Великиот пост во Јубилејната Година на Милосрдието

Постот преставува вистинско духовно и телесно огледало за секој од нас. Секој треба да ја сфати големината и значењето на Велигденскиот пост. Нашиот Спасител Исус Христос страдаше и беше на Крстот распнат само да нѐ откупи од нашите гревови, да ни дарува спасение и вечен живот.

Светата Црква преку параболите за Митарот и Фарисејот, Блудниот син и Месопосната недела на страшниот Христов суд, телесно и духовно не подготвува за Големиот Велигденски пост кој оваа година започнува на 14 Март.

Нашиот Спасител Исус Христос нѐ повикува на покора молитва и милосрдие, за да се потготвиме достоинствено да го прославиме Неговото Воскресение. Времето на постот е време на едноставност, а не време за љубомора, завист, омраза и сѐ друго што не наведува на недобри работи.

За жал многу луѐе сметаат дека постот завршува со посна храна и дека тоа е доволно… Но, тоа не е така, храната доколку можеме треба да биде помалку слатка, но најважно за нас е да ја зголемиме молитвата, покората и понизноста со покајанието. Тоа е време за обновување на нашиот духовен живот. Христијанскиот живот и покората се тесно поврзани помеѓу себе. Доброволниот Крст, т.е. доброволната обнова во нашиот живот за време во постот за некои можеби ќе биде намалување и откажување од јадењето, за други пак совесно извршување на своите секојдневни задачи во работата, семејството, заедницата итн. Но, посебно во оваа време треба да се грижиме за молитвата, треба темелно да ги обновиме утринските и вечерните молитви, молитвата во семејството, пред и после јадење…

Треба темелно да си го испитаме нашиот духовен живот, да се запрашаме: Кој сум јас? Што сум јас? Зошто живеам? Зошто сум на овој свет? Дали се трудам да го живеам својот живот споредволјата Божја или ги игнорирам Божјите заповеди и сакам само тука на земјата да ми биде како јас што сакам. За сето тоа треба добро да се испитаме и да кажеме: Да јас сакам да живеам по Божјите заповеди, затоа што сакам да влезам во Божјето Царство, каде што е вечна радост и среќа.

Обично сите ние сме луѓе и живееме од ден на ден. Преокупирани со свои секојдневни задачи, грижи, проблеми и сѐ друго што ни го носи нашиот секојдневен живот. Често пати може да се слушне од нас луѐето, јас сум во право, а тој е во криво, или нема правда на овој свет.  А кои се праведници? Праведници се тие кои покажуваат голема љубов према најмалите Христови браќа. А кои се најмали Христови браќа? Тие се сиромасите, понижените и навредените, страдалниците и мачениците. Кој нив ги прима тој го прима Христос, кој нив ги отфрлува, тој го отфрла Христос.

Навистина има бројни Христови браќа на кои им е потребна помош. Еден убав топол наш збор, може да го спаси очајниот човек и да му ја врати верата во живот. Едно парче леб или една чаша вода, тоа се запишува на небото, само ако се пружи во името Исусово.

Секој човек постојано е изложен на искушенија, а посебно сега во постот искушенијата се уште поголеми, па затоа ни е потребна молитвата и понизноста. Ако ја занемариме молитвата, искушението може лесно да се претвори во грев. А кога човек паѓа во еден грев, тогаш лесно доаѓа и друг, трет и ќе се собераат повеќе гревови, тогаш не ни даваат мир, па почнува да доаѓа нервоза, неслога во заедницата и семејствата, расправија, завист, љубомора и сѐ друго кое е штетно за нас и нашите ближни. Ако молитвата е постојана, нема да дозволи искушението да се претвори во грев, бидејќи таа е духовен меч и штит на нашето тело.

Не е ретко неправдата овде на земјата да е појака од правдата и тогаш невините страдаат. Не е ретко овде на земјата лагата да е појака од вистинита, а вистината некаде да е покриена, сокриена и молчи. Тогаш многу луѓе се лутат на Бога и говорат дека нема правда на овој свет, тогаш веднаш се осудува секоја неправда и бараме секој грешник веднаш да се казни. Што би се случило ако Бог за секоја неправда, грев или секоја наша грешка веднаш казнува. Затоа треба искрено да се загледааме во себе и искрено да одговориме: Кој би останал тогаш жив? Сите ние сме недостојни и затоа нема човек на овој свет кој не греши, исто така како што нема ни грешник кој би можел да се покае и поправи. Праведниците да продолжат по правиот пат, а тие кои имаат залутано, да го пронајдат и да се вратат на правиот пат. До вистинскиот пат се доаѓа преку пост, молитва и милосрдие.

Свети Иван Златоуст вели: „Милосрдието е дадено од Бога како заповед на љубовта; добро е милосрдието, со кое навидум се растура, а се собира во вистина, зашто како што земјоделецот и дава на земјата и од неа собира семиња, така и милостината навидум се дава на другите, а всушност стекнува оној што дал. Големината на милосрдието не се проценува според  мерката на парите, туку според тоа како се дава… дарежливоста не се цени според големината на дарот, туку според размерот што го има дарот во однос на богатството на дарителот. Царица на доблестите е милосрдието, кое како најдобар застапник, брзо ги отвора небесата за милостивите.“

Свети Иван Златоуст пак ќе рече: „Милостивоста е мајка на љубовта, лек за нашите прегрешенија, очистување на нечистотијата на нашите души, лествица поддржана на небесата, таа го врзува Христовото тело.“

За да можеме поубаво да го искусиме Воскресението Христово, од целиот тој циклус во Големио пост, Светата Мајка Црква преку неделните Евангелија нѐ подготвува на Големиот пост.

Главната порака во неделата на Митарот и Фарисејот е: „Секој кој ке се понижи ќе биде воздигнат, а секој кој се воздига ќе биде понижен“. Лк. 18.14.

Исус нѐ учи дека понизноста на секој од нас му е потребна за спасение. Читајќи и размислувајќи во таа молитва на фарисејот се прашувам, зошто тој човек воопшто дојдел во Божјиот храм. Нели тој е праведен и свет, ништо не му треба, тој така и прави, се фали и работи повеќе од што треба. Фарисејот ги понижува другите, а се воздигнува себе, мисли дека е тој совршен. Тука ја гледаме разликата во молитвите помеѓу фарисејот и цариникот.

Цариникот не оди напред да го видат лугето, но понизно во едно ќоше се моли, не се осудува ниту очите да ги подигне нагоре. Неговата молитва произлегува од понизното срце. Не гледа во никој, туку моли сам во себе. Бил грешен и ги признава своите гревови. Се удира по градите и вели: Боже биди милостив спрема мене грешникот. Со малку зборови тој кажува сѐ. Не се фали со добри дела и заслуги, туку во понизност го моли Бога да му прости што го навредил.

Во неделата на Блудниот син и милосрдниот татко, Исус Христос ни нагласува љубов и милосрдие.

Исус во таа парабола ни покажува пример за едно совршено покајание на младиот син и искрено преобраќање. Ни покажува еден најубав пример, како еден грешник се враќа кон Бога. Оваа парабола Исус ја раскажа кога фарисеите го критикуваа дека тој се дружи со грешниците. Фарисеите кога ќе сретнаа грешник оддалеку го заобиколуваа, мислејќи дека тие се чисти и праведни, а грешниците се тие што не можат да се поправат и покајат. Денес може да се каже дека е исто така , човечкото его ги заробува луѓето и другиот го гледаа грешен и неправеден. Господ Бог секогаш ја гледа љубовта во човечкото срце. За Бога никој не е изгубен, преку цел живот човекот има секогаш можност да се врати кај Бога, а Бог секогаш трпеливо нѐ чека со голема љубов, како што таткото го чека синот во параболата. За Бог секој човек е скапоцен, во секој човек ја гледа неговата бесмртна душа створена според Неговата слика и прилика.

Во Месопосната недела светата Црква нè потсетува токму на Праведниот Христов Суд, како подготвително размислување за деновите од Великиот пост кои наскоро ќе започнат. Тој ден е денот кога Господ Бог ќе се појави во светот само во Својата правда.

Го очекуваме ли ние тој ден или не, сепак, тој ќе дојде, зашто Божјото Слово доволно ни сведочи за тоа. Господ Исус Христос по вторпат ќе дојде на земјава, но овојпат како Праведен Судија, Кој ќе им суди на живите и на мртвите. Во тој ден Тој ќе му го открие на целото човештво лицето на Својата вечна правда. А светиот апостол Павле во нè учи: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“(2 Кор. 5, 10)

Во параболата на Страшниот суд милосрдието е најголемо од сите дела, зашто со него за мала цена го купуваме царството небесно, за мали привремени блага добиваме вечна слава.  Господ ни ги налага овие дела на милосрдие: да ги нахраниме гладните; да ги напоиме жедните; да ги облечеме необлечените; да примаме странци; да посетуваме болни; да ги тешиме несреќните; да им помагаме на затворениците.

Во Евангелието според Матеј25. 34-40 се вели: Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот! Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’

Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме? Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе? А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.”

Милостивиот не ги затвора ушите пред молбите на сиромашните, туку брза да им помогне. Кога му дава на оној што е во неволја, дава со љубов и сострадание и кога му подава на сиромашниот, лицето му е ведро, зашто срцето му се радува заради милостината, оти му помогнал на ближниот. И милостивиот е возљубен од Бога и се спасува во денот на опасност, зашто Бог го љуби оној што со радост дава. Милостивиот дава милостина тајно, бидејќи срцето му е водено од љубовта кон ближниот, а не од желбата за слава. Тој не се радува на раскошот и уживањата, туку на своето доборотворство. Зашто тој живее за љубов кон ближниот и својата љубов кон Бога ја исповеда преку љубовта кон ближниот.

Милостивиот го прима оној во тага, не ги одвраќа очите од оној во неволја, ниту лицето го врти од сиромашните, не се гнаси да му подаде рака на братот кој бара. На гладниот му го дава лебот свој, ги напојува жедните, ги покрива сиромасите, ги облекува голите, им помага на страдалниците, ги посетува затворениците и нагостува тугинците. Раздава милостиво, надевајќи се во Господа и така на небото стекнува богатство. Милостивиот како плодна маслина во домот Божји, никогаш не останува без надеж во Бога, туку таа секогаш му цути па наликува на вечно расцветано дрво, тој на сите и во секое време им дарува изобилна милостина. Блажен е милостивиот зашто ќе биде наследник на Царството, приготвено од почетокот на светот.

Бога треба да го сакаме со целото срце, со својата душа и со своите мисли, односно со целиот разум, а ближниот свој онолку колку што се сакаме самите себе. Бог треба да влезе во нашето срце, да ја освети нашата душа и да ја очисти, и да влезе во нашиот ум, за да би го научил на мудрост. Само мудриот човек може да го сака својот ближен како себе си.

Љубовта кон Бога во суштина е љубов кон себе, желба за спасение. Оној кој го сака Бога, својата љубов ја пренесува и на луѓето, и ги сака со целото свое срце, душа и мисла, како и самиот себе. Срцето, душата, мислата и умот заедно го сочинуваат целиот човек.

Со Сиропусната недела почнуваме конкретно да се подготвуваме за Великиот пост.

Во Евангелието од Сиропосната недела Исус ни порачува три главни пораки: прво за опростување на гревовите, второ постот и трето вистинското богатство.

Исус Христос ни порачува: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги опрости вашиот Отец небесен; ако пак не им ги простите гревовите на луѓето, и Вашиот Отец нема да ви ги прости.“ Матеј 6. 14-15.

Звучи строго, но тоа е Исусовата порака, и треба да ни биде јасно, прва и лична карактеристика за еден христијан што треба да направи е: да се помири со Бог и да побара простување од сите. Додека тоа не го направи ние не можеме да направиме ниту мал чекор кон Бога, ниту ќе добиеме опростување од Него.

На друго место Исус пак слично ќе рече: „Секој што ќе ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен“. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ѓе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ Матеј. 10. 32-33

Свети Иван Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.

Секој пост има смисла и клучот за здрав и долг живот е здрава душа, и помирување со Бога, самиот себе и ближниот.

О. Тони Ангелов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот