Влегување Господово во Ерусалим – Цветници

Влегување Господово во Ерусалим – Цветници

Литургија за славното влегување во Ерусалим, Литургијата за Цветници, нè враќа во Ерусалим пред речиси 2000 години. Нешто порано пред тешките часови на својата мака, Исус на свечен начин влегува во својот град. Бил пречекан радосно и воодушевено. Се прашуваме: Зошто тоа? Затоа што сè набрзо се свртува против Исуса. Исус има свое толкување: тоа се случило за да се исполни Писмото, до крај да се оствари волјата на Отецот. На нас ни е тешко тоа да го сфатиме. Зарем е можен толку брз пресврт? Зарем може истото мноштво да воскликнува: Осана Сине Давидов! А неколку дена подоцна, на Велики петок, да го линчуваат со зборовите: Заслужи смрт! Распни го?! Дали човекот навистина е толку превртлив?

Маслинови гранки

Еден од важните и убави знаци кои денес ќе дојдат до израз ќе бидат маслиновите гранки. Се сеќаваме на историскиот настан кога Исус влегува во својот град Ерусалими луѓето спонтано му доаѓаат во пресрет. Сите биле радосни, препознавајќи го во Исус оној кој со векови го очекувале. Палмовите и маслиновите гранчиња ја направиле таа средба уште посвечена и поубава. Бидејќи тоа било неколку денови пред Исусовата мака на крстот, тој настан длабоко се врежал во сеќавањето на неговите ученици и е опишан во Евангелијата. Ние како верници денес на тоа се сеќаваме.

Исус доаѓа како мироносец во својот град. Никого не сака да загрози, никому ништо не му одзема. Никој од Него не мора да се плаши. Доаѓа за да даде, а не да земе. Таков бил целиот негов живот и таков се претставува на мноштвото во овој свечен час. Единствено ѓаволот може да се почувствува загрозен во своето царство на лагата, гревот и смртта. Човекот во Исус го препознава својот Откупител и Спасител.

Меѓутоа злото не се предава толку лесно. Луѓето помирени со своите грешни навики, исполнети со поинакви очекувања, неподготвени за вистинско одење со Исус, влегувајќи во процес на преобраќање почувствувале дека Исус може да го загрози нивниот досегашен начин на живот. Секој сака промена на светот и промена на луѓето околу себе, но самиот не сака да се менува. Секој сака пријатен и лесен живот. Од Исуса очекува како ветениот Месија тоа да му го пружи. Меѓутоа бидејќи тоа не се случува, бидејќи Исус својата чудесна моќ нема да ја употреби за секојдневно да им го умножува лебот и да ги лиши од туѓата тиранија, тие заминуваат од Него и го забораваат часот кога воодушевено го поздравуваа како свој избран цар и кнез на мирот.

Маслиновите гранчиња и денес им се даваат на верниците за да ја збогатат ова единствена недела во годината. Тие се благословуваат во црквата и повторно стануваат знак за да го препознаеме со вернички восклик Исус како свој Спасител. (…)

Маслинката е и знак на нашето соединување со Исус. Со искреното одење со Исус може тој знак на мирот и надежта да стане појдовна точка за подобар свет. Додека во црквата и во славењето го имитираме она што некогаш се случило во Ерусалим, да го сфатиме тоа и како опомена да не излеземе од поворката која го следи Исуса. Затоа што упорно и верно одејќи по Него ќе бидеме доволно храбри и силни во себе да ги изградиме основите за вистинскиот мир.

Фра Звјездан Линиќ/к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот