Вознесение Христово

Откако Христос го исполни своето послание, сето она што беше потребно за спасение на човечкиот род и дојде времето да Се врати кај Отецот: на земјата ја покажа љубовта Божја, со страданијата и жртвата го откупи паднатиот човек, а со воскресението покажа дека и смртта е победена, давајќи му ветување за вечен живот на човекот.

Црквата празникот Вознесение Христово го слави на четириесет дена после Христовото воскресение, кога им се јави на Неговите ученици им заповеда да одат по целиот свет, проповедајќи го Евангелието на сите луѓе, велејќи им дека кој ќе поверува, и се крсти, ќе биде спасен, а кој не поверува, ќе биде осуден. За да биде успешно нивното послание Воскреснатиот Христос им го ветува Светиот Дух Утешител, без чија благодат не би биле подготвени да го исполнат своето послание. За настанот на Вознесението Христов не известуваат и Делата на Светите Апостоли: Откако им ја даде таа заповед, Тој ги поведе своите ученици на Маслиновата Гора, близу Ерусалим, ги подигна рацете и ги благослови, и потоа на очиглед на сите присутни, Се вознесе на небото. Учениците се радувале на она што го гледале нивните очи. И додека тие со погледот Го барале Вознесениот Господ, им се јавиле два ангела, велејќи им: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото.“ (Дела 1,11)

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот