, односно миропомазание. Тоа е вода, Дух и крв. Родени сме според светите тајни од волјата на Небесниот Татко според Исусовата жртва која била крвава, а и сега ни е предадена во вистинско тело и крв во светата Евхаристија под приликите на леб и вино. Претворбата на леб и вино се случува со силата на Светиот Дух. И водата за крштение добива сила според Светиот Дух. Апостолот вели никој не може да каже дека Христос е Господ освен според Светиот Дух. Јас би рекол дека и ниту ние сега не би можеле да ги славиме овие таинства освен според Светиот Дух. Дозволете ни да размислиме за себе и да си ја оживееме верата според која во светите Тајни на крстот, евхаристијата и потврдата сме оживеани за Божји синови и ќерки. Во Евангелието свети Иван ни ја сведочи таа објава според која ни е дадена полна благодат и тоа во Исус Христос, а преку Неговото овоплотување се случува во секој од нас. Да се запрашаме: дали можеби меѓу нас се наоѓа некој како  Исусовите современици: „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“. Прашањето е многу важно дали воопшто прифаќаме и како го прифаќаме Исус Христос да се воплоти во нашиот живот. Кога свети Лаврентиј бил мачен, а бил ѓакон и благајник во Римската црква, непријателот го прашал за богатството што Црквата го чува, а тој покажал на сиромасите и рекол тоа е нашето богатство. Кога во првите столетија христијаните биле прогонувани и мачени, на поедини сведоци било запишано нивното измачување и на прашање од мачителите: Како ти е име, тие одговарале: христијанин. Дојдени се времињата кога во оваа збунето време секој од нас, секој христијанин би требало да расветли во нова светлина и со својот живот да покаже дека е Христов сведок кој во нас стана тело. На тој начин Велигден е празник на крштењето, препородувањето и новиот живот во силата на Светиот Дух, а сето тоа ќе го примиме и во светата Причест – тело и крв Христова во оваа Евхаристија.

Нека на сите нас во оваа светлина не расветли нашето Крштение и во силата на воскресната милост да можеме да не говориме, туку да покажеме, дека според светите Тајни сме нови луѓе. Нека со тие мисли а во обновата на Светиот Дух ви биде благословено Христовото Воскресение. Христос воскресе!

 Фото: Радио СтрумицаНет

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот