Светиот Престол: Да се помогне на сиромашните земји да излезат од замката на долгот

Светиот Престол: Да се помогне на сиромашните земји да излезат од замката на долгот

Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации и други меѓународни организации во Женева одржа говор на Меѓувладина конференција на финансиски експерти за развој при Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој.

Профитот не е легитимен ако не гледа на целокупната промоција на човекот, на универзалната распределба на добрата и на давањето предност на најсиромашните – рече надбискупот Иван Јурковиќ постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации и други меѓународни организации во Женева, во говорот кој го одржа на Меѓувладина конференција на финансиски експерти за развој при Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој.

Долгот еден од најголемите проблеми

Претставникот на Светиот Престол во таа прилика нагласи дека еден од најголемите проблеми на земјите во развој е долгот во кој се наоѓаат и наведе податок за пораст на меѓународниот долг на тие земји во последната деценија за 8,5%. Поголемиот дел од тие земји кои Меѓународниот монетарен фонд ги смета за земји со висок ризик се наоѓаат во Субсахарска Африка. Тоа е неодржливо оптеретување кое ја доведува во ризик целокупната африканска економија – рече надбискупот Јурковиќ.

Важноста на етичките принципи во економијата

Порастот на меѓународниот долг на земјите во развој е последица на актуелната глобална економска криза – рече монс. Јурковиќ. Сегашниот систем не е во согласност со својата вистинска природа, која дава предност на користењето на обновливите извори на енергија, ја промовира реалната економија, и благосостојбата и развојот на секој човек. Глобалната финансиска криза од 2008 година јасно покажа дека актуелниот економско-финансиски систем пак промовира ширење на матни финасиски иновации кои одат паралелно со реалната економија и тешко може да се предвиди ризикот – предупреди надбискупот.

Светиот Престол е уверен дека во расправата за економските прашања не смеат да се занемарат етичките принципи како слободата, праведноста и солидарноста, чија цел е промовирање на интегрален човеков развој и поставување на човекот во центарот на светскиот економски систем. Тоа значи дека треба да ги препознаваме вредностите на економските стратегии кои пред сè имаат за цел да ја промовираат еднаквоста и кои водат кон интегритет на секој човек – рече надбискупот Јурковиќ.

Пазарите треба да служат за интересите на народите и за заедничкото добро на човештвото

Делегацијата на Светиот Престол апелираше до Конференцијата на Обединетите нации за трговијата и развојот и до меѓународната заедница да поддржат меѓународен економски модел кој е погоден за развојот и во кој сиромашните земји би можеле да го искористат надворешниот долг на продуктивен начин за да го заштитат доброто на своите граѓани. На крајот од излагањето надбискупот Иван Јурковиќ го цитираше папата Фрањо кој на Конференцијата за влијанието на вложувањата на сиромашните во јуни 2014 година рече дека е важно етиката уште еднаш да ја одигра својата улога во финансискиот свет и пазарите да служат за интересите на народите и за заедничкото добро на човештвото.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот