Велигден – трет ден

Велигден – трет ден

Светиoт Евангелист Иван, сведок на настаните после Воскресението Христово, ни носи на едно место две средби со Воскреснатиот Исус. Едната се случила на денот на Господовото Воскресение, а другата една недела подоцна. На тие две средби Исус ги развеселил присутните и со своите зборови ги охрабрил своите ученици. Што им рекол? Им го рекол тоа што во моментот им било најпотребно. Ги поздравил со зборовите: „Мир вам“ (Ив 20,19). Воскреснатиот Исус на своите им го носи мирот и радоста. И тоа не мирот кој го дава светот, туку мирот на внатрешното исполнување, мирот на душата и срцето, мирот за кој копнее човечкото срце.

Мирот не е резултат на војната. Мирот на старите Римјани (Pax Romana), или мирот на денешните Американци (Pax americana) не можат да го утешат човечкото срце. Само христијанскиот мир (Pax Cristiana) кој ни го дава Воскреснатиот Спасител може целосно да го смири човечкото срце и да му донесе трајна среќа и радост. За таков мир треба да го подготвиме своето срце. Мирот кој го дава Воскреснатиот Христос бара чисто срце и вистинска вера. Христовиот мир да може да се прими и во него да се ужива, потребно е да се биде во мир со Бога и со ближните. Бидејќи со своите гревови често го нарушуваме нашиот однос со Бога и со луѓето, потребно е силно духовно средство со кое ќе може да ги ублажиме нашите односи со Бога и со ближните. Тоа е Светата Тајна Исповед. На денот на Воскресението Исус им дувна на своите ученици и им рече: „Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе се задржат.“ (Ив 290, 22-23).

Бог секогаш простува кога искрено и понизно се покајуваме. Бог ужива во тоа да биде милосрден. Во евангелието читаме како Исус само на своите ученици им рекол дека може да ги задржат гревовите. Но сепак свештениците не смеат никому да ги задржат гревовите ако се исполнети сите потребни услови, а тоа се искреното признавање и понизното каење. На нас гревовите ни се простуваат преку силата на Христовата пролиена крв. Затоа, Оној кој од љубов за нас ја пролеал својата крв и умрел на крстот, имал право и да одреди како ќе ни се простуваат гревовите. Тој тоа и го одредил со горенаведените зборови. Ние едни на други може да си ги исповедаме своите гревови, и тоа може психолошки да ѝ помогне на душата да ја намали нејзината вознемиреност, но тоа е само психотерапија. Светотаинското разрешување пак ја ослободува душата од вината и ѝ го носи мирот на Воскреснатиот Исус. Тоа е редовен пат по кој грешниот човек се помирува со Бога и ближните, односно со Црквата.

Кога една личност е оптоварена со чувство на вина, таа во себе нема мир, ѝ ја разорува болката која и ја мачи душата, а многу бргу преминува и на телото. Личноста која ја мачи чувството на вина заради направените гревови, на различни начини бара како да се ослободи од овој терет кој ја уништува одвнатре, а понекогаш тоа е видливо и однадвор. (…) Постојат познати случаи дека луѓето оптеретени со чувство на вина несвесно на себе си нанесуваат зло, доживуваат различни несреќи, се впуштаат во различни и за нивниот живот опасни дела, не знаејќи дека на тој начин френетично бараат разрешување на вината која ги мачи длабоко во душата.

Вината некое време може и да се потисне, но не може на долго време да се издржи. Порано или покасно ќе ка оптерети душата, а потоа и телото. Карл Густав Јунг, син на протестански пастор, бил уверен дека католиците помалку заболуваат од душевни болести бидејќи ја имаат Светата Тајна Исповед во која може да се избришат најогромните вини.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Духовност
Ознаки Велигден, мир

За авторот