Верата го победува духот на светот кој предизвикува поделби

Верата го победува духот на светот кој предизвикува поделби

Ако не го љубите братот, не можете да го љубите Бог!

За конкретно да Го љубиме Бог мора да ги сакаме браќата односно да се молиме за нив, за оние кои ни се мили и за оние кои не ни се, па и за непријателите. Не смееме да дозволиме во нас да завладее љубомората и зависта, не смееме да озборуваме затоа што тоа ги уништува луѓето – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта во четврток 10 јануари 2019 година и истакна: За така да љубиме силата ја дава верата која го победува духот на светот кој е лажец и носител на поделби.

Папата се осврна на првото читање од денешната Литургија од Првото Послание на свети Иван апостол (1Иван 4,19-5,4) кое зборува за световноста. Кога вели: „Оти секој, кој е роден од Бога, го победува светот“, зборува за секојдневната борба против духот на светот кој е лажец, дух на привид и без постојаност, додека Духот Божји е вистинит. Духот на светот е дух на суетата, нема во себе сила, ниту темел. Тој е дух кој ќе пропадне како карневалски колачи кои не се цврсти. Полни се со воздух, таков е и духот на светот, полн со воздух и измами, затоа што е дете на таткото на лагата.

Иван апостол ни го нуди конкретниот пат на Духот Божји кој „не си го губи времето“ со фантазии: зборовите и делата се иста работа – рече Светиот Отец и истакна, ако имате Дух Божји ќе правите добри работи. Иван апостол кажува една секојдневна работа: „Оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? Ако не сте способни да го љубите она што го гледате, како ќе го љубите она што не го гледате? Тоа е фантазија. Љубете го она што го гледате, што можете да го допрете и што е вистинско, а не фантазија која не ја гледате.

Ако не сте во состојба да го љубите Бог во конкретното, не е вистина дека Го љубите Бог – рече папата Фрањо и нагласи: Духот на светот е дух на поделба и кога се меша во семејството, во заедницата, во општеството секогаш создава поделби. Поделбите се зголемуваат и доаѓа до омраза и до војна. Иван апостол оди понатаму од тоа и вели: „Ако некој рече: „Го сакам Бога”, а го мрази својот брат, лажец е“, односно дете на духот на светот кој е чиста лага и привид. Тоа ќе ни помогне ако добро размислиме: Го љубиме ли Бог? Но, да погледнеме и како го љубиме својот брат.

Папата наведе три знаци кои покажуваат дека не го сакаме братот. Првиот знак е прашањето кое сите треба да си го поставиме: Се молам ли за луѓето? За сите, за конкретни, за оние кои ни се мили и за оние кои не ни се; за оние кои ни се пријатели и оние кои не ни се. Вториот знак е кога нè обзема љубомора и завист и сме во искушение на другите да им посакаме зло. Тоа е знак дека не љубиме. Да не дозволиме да се развиваат тие чувства, опасни се. Освен тоа, најчестиот знак да не го љубиме ближниот и заради кој не можеме да кажеме дека го љубиме Бог е озборувањето.

Да го прифатиме тоа јасно во срцето и во главата; ако озборуваме не го љубиме Бог затоа што со озборувањето уништуваме некој човек – рече Светиот Отец и објасни, озборувањето е како бонбони добри се, една повлекува друга и после тоа ни го расипуваат стомакот. Затоа што е убаво, слатко е да се озборува, изгледа убава работа, но уништува. Тоа е знак дека не љубите. Ако некој престане да озборува, многу е блиску до Бог затоа што не озборувајќи го чува ближниот и Бог во ближниот.

Духот на светот се победува со духот на верата – рече папата Фрањо и напомена: Треба да веруваме дека Бог е во нашиот брат и сестра. Нашата вера го победува светот. Само со многу вера може да се напредува на тој пат, а не со добронамерни човечки мисли. Тие помагаат, но не користат во таа борба. Само верата ќе ни даде сила да не озборуваме, да се молиме за другите, па и за непријателите и да не попуштиме на љубомората и зависта. Господ со тој дел од Посланието на свети Иван апостол од нас бара конкретност во љубовта. Треба да се љуби Бог, но ако не го љубите братот, не можете да го љубите Бог. Ако кажете дека го љубите својот брат, но всушност не го љубите, туку го мразите, вие сте лажливци – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот