Вознесение на нашиот Господ Исус Христос

Исус Христос, според зборовите од Светото Писмо, после своето воскресение, уште четириесет дена им се покажувал на учениците. Денес го празнуваме споменот на Христовото вознесение, кога бил прославен кај небесниот Отец. Во тој краток период ги зацврстувал своите ученици во нивната вера, и им доверил задача да го навестуваат евангелието по целиот свет. Христовото вознесение е, вушност, довршување на воскресението.

Христос и на верниците од сите времиња, во кои се вбројуваме и ние, нѝ доверил да му бидеме сведоци во светот и пред сите луѓе. Не сака да се затвориме во самодоволноста и да се опкружиме со истомислениците и така да ги проживееме своите денови овде на земјата.

Апостолите со тага го испратиле Исуса од овој свет, иако Тој ги беше подготвил на тие настани. Ги подготвувал за својата мака и смрт, како и за своето Вознесение на небото. Им беше зборувал декатреба да оди за да им го испрати Светиот Дух, кој ќе им помогне да ги разберат неговите зборови и да им олесни во сведочењето за неговиот живот и воскресение кое треба да им биде пренесено и на другите луѓе.

Преку Светиот Дух Христос на невидлив начин ќе биде присутен во светот, во секое време сѐ до крајот на светот. Тој ќе биде присутен преку своите зборови во Светото Писмо – Евангелието, во лебот и виното, како и преку добрите и искрени луѓе. Исус извршувајќи го своето спасително дело на земјата, ќе го продолжи преку луѓето.

Ниту ние не сме ослободени и поштедени од овие стравувања, кои ги имале и ги доживувале апостолите. Тие се чувствувале несугурни, кога Исус исчезнал пред нивните очи. Се чувствувале како исфрлена риба на суво или како осамени во пустина во кои преовладува несигурност.

Таква несигурност и стравување честопати и ние чувствуваме во животот. Нѝ доаѓаат моменти на напуштеност од страна на нашите ближни. Понекогаш чувствуваме дека и самиот Бог нѐ напуштил и како да се наоѓа некаде далеку од нас. Гледајќи и слушајќи за многу лоши настани во светот и околу нас, се прашуваме самите себе и другите: Каде си Боже? Зошто дозволуваш зло на земјата и зошто веќе еднаш лошите луѓе и злото не ги уништиш? Дали си дозволил злото да владее над нас или тоа е време на искушение и зајакнување на нашата вера, за да ти се приближиме?

Неопходно е да поставиме други прашања: Дали сме му ние доволно верни на Бога? Дали не сме го напуштиле ние со своите често изговарани лоши зборови, со лошите постапки и со не вршењето на Божјите заповеди? Честопати се случува Бог да го дозволи злото според нашата вина каде што дури тогаш се чувствуваме вистински сиромашни. Без Бога нашиот живот станува само полош. Стануваме понесреќни, понемирни и понезадоволни, без смислата за живот. Без Бога ние сме само сува земја без дожд.

Преку светите Тајни исповед и причест, нѝ се дава можност да бидеме повеќе поврзани со Бога и да го доживееме заедништвото. Преку светите тајни нѝ се дава гаранција за Неговата присутност, иако не го гледаме со очите, но го чувстваме во душата. Во своето срце ги наслушуваме Божјите зборови: Синко/Ќерко не плаши се – јас сум со тебе и со вас сѐ до крајот на светот. Во мене ќе најдете утеха и поткрепа за својот живот, спокој во своите души и одговор на многу животни прашања.

Христос во Евангелието вели: „А овие знаци ќе ги пратаат оние кои ќе поверуваат: во мое име ќе изгонуваат демони, ќе зборуваат нови јазици… на немоќните ќе полагаат раце и ќе им биде добро.“ Знаеме дека овие зборови подоцна ќе се овистинат на апостолите. Тие изгонувале демони, зборувале на други јазици, лечеле болни. Додека на апостолот Павле дури ништо не  му било од каснувањето на змија.

Се прашуваме во која мерка можат да се однесуваат овие зборови за нас денес? Вистина е дека и денес христијаните веруваат дека Бог им дал моќ да праваат слични чуда, па заради тоа се многу горди. Не навлегувајќи во вистинитоста на таквите чуда, во многу поважна смисла, таквите дарови Бог му ги дава на секој христијанин. Ако ние сме зајакнати со благодатта на Крштението, одлучно се спротивставиме на гревот и на Злото, сигурно победуваме. Никакво зло не може да го надвладее човекот, кој соработува со Божјата милост.

Со право може да речеме, дека денешниот празник  – Христовото вознесение – го навестува нашиот нов статус, кој Христос ни го ветил. Зборот „нов статус“ се однесува и нѐ потсетува на модерната и млада генерација, која се поврзува на интернет мрежата – Фејсбук. На оваа социјална мрежа статусот го изразува некоја наша изјава или некој настан кој сакаме да ги споделиме со нашите виртуелни пријатели. Во постојан проток и брзина на информациите, многумина сакаат таквите статуси да бидаат сѐ почести со сѐ повеќе настани кои сакаат да ги споделат со другите. Интересноста која ќе го привлече вниманието на другите, нас самите на момент или на подолго време ќе нѐ направи посебни и да бидеме во центарот на вниманието.

Фактот и настанот за Христовото вознесение, нас нѐ прави секогаш нови и посебни. Нови затоа што тоа е Божји, а не човечки чин. Религиозните практики и ветувања надвор од христијанството ни најмалку можат да претпостават што значи да се биде во истата слава со Христос. Затоа оваа порака и настани секогаш се нови, бидејќи секоја генерација на христијаните се инспирираат да се завземат за животот и да го препознаваат Божјето лице во другите луѓе додека ја исчекуваат средбата со Лицето Христово.

Ангелот им зборуваше на апостолите, како што и денес на нас ни зборува: „луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате во небото?“ Одговорноста не е време за стоење и гледање, туку активност, работа и сведочење. Да се има нов статус кај Отецот значи да се сведочи за Него. Да се навестува со своите зборови и дела, со цел и другите да се вклучаат во понудата за спасение.

Оној кој се вознесе, мисли и на секој свој верник. Охрабрувањето кое го чувствуваме додека погледот е вперен во небото, ни дава сила да го прифaтиме животот на нов начин, бидејќи ни се отвара нова смисла и можност за разбирање на животот овде на земјата. Христос сака да ни покаже, но и ние да покажеме дека Тој е постојано со нас, дека нашиот статус постојано е во согласност со неговиот повик. Тоа денес нека се случи на посебен начин свесни за нашиот статус во светот, кој не очекува и во оној во кој живееме.

Патишта на милоста/З.А

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот