Воскресена претстава во Скопје

По завршувањето на побожноста Прва сабота во месецот и вечерната Миса, на 3 мај 2014 година во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, младите од парохијата и корисниците на народната кујна на блажена Мајка Тереза во Скопје изведоа пригодна драма.

Музичко сценскиот дел се состоеше од повеќе сцени, кои на краток, но силен начин зборуваа за настаните од животот и делувањето на Исус. Во првата сцена е изведена средбата на Исус со болните, на кој им дава здравје и им дава нов живот преку опростување на гревовите. Останатите сцени зборуваат за средбата со Марија Магдалина; Последната вечера, Исус во Гетсиманската градина, Крстниот пат; празниот гроб и Воскресното утро; укажувањето на учениците на патот за Емаус. Претставата заврши со сликата на укажување на апостолите, и зборовите на Воскреснатиот Господ: „Христос ќе пострада и на третиот ден ќе воскресне од мртвите и во Негово име ќе се проповеда на сите народи преобраќање и опростување на гревовите, започнувајќи од Еруслаим. Вие ќе ми бидете сведоци!“

На крајот од претставата скопскиот парох дон Давор Топиќ рече: „Оваа претстава ги направи присутни настаните од светата историја на спасение и на човечкото откупување. Преку Исус Христос животот ја победи смртта, љубовта ја победи омразата и имаме причина за тоа да бидеме среќни, бидејќи смртта е победена и таа го нема последниот збор во нашиот живот. Христос воскресна“. На сите учесници им се заблагодари, со посебна радост што во претставата учествуваа и корисници од народната кујна. Претставта беше подговтвена од сестрите Мисионерки на Љубовта, како и од Даниела Брзова и Јадранка Чадиновска.(д.т.)

Категорија: Македонија

За авторот