Велигденска проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод празникот на Христовото Воскресение

Велигденска проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод празникот на Христовото Воскресение

А каменот беше многу голем

Браќа и сестри, почитувани пријатели! Во првиот дел од оваа единствена литургија во изобилие ги слушнавме понудите на Божјото слово кое низ историските чекори нè доведе до висината на Божјото дело. Во оваа историја Тој од грешникот направи праведник, мртвиот го врати во живот, додека од стариот направи сосема нов човек. Да, во оваа литургија го славиме Божјото дело, второто создавање на човекот. Првото кое започнало со Адам, му припаѓа на минатото, иако е долга таа историја на човечкото страдание предизвикана како последица на гревот, односно непослушноста кон Создателот, која е впишана во нашата природа. Кога Тој нè создаваше, ја впиша можноста на нашата целовитост која се состои во тоа како да бидеме среќни луѓе. Човечката слобода која знае да биде многу опасна е заведена од лошиот дух и тогаш човекот сака да живее како Бог да не постои. Со тој чин на себичност и горделивост си навлече  последици што сите ги чувствуваме, а тоа се честата темнина и конечно смртта како последица на гревот. Христос е новиот Адам и во него започнува новото човештво но тоа ново создавање не ја менува природата на стариот човек туку ја издигнува на ниво на стварност која надминува секоја ограниченост и води во вечен живот. Христовото воскресение се издигнува над настанот на историјата како таков и отвора врата на новата историја во која ние само претчувствуваме каква е големината на новиот човек во Божјиот план. На оваа земја сите сме на минување, но тоа толку нè привлекува што често сме им слични на луѓето кои заради болест или старост одат поднаведнати и тешко им е да се исправат за да погледнат во насоката каде сонцето заоѓа. Воскресението, како што реков, е исчекор од историјата, а нас, како оние кои веруваат, Бог нè повика да бидеме сведоци на тој настан што преставува исчекор кон новото време со Христос. Евангелието ни носи убав опис за тоа како се однесуваат трите жени кои тоа Воскресно утро уште в зори се упатиле кон гробот, a се однесува на: Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија. Тие беа поврзани со Исус со својата љубов и женска чувствителност со кои го придружуваа и му помагаа при апостолското дејствување како еден вид на домаќинки на апостолскиот збор. Кога се случила трагедијата, кога Исус е распнат на крстот, тие чувствуваат потреба неговото измачено тело достојно да го измијат, помазат и погребат. Но голем проблем им претставува каменот со кој е затворен Исусовиот гроб. Како жени тие физички се слаби, гробот е голем, а каменот уште поголем. Првиот шок го доживуваат токму кај гробот, каменот е отстранет. Но за нив, тоа не претставувало олеснување, зашто кога дошле до вратата на гробот многу се исплашиле, зашто таму затекнале светлина и ангел во бело кој им порачал: „Не плашете се, Тој воскресна, не е овде!“ Секогаш ми доаѓа на ум онаа прекрасна икона на која е претставен белиот ангел во гробот. Пораката не е овде воскресна уште повеќе ги збунува како и молбата на ангелот да отидат и да им јават на Петар и останатите. Не знаеме што понатаму направиле, но запишано е со трчање избегале од гробот.

Драги браќа и сестри, ако овој детаљ го вметнеме во наше време, тогаш лесно можеме да се препознаеме во оваа сцена. Ние, верниците христијани, кои сега во Европа веќе се чувствуваме како малцинска вера, како да е нашиот Исус сега толку изморен, имаме желба да му останеме верни и затоа сè уште нашите Марии Магдалени и по некој Јосиф Ариматеец се трудат околу тоа тој да биде достојно измиен, помазан и погребан. Денес ретко Црквите се извор на радосни песни. Проблем е што низ историјата и недоследниот живот на христијаните е потпрен голем камен што сега се плашиме кој ќе ни го тргне. Секојдневно сведоци сме како на посебен начин преку медиумите, во еден свет на прогонства,  Црквата е во опасност од уништување. Во многу делови на светот на Црквата ѝ е натоварен голем камен како Таа веќе да е во гробот. Но, не е така. И во сегашниот миг, кога славиме го славиме воскресението, можеме да се увериме дека Бог, преку својот ангел го трга каменот од вратата на Црквата, како и каменот кој е на вратата на нашите срца. И сега со вера и убедување повикани сме да ги слушнеме зборовите: „Не плашете се!Залудно го барате Исус, Воскресна! Одете и кажете му на Петар и неговите ученици дека ќе го сретнат на патот кон Галилеја. А ние слични на жените и по овие јасни зборови често бегаме од посланието на луѓето околу нас да им навестиме дека Исус е жив, Исус воскресна и можеме да го сретнеме на патот на нашиот живот.

Драги браќа и сестри ве повикувам во оваа воскресна ноќ да не бегаме од Божјиот глас, туку да го послушаме и да сведочиме: Исус е жив, Исус воскресна и го сретнав. Посакувам да нè посети ангелот на воскресението и да го отстрани каменот од вратата на нашите срца, а воедно да молиме да ја ослободи Црквата од прогонства, клевети и напади. Со овие мисли посакувам да ви биде благословен денот на Христовото воскресение. Христос воскресе!

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот