Велигденска честитка на монс. Стојанов до духовните лица и верниците

Велигденска честитка на монс. Стојанов до духовните лица и верниците

Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христос воскреснатиот – се наоѓаме на врвот на литургиската година празнувајќи го најдлабокото таинство на нашата вера – Христовото страдание, смрт и воскресение. Иако секоја година често со исти литургиски текстови го овистинуваме тоа таинство на спасението, сепак секоја прослава за секој од нас секоја година е единствена и неповторлива. Со силна и богата порака на Божјото слово кое овие денови ни се нуди, сепак Светиот Дух самиот ќе одреди тоа што Бог треба да ни прозбори за овогодишниот Велигден.

1. Литургијата на светото Тродневие повеќе од било кога во црковната година не само со зборови туку и со многуте симболи се обидува да ни предочи тоа што се случило, но уште повеќе сака да не воведе во тоа што се случило. Никогаш не е од повеќе да се потсети дека литургискиот говор, дури и симболичен, никогаш не е претстава туку начин на кој ние луѓето се обидуваме да го искажеме тоа што го чувствуваме. Многу симболи јасно се овековечени со традицијата и станале составен дел од празнувањето на Велигден. Сакам да ви обратам внимание дека тоа е многу важно – тој говор на симболи – но и многу опасно, ако само на него остануваме или уште полошо, ако тој говор и зборови и симбол не го разбираме. Затоа ги замолив браќата свештеници што ги предводат литургиските прослави да објаснувајќи ја смислата на поедини симболи и гестови да овозможат што подобро разбирање на светите обреди. Вас почитувани верници посебно ве молам за смиреност и побожност. Велигден не е празник на обичаи, туку исклучиво празник на доживувања на нешто што може да се нарече нов почеток, нов човек, празник на св. Потврда и Евхаристија.

2. Велигден како празник е и најдлабока духовна обнова. Ние како луѓе сме потчинети на промени и како што сега во пролетта се обновува целата природа некако и нас не повикува и ние да се обновиме во нашиот живот и верската пракса. Централната смисла за Велигден е обновата на нашите крстни ветувања. Всушност би рекол обнова на нашето крштење. Сигурно дека ќе ја нема таа обнова ако во празнувањето за Велигден влеземе со старите грешни навики. Незамисливо е да се празнува Велигден а да не се сака да се ослободиме од робувањето на гревот. Најголемото отуѓување на човекот пред сè денес е губењето на чувството за зло како зло, а при тоа без да се спротивставиме на тоа дека со тоа се губи и чувството за вистинско добро како добро. На тој начин стануваме обични, безлични, млаки луѓе кои не знаат што е десно ни што е лево. Со нив, на таков начин лесно се манипулира, заведува и дури и труе. Не би сакал во овој свечен миг да ги спомнувам сите тие робувања на кого сè робуваме денес, би сакал само да повикам и да возвикнам луѓе ослободувајте се од секоја зависност, зашто Бог ве сака слободни. Велигден е празник на слободни, свесни и радосни христијани.

3. Се среќаваме со соопштението за Велигден и секаде забележуваме зголемена доза на недоверба. Двајца апостоли биле на гробот и освен празен гроб ништо друго не можеле да сведочат. Апостол Тома станува дури и симбол на неверство, а ниту Марија Магдалена не го препознала Исуса, додека Исус не ја нарече според нејзиното име, со еден збор, ниту самиот настан на средбата, дури, ниту допирот не беше доволен да се роди верата. За чинот на верата во Воскреснатиот, дека Тој е жив и сега присутен, не може да биде без благодатта на Светиот Дух.

Браќа и сестри да не се лажеме дека ние можеме со обредот, церемонијата и убавите зборови да кажеме нешто за Воскресението, а да тоа биде значајно и силно без Светиот Дух. Живееме во време кога од било кога ни се потребни сведоци кои имаат искуство.

Затоа, на овој празник Воскресение Христово, во оваа моја честитка го молам Светиот Дух да секоја наша парохиска заедница, а и секој поединец го осветли со онаа светло кое ги зафати апостолите на Духови и да со јазикот на љубовта што секој го разбира да посведочи дека Исус навистина е жив и присутен во нашите заедници и нашиот живот.

Посакувајќи ви и оваа година на сите вас благословен празник -Воскресение Христово, посебно сега кога сиот христијански свет го слави Велигден заедно, посакувам Светиот Дух вистински да ја отпечати оваа година со посебен знак на љубовта. Во тој дух честит и благословен празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

Велигден 2017

Ваш бискуп/владика

+ Киро Стојанов

Категорија: Македонија, Проповеди

За авторот