Величествена благодарна понтификална света Миса на плоштадот Македонија во чест на Мајка Тереза

На 11 септември 2016 година во Скопје родниот град на Света Мајка Тереза на плоштадот Македонија односно во близина на темелите на родната куќа на светицата се служеше свечено Евхаристиско славење по повод благодарност за дарот на канонизаицијата на Света Мајка Тереза. Светата Миса ја предводеше посебниот делегат на Светиот Отец папата Фрањо, надбискупот митрополит врхобосански и претседател на Бискупската конференција на Босна и Херцеговина неговата еминенција Винко кардинал Пулиќ.

Со кардиналот Пулиќ и месниот бискуп на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија монс. д-р. Киро Стојанов во концелебрација беа присутни: надбискупот и митрополит белградски монс. С. Хочевар, надбискупот скадарски (Албанија) монс. А. Масафра; епископот суботички (Србија) монс. д-р. Ј. Пензеш, бањалучкиот епископ (БиХ) монс. д-р Ф. Комарица, жилинскиот епископ (Словачка) монс. д-р Т. Галис, мукачевскиот епископ (Украина) монс. д-р М. Шашик, бискуп – апостолски егзарх во Србија монс. д-р Џ. Џуџар, бискуп и Апостолски администратот на Косово монс. Д. Џерџи, бускупот на Лес (Албанија) монс. О. Витале, постулаторот за каузата за Мајка Тереза о. Брајан Колодејчук, секретарот на Апостолската нунцијатура за Република. Македонија монс. Г. Квиригети, директорот на администрацијата на Папскиот универзитет Урбанијана во Рим монс. Р. Белицио, генералниот викар на ѓаковско осиечката надбискупија монс. И. Чуриќ, генералниот викар на дубровничката бискупија монс. П. Палиќ, провинцијалот на оците Лазаристи во Словенија патер Павле Новак и многу свештеници од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Словачка, Украина и Италија.

На почетокот на Евхаристиското славење секретарот на нунцијатурата монс.Квиригети ја прочита булата на папата Фрањо чиј превод на македонски го изрече о. Зоран Стојанов, а во која меѓу останатото содржи: „Со силата на ова Писмо те именувам за НАШ ПОСЕБЕН ДЕЛЕГАТ и ти доверувам во наше име во Скопје на ден 11 септември го предводиш литургиското славење за благодарност за канонизацијата на блажена Тереза од Калкута девица која ќе биде прогласена за светица на ден 4 истиот месец во Рим. Пренеси им ја на сите верници христијани и на сите луѓе со добра волја кои таму ќе се соберат нашата духовна близина и со зборовите на апостолот: „Бидете наследователи Божји… и живејте во љубов како што и Христос нѐ засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.“ (Ефес 5, 1-2) сите охрабри ги за вршење на заповедите на љубовта и на обновување на љубовта во семејствата и во јавните прилики.“

Потоа сите присутни ги поздрави домакинот, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов велејќи:„Колку е убаво денес да се биде на ова место на кое на 26 август 1910 година изникна еден цвет во нивата на Божјата црква! Осумнаесет години таа беше наша сограѓанка, а подоцна почесна граѓанка на својот роден град. Во овој град таа прими воспитување од своите родители и од Црквата, всушност ги прими темелите на својата вера и повикот за мисии. Цвет, кој израсна во огромно стебло и чии што плодови денес радосно ги славиме. Дадена ми е милоста денес да ви се обратам до вас, кои се собравте овде заедно да ѝ изразиме почит на онаа која Црквата пред една седмица ја воздигна на олтарот како светица во Католичката црква.

Во пригодната проповед кардиналот Пулиќ истакна: „На почетокот на оваа проповед искажувам благодарност до папата Фрањо за довербата која ми ја подари именувајќи ме за свој личен делегат на оваа славење. Тој ме овласти во негово име да го поделам апостолскиот благослов на сите вас присутни на оваа славење како и на целата земја и на сите народи во неа. Ѝ честитам на оваа земја и на овој град кој создаде толку голема личност која е позната во цел свет затоа што зборуваше со јазикот кој го разбира цел свет, а тој е говорот на милосрдната љубов.

„Прво, на вас драги браќа и сестри Мисионерки на љубовта. Ви честитам за тој прекрасен дар што сега имате сигурна застапничка во небото. Таа вас ве следи. Не само што ве основа како заедница, таа ве следи и вие сега на земјата сте нејзината продолжена рака. Токму тоа што таа го замислила, што го живеела вие продолжете го таму каде што Бог, провидноста Божја ве испраќа. Вие всушност говорете го истиот јазик, јазикот на Христовата љубов. Тоа што таа вистински и го правела. Градот Скопје и оваа земја Македонија може да бидат горди затоа што едно дете на овој град, на оваа земја ја донесе низ целиот свет славата Божја со својата херојска христијанска љубов и служење. Кој ќе ја спомне оваа светица ќе го спомнува и овој град и оваа земја од каде што потекнува.“

„Но, на посебен начин сакам да дадам признание што сте сфатиле и препознале дека треба да се вреднува таа голема жена која целиот свет ја нерекува мајка. Денес кога мајчинството е толку обезвреднувано и сите чувствуваме колку е убаво што можеме да ја нарекуваме мајка. Тоа е така, и Папата кога ја прогласи за светица рече: „Научивме да ја нарекуваме блажена и како сега ќе ја нарекуваме света?“ А потоа рече: „Најдобро да ја нарекуваме мајка.“

„Верувам дека ја препознавте таа убавина и големина па сакавте од благодарност кон неа да го дадете на некои институции и објекти нејзиното име; болници, автопати, да изградите споменик. Но, овде сакам да поттикнам: чувајте го сеќавањето, но и вдахновението затоа што љубовта донесува вистинска среќа на луѓето. Колку ние да се трудиме да градиме, изградуваме нема да има среќа ако нема љубов. Тоа е и она што го кажав дека зборуваше со јазикот кој цел свет го разбира, а тој е говорот на љубовта. И тогаш во американскиот Конгрес без страв ги повика сите конгресмени да се борат за животот, против абортусот. Една обична жена храбро пред сите моќници на светот го дигна гласот за одбрана на невиното и обесправено дете кое се убива пред раѓање. И тоа истото го повтори кога ја прими Нобеловата награда. Сега сите мислеа дека таа затоа што доби награда за мир ќе одржи фантастичен говор за мирот, таа токму тоа го започнува: „Како ќе градиме мир ако го убиваме нероденото дете?“ Тие сите останаа изненадени пред нејзиниот јасен став: одбрана на животот. Народот кој не го сака животот нема иднина. Таа тоа толку јасно го постави затоа што животот е дар Божји. Бог го дарува животот. Човекот е соработник во прифаќањето и воспитувањето на животот. И затоа сакам на некој начин тој нејзин став денес да го направам присутен било каде ја прифаќаме, почитуваме, молиме да се и вдахнуваме.

„Денес Му благодарам на Бог што нѐ обдари со ова прекрасно битие кои сите ја нарекуваме мајка. Како што кажав, нејзиниот јазик сите го разбираа затоа што зборувала со делата на љубовта. За да може да зрачи со Божествена љубов пред светохранилиштето црпела сила, како што вели Евангелието дека од него излегува сила. Мајка Тереза го препознала Исуса во секој страдалник, болен и сиромашен. Нека ни измоли такво срце и такви очи во човекот да го препознаеме Божјото лице. Нека ни помогне да го научиме говорот на љубовта кој се преведува во дело. Нека ни ја измоли онаа љубов за децата и неродените за да знаеме да го сакаме животот и да се подготвиме за животот вечен. Нека ни биде и пример и застапничка за да воодушевуваме за Исуса, тогаш од таа љубов и ќе го препознаваме братот во секој човек.

„Земјо Македонијо, биди горда на оваа мајка, која стана мајка за целиот свет. Посебно вие драги верници, кога ќе паднете со духот и ќе бидете во опасност да ја загубите надежта, вдахнувајте се со оваа прекрасна Мајка, која ќе ви помогне и на вас со нејзиното застапништво. Вие мајките, кои сте го зигубиле достоинството на мајчинството, повратете го преку почитувањето на оваа Мајка. Вие кои се плашите од животот, учете од светата мајка, колку е голема силата на верата, со која се прегрнува крстот и силата на жртвата го менува ова болн јавно мислење. Не го заборавајте овој ден и овој настан, секој ден нека ви биде вдахновение да живеете со надеж, правејќи дела на милосрдието“, рече кардиналот.

По Символот на верата даровите ги принесоа: Леб, корисниците од народната кујна кај сестрите Мисионерки на љубовта; вино, како симбол на радоста во животот принесоа сестрите Мисонерки на љубовта; семејството о осум деца, Вуковиќ принесоа кошница со плодови на земјата кои се симбол на верноста и плодноста, доверба и трпеливост, солзи и насмевка, шртвување и заедништво; богатства кои го прават семејството скапоцен камен на Божјото создавање. Аниматорите за пасторал со малди принесоа македонски превод од книгата на папата Фрањо „Божјото име е милосрдие“, која излезе за време на Јубилејот на милосрдието во знак на благодарност за дарот на писменостз која преку славните синови од овие краеви свети Климент Охридски и неговите ученици помага да се открива силата и убавината на верата; децата со посебни потреби во знак на благодарност за животот на Мајка Тереза принесоа букет цвеќе кое со своите бои потсетува на Македонија, а пријатниот мирис на цвеќето повикува на вечност.

На крајот од Мисата Скопскиот бискуп се заблагодари најпрво на Папскиот пратеник кардинал Пуљиќ за неговите зборови на охрабрување, како и на бискупите, свештениците, монасите, монахињите, посебно на сестрите од Мајка Тереза и присутната врховна поглаварка с. Марија Према. Истот така се заблагодари за пружената рака и соработка на генералниот покровител на Татковиснката прослава „Денови на света Мајка Тереза“, претседателот на Република Македонија, г-дин д-р Ѓорге Иванов, како и на почесниот одбор и сите културни, државни институции, како и на општината, волонтерите, пејачите и средствата за информирање

Потоа бискупот Стојанов го прочита декретот со кој капелата во „Спомен куќата на Света Мајка Тереза“ во Скопје ја прогласи за светилиште на Мајка Тереза. Откако го прочита декретот, во знак на благодарност бискупот додели златни медалјони со ликот на Света Мајка Тереза и тоа на: Папскиот делегат кардинал Пуљиќ, претседателот на Република Македонија Иванов, врховната поглаварка на Мисионерките на љубовта с. Марија Према, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски, а еден медалјон е наменет и за директорката на комисијата за верски заедници и религиозни групи Божиновска, која поради оправдани причини беше отсутна.

На крајот се обрати и претседателот на Република Македонија и генерален покровител на прославата, г-дин Ѓорге Иванов кој рече: Но, кога зборуваме за Мајка Тереза, треба да знаеме како нашата сограѓанка стана светица на светот. Нејзината моќна визија набргу стана реалност. Редот на милосрдието растеше и по бројот на сестрите, но и по својата мисија, за да може да опфати што повеќе категории од најранливите членови на општеството. И дека сè што прави, таа прави за Христос и поради Него.

И така, сестра Тереза стана позната како Мајка Тереза или мајка на милосрдието. Со нејзината отвореност, топлина и почит кон соговорникот, таа правеше секој човек да се чувствува прифатен. Мајка Тереза беше препознаена и наградувана. Но, и покрај врвните светски признанија, таа остана неверојатно понизна. Затоа, и кога во 1979-та ја примаше Нобеловата награда за мир, таа ја употреби за да изгради дом за бездомните. Со редот на милосрдието, Мајка Тереза спаси милиони животи и ја врати свеста за вредноста на човечкиот живот, за неотуѓливото човечко достоинство. И постојано, таа потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување.

Лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок ја прифатија мојата покана и дојдоа на канонизацијата во Ватикан. За жал, лидерите на двете најголеми партии од албанскиот блок не успеаја да се издигнат над дневнополитичките тензии и недоразбирања. Не смееме само на име да се нарекуваме верници, туку дека мора да помагаме, се додека не нè заболи. Затоа што вистинската љубов боли.

Таа би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста, порача претседателот Иванов.

За време на Мисата пееше катедралниот хор под водство на сестра Татјана Атанасова и Дамир Имери, а со церемонијата раководеше скопскиот парох дон Давор Топиќ.

Едночасовната програма пред свечената понтификална Миса беше исполнет со тематски мисли на света Мајка Тереза, како и со хорски песни и кореографија, чие што сценарио го состави Катица Трајковска Абјаниќ.

к.мк

фотографии на ФБ

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот