Воскресение Христово

Воскресение Христово

Нашата вера за Воскресението не е мит, приказна, туку историја на љубовта. Таа ни е откриена од Еден кој љуби, Бог, кој поседува Љубов што ја победува смртта: но оваа љубов ни ја дарува и на нас, за да можеме во нашите животи да бидеме љубени и оние кои ќе љубат. Да гледаме во воскренсатото Распетие бидејќи – како што рекол Рикардо од Сан Виторе – „ubi amore, ibi oculus (каде е љубота, таму е окото“. Нашите очи се насочени кон воскреснатиот Христос, Љубениот кој ни го открива еднаш засекогаш Бога како оној кој Љуби, Изворот на Љубовта.

Со зборови, дела, знаци и пред сé со материјалноста на нашите услови, со нашето тело и неговите чувства, но исто така и со огнот, водата, лебот и виното ние го прославуваме Воскресението на Исус, победата на вечниот живот врз смртта, врз нашата смрт на луѓе кревки, слаби и смртни. „Христос воскресна! Навистина воскресна!“: ова е нашиот восклик, нашата вера, нашата надеж и изливувањето на нашата љубов. Да, како што вели апостолот, „ако Христос не воскреснал, суетна е нашата вера… и ние може да се сметаме за најбедни од сите луѓе.“ (1Кор 15, 17.19).

Во денешните литургиски читања слушајќи ја целата наша историја како историја на спасението која е дело на Бога за нас, историја која врвот, кулминацијата се наоѓа во воскресенито Исусово, се обидуваме да мислиме и на овие настани читајќи го делувањето на Бог Отец. Бидејќи гледајќи ги токму првите навестување за Исусовото воскресение од Петар, Стефан и Павле во Делата апостолски – и нивните проповеди со сигурност се размислувања од првите пасхални катехези -, сфаќаме дека иницијтивата, делувањето да го скорне од мртвите, да го воскресне Исуса, Синот, му се припишува на Отецот:

Бог го воскресна од мртвите (Дела 3,15; 4,10; 13,30). Бог на татковците наши го воскресна Исуса, Кого вие Го убивте, приковувајќи Го на дрво (Дела 5,30). Бог Го воскресна на третиот ден (Дела 10,40).

Слични изрази се наоѓаат исто така и во посланието до Римјаните, во посланијата до Коринтјаните и во други посланија од Новиот Завет. Првото воскресно навестување на апостолсата црква е дека Бог го воскреснал Христос, кое подоцна било извршено преку силата на Светиот Дух (сп. Рим 8,11), сé до формулата која ја наоѓаме во „Верувањето“, ставајќи го Исус како субјект на воскресението. Од друга страна не можело да биде поинаку: Отецот, оној Кој љуби, потеклото и изворот на Љубовта, само Тој можеше да ја победи смртта, т.е. – како што вели свети Павле во Делата Апостолски 13,32-33 цитирајќи ги Псалмите 2,7 – можеше да го исполни ветувањето, да го повика во живот Синот Исус кој влегол во смртта. (…)

Во воскресението, Бог на Исус му ги дава своите божествени прерогативи, го прославува над сите созданија, му го дава Името Господ (сп. Филипјаните 2,9-11). Исто така и на воскресението Исус го раскажува делувањето на Отецот, неговата изворна Љубов, бидејќи Отецот е „Изворот на Љубовта“. Синот беше тој кој излезе од крилото, а Отецот, сега Отецот го прифаѓа назад со силата на Духот: еден единствен живот, една единствена Љубов, еден Бог! (…) Свети Тома пред Воскреснатиот извикува: „Господ мој и Бог мој!“ (Иван 20,28), откако го видел ранетото човечко тело. „Ќе погледнат на мене, оној кого го ранија“, прорече Захариј (12,10). Исус пред да умре извика: „Боже Мој, Боже Мој, зошто ме остави на смртта, на измачувањето“. Но сега сите го гледаат Исуса и со свети Тома извикуваат: „Господ Мој и Бог Мој!„.

Да, нашата вера за Воскресението не е мит, приказна, туку историја на љубовта. Таа ни е откриена од Еден кој љуби, Бог, кој поседува Љубов што ја победува смртта: но оваа Љубов ни ја дарува и на нас, за да можеме во нашите животи да бидеме љубени и оние кои ќе љубат. Да гледаме во воскренсатото Распетие бидејќи – како што рекол Рикардо од Сан Виторе – „ubi amore, ibi oculus (каде е љубота, таму е окото)“. Нашите очи се насочени кон воскреснатиот Христос, Љубениот кој ни го открива еднаш засекогаш Бога како оној кој Љуби, Изворот на Љубовта.

Енцо Бијанки/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот