Велики Петок 

Дали сме слаби или пак сме силни?

Сакаме ли да оставиме впечаток и да фасцинираме? Имаме ли потреба постојано да бидеме фаца во друштвото? Затоа во светот расте конкуренцијата за моќ и трката за вооружување.

Но поврзани ли се тие со Бог и каков е нивниот бог? А што е со оние кои се слаби, незаштитени, ранливи? Мисли ли некој на нив? Што е со нивниот Бог? Денес Црквата стои на Исусовиот гроб и изгледа чудно во тој свој чин.

ДЕНЕС РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА ЦЕНАТА ПЛАТЕНА НА КРСТОТ и за секоја капка крв од раните на Спасителот. Ако погледнеме кои го испратиле на крстот, ќе видиме дека тоа биле слични на овие денес кои оставаат впечаток на сила, моќ и контрола.

Чудни ли сме сите ние кои сè уште се држиме за Распнатиот? Зарем Он не е победен, а заедно со него и ние? Сепак, уште нешто почудно е во сето ова: се чини дека тие „јаки“ бегаат од крстот како да се плашат и покрај сета своја сила.

Кој би го сфатил тоа, но силата на Бог е сокриена во неговата ранливост. Тоа го најави уште она детенце во Витлеем, онака голо и изложено. Таму започна ранливоста на Бог која го отвора патот на спасението.

СИЛАТА НА БОГ Е ВО РАСПНУВАЊЕТО И ПАТОТ НА СПАСЕНИЕТО Е ВО НЕГОВИТЕ РАНИ

Нашиот Бог целосно се изложи…, и не го сокриваше своето лице пред навредите и ударите. Се чинеше дека е победен и немоќен, но токму тогаш започна непрекинатото привлекување кон себе. И кога јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе – најави.

И навистина така се случи. Силата Божја се сокрива во слабоста и затоа припаѓа на слабите, ранливите… И свети Павле тоа го сфати, па можеше да каже – уште повеќе ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова.

ПАТОТ ДО ХРИСТОС Е ВО ИЗЛОЖЕНОСТА…, затоа што во Христовиот крст се сместени сите човечки неуспеси. Во тоа е чудото на „Божјото трпение“, и тогаш  ранливоста на љубовта даде сè од себе. ЗАТОА ПОБЕДАТА Е ЦЕЛОСНА…

Исус Христос, Син Божји, за нас таму ВИСИ КАДЕ ШТО СМРТТА СÈ ОДЗЕМА  ЗА СÈ ДА Ѝ ОДЗЕМЕ

Да гледаме во Крстот

Она што Исус го направи, го направи за мене… Она што Исус го направи, ги обележа секое чело и душа. Крвта која протече од неговите рани има универзално значење.

Не можеш да ја избегнеш неа, ниту е можно да се сокрие на крстот. Со неа доаѓа она што те иритира или ослободува, во зависност од тоа како ја доживуваш.

А за да се разбере целата длабочина на она што се случило, како што пишува еден писател, не е доволно само да се гледа во крстот, туку  потребно е да се гледа на крстот. На крстот целата бедност на светот станува воочлива.

На крстот се гледа она што светот не го гледа, она што логиката на светот го избегнува. Затоа Исус на крстот кажува – Оче прости им зашто не знаат што прават. Сè додека човекот е набљудувач, останува долу каде што владее незнаењето, слепоста и само љубопитноста.

И тоа е голема вистина која сите нас нè погодува, затоа што на сите нас ни е многу полесно да говориме за крстот отколку да бидеме распнати. Но Крстот нè соочува со она што секој од нас моментално е, ја обелоденува нашата лага и нашето празно фалење и состојбата со нашата (не)вера.

Но дури на крстот можеме да ја запознаеме вистината затоа што горе таа проговара ослободена од ограниченоста на нашата несигурност. Кога дозволуваш Крстот да те привлече, тогаш се ослободуваш од незнаењето кое владее во светот.

ВО КРСТОТ е тајната која го претвора проклетството во благослов, смртноста и разочарувачкиот отров во лек на бессмртноста. Затоа денес секој христијанин приоѓа кон крстот, му се поклонува и го бакнува, бидејќи болката која се случила на него станала лек за секоја човечка болка и спасоносна сила која избавува од хистеријата и очајот.

Затоа човекот кој му предава чест на Крстот не очајува, тој во себе носи убедлива надеж и зацврстена со фактот дека Бог толку многу го љуби… Затоа хритијанинот пее за крстот, пее за крвта, пее за раните… БИДЕЈЌИ ХРИСТОС НА КРСТОТ СÈ ПРЕТВОРИ ВО ПОБЕДА НА ЖИВОТОТ.

Доминиканци.хр/к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

 

За авторот