Воскресна проповед на бискупот Стојанов на Воскресната Миса во Скопската катедрала

Воскресна проповед на бискупот Стојанов на Воскресната Миса во Скопската катедрала

 Воскресна зора – победа над смртта

Браќа и сестри, во оваа света ноќ кога го празнуваме Христовото воскресение одново стануваме сведоци на силата на невербалното, на литургиските симболи и знаци застапени во обредите на овој величествен празник со кој се означува сето она што само со верата го допираме. Затоа, честопати сме во заблуда кога мислиме дека само зборот ја има вистинската сила во комуникацијата на човекот. Но мноштвото зборови што вечерва ги слушаме како и знаците кои ги гледаме употребени се за она за што преку нив Бог вечерва ќе ни го порача.

Зошто драги браќа и сестри, празнуваме таинство кое е многу имагинативно и кое ги надминува границите на нашето спознание. Зошто? Затоа што станува збор за темелниот настан на верата според кој ако со раѓањето на Исус Христос и неговото влегување во историјата започнала нова ера, со преобразената материја на оваа земја со воскреснатото Христово тело започнува нова космичка епоха на побожествување на создадениот свет. Настан што се случил во историјата, но е исчекор од неа, отворајќи во очите на верата непоколеблива надеж за вредноста на човекот како Божјо создание и не само тоа туку пријател и гостин на вечната небесна гозба. Сите ние што сме крстени, а сега ќе ги обновиме нашите крстни ветувања во ова преодно патување веќе сме се облекле во Христовата бесмртност. Тврдењето или одрекувањето, индиферентноста или незаинтересираноста на многумина не можат да го нарушат фактот дека човекот е создаден за вечност и дека неговата минливост на земјата не е казна туку шанса за стекнување на влезница за блажената вечност. Дефинитивно, нас како луѓе никој и ништо не може да не направи среќни и да не воздигне до највисокото достоинство онака како што тоа го стори Христос кога стана наш брат, а оваа наша материјална и минлива реалност ја преобрази во вечна и блажена, непознаница на сегашната физика. Во ова воскресно празнување, драги браќа и сестри, се наоѓаме на врвот на спасителниот чин и на изворот на чистата Божја порака за тоа кој е човекот, зошто човекот е таков каков што е, и какви се неговата иднина и неговата вечност.

Разбирливо е, дека тој дар на моќ е Божји дар на верата. Апостол Павле нè поучува дека само со тој дар можеме да сакаме и да гледаме. Најочигледен пример е апостолот Тома, кој за да се увери сака да се допре до воскреснатиот Христос. Но, Исусовиот збор опоменува: Тома, бидејќи виде поверува, меѓутоа, блажени се тие кои не видоа а поверуваа. Оваа празнување е празнување на заедница која гледа и доживува, но која само со очите на верата може да ја прифати новата реалност која е над историјата и над космичките закони.

Браќа и сестри, што треба да правиме кога нашата најинтимна духовност ќе допре таинство составено од зборови и знаци преку кои Бог сака нешто да ни порача? Најнапред да ја отвориме сопствената внатрешност и да не се плашиме од темнината која можеби господари во нашата внатрешност зашто и гробната темнина со Христовото воскресение стана светлина. Во источната литургија и иконографија воскресението од гробот не е толку нагласено колку што е симнувањето во царството на мртвите и ослободувањето на оние кои се затворени во смртта – заробени од Адам се до разбојникот на крстот. Да дозволиме Христос да се симне во нашата внатрешност, да ги осветли темните комори на нашето срце и да го разбуди вистинскиот човек кој можеби спие во нас или пак е оневозможен и ограничен од многу зависности, со еден збор не е вистински човек. Да допуштиме Христос со своето воскресение да нè разбуди, зашто воскресна за да станеме нови луѓе за кои зборува апостолот Павле, нови луѓе како нов квасец и како нов живот. Ако Велигден не нè поттикне на таква длабочина во нашата внатрешност тогаш тоа е само еден настан претоварен со церемонии и обичаи, но не и поттик да бидеме подобри луѓе.

На секое празнување на Велигден му претходи драмата на Великиот Петок. Тие кои му се верни на Исус не може да бидат обезглавени или уплашени од тој чин, туку во тмурните облаци од Великиот Петок ја насетуваат зората на воскресението.

Браќа и сестри, и покрај тоа што тмурни облаци надвиснаа и над нашата Татковина, па ние христијаните од Исток и Запад со сите луѓе со добра волја чувствуваме дека зората на воскресението и нам ни е на повидок, затоа тука сме да ја препознаеме таа зора и за неа да молиме.

Желба ми е на сите нас тука присутни, но и на слушателите и на гледачите на Македонската Радио Телевизија, Христовото воскресение сите да нè допре, Христос да слезе и да влезе во нашата внатрешна темнина и во неа да го воскресне подобриот човек. Да бидеме повеќе луѓе, да бидеме подобри луѓе и само на тој и таков начин да го прославиме Христовото воскресение – Христос воскресе! Алилуја!

За авторот