Велигденска порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија

 Крстот како придружба на Христос распнатиот и воскреснатиот!

 Браќа свештеници, чесни сестри, драги верници!

Празнувајќи го најголемиот настан на нашата историја – настан кој ја надминува  историјата на вселената – и оваа година сакам со вас да го споделам оваа воскресно размислување. Самата помисла дека Бог во Христос повторно го создаде светот не исполнува со стравопочит и восхитување дека материјата, од овој видлив свет, не прави побожни и не доведува во многу личен став кон Создателот кој ги прави тие големи дела. Со чинот на верата го „допираме“ недопирливото таинство и се враќаме на самиот почеток на историјата.Бог кој на посебен начин го создаде човекот го вади од својот живот на Бог во три лица. Создавајќи го човекот од земска глина сам вели „не е добро човекот да биде сам“ и затоа од неговото ребро ја издвојува неговата придружничка „месо од неговото месо и коски од неговата коска“ на која Адам и даде име Ева – Мајка на живите. Така, со верата го спознаваме Бога кој е од векови Отец, Син и Светиот Дух и кој пресликувајќи  ја својата Божествена природа во создателен свет, разумно суштество, човек, создава множество – татко, мајка, пород. Така, човекот не е еднина туку множина. Иако како личност е неповторлива реалност сепак, како таков може да се оствари само во однос кон другите. Најсовршено самоостварување е токму во заедницата која се вика семејство.

Од самиот почеток човеков непријател е Заводник – ѓаволот. Неговата ѓаволска природа е да ја уништи Богосличноста на човекот и да го разори неговото заедништво и да ја уништи Божјата слика во светот. Со верата ја спознаваме трагедијата на тоа заведување и разбивање на човечките станици во општеството, а тоа е семејството. Не можеме а да не ја забележиме и во наше време истата опасност дека ѓаволот денес, од било кога и да е порано во историјата е наш современик, бидејќи, токму сега кај нас се случува процес на уништување на семејствата и семејните вредности.

Денес радосни и понизни се восхитуваме на неискажаната Божја љубов која со смртта на својот Син ја усмрти самата смрт – како што вели св. Августин – и со воскресението го обнови животот. Повторно се враќаме на темелната вистина на верата која ја исповедаме во Воплотението. „Робот да го откупи Синот си го предаде“. Таа и таквата неизмерна Татковска љубов зачудува. Зарем гревот толку го уништи човекот така што за обнова потребна му е дури и смртта на Божјиот Син. Да. Гревот е најголемо космичко зло бидејќи духовното суштество, ангелот и човекот ги оддалечува од нивниот Извор – од Бога – без кого духовното суштество нема смисла на постоење.

Браќа и сестри, кој било верник или неверник духовно е неостварлив без личниот однос кон Бог Отецот и Создателот. Нашиот живот не може да има смисла освен во постојаното живеење на нашето духовно „Јас“ во Бога кој не создаде за вечност. Ако таа можност е прекината со гревот тогаш е прекината смислата на човечкото постоење. Заради тоа, со очите на верата, во Христовото воплотение, во страданието и смртта гледаме процес на ново создание и пат и начин како се уништува гревот. Отецот не го жртвуваше Синот заради жртва туку љубејќи не нас „Него го направи грев“ како вели св. апостол Павле, за да ги уништи нашите гревови во Него. Така страданието стана љубов а смртта живот.

Да се запреме малку и на другата мисла од оваа порака. Првата мисла не водеше во Едем (земскиот рај) а другата мисла не води на Голгота. Го набљудуваме Распнатиот, воздигнат на дрво помеѓу небото и земјата. Страданието кое љубовта ја надминува а и секое наше предвидување бидејќи Синот се предава на Отецот носејќи го на себе сиот товар на човештвото од минатото, но и иднината. Тоа е време на тешка драма во создавањето на новиот свет. Во тоа таинство човештвото прима сосема нова смисла – на Новиот сојуз. И овде се повторува сликата од земскиот рај само на многу подраматичен начин. Од реброто на „задреманиот Адам“ Исус Христос – Новиот Адам се раѓа нова Ева. Имено, после Христовата смрт војникот со копје го отвора Христовиот бок и од него потечува крв и вода – се раѓа Црквата – Христова нова свршеница, нова Ева, Мајка на живите. Настанува нова заедница, ново Божјо семејство кое е Црква. Во тоа ново заедништво се влегува со вода и крв, со крштение и Евхаристија. Започнува ново создавање кое заживува кога Христос – победник над смртта – слезе над пеколот, го пробуди заспаниот Адам и сите праотци и со воскресението свое славно ги воведе во заедништво на светите како Откупен народ. Црквата денес, на Велигден, го слави токму тој свој влез во Божјото Царство по св. тајни на Крштението и Евхаристијата. Крстот како придружба на Христос распнатиот и воскреснатиот. Така, браќа и сестри, и овогодишниот Велигден станува настан.

Тој настан, меѓутоа, за нас е и постојана задача. Со своето воскресение Христос ја „роди“ заедницата која е Негово Мистично тело – Црквата. Тело како еден организам, прави единство со Христос, го продолжува својот историски од, токму така како Христос помина по земјата навестувајќи ја Радосната вест, лекувајќи секоја болест и немоќ и конечно, така – спасувајќи го човекот. Тој, Христос, преку Црквата и денес го прави истото. Оди по светот навестувајќи ја Радосната вест на спасението. Ве потсетувам на настанот кога апостолите требаше да го изберат на местото на  Јуда издајникот, апостолот Матеја. Услов беше „да е со нас од почетокот и да е сведок на воскресението“. Црквата сме ние. Не можеме да бидеме Црква ако не сме свесни за тоа свое послание, навестување и сведочење. Радосната вест се навестува најповеќе живеејќи го тоа што Христос проповедува бидејќи според нашиот начин на живот се слуша Неговото слово. Во Христос сме крстени, Христос го облековме и со Неговиот Дух сме запечатени. Затоа христијанството не може да биде организација, туку жива заедница во која е видлив и опиплив Христос. Неговото воскресение ја овозможува Неговата присутност и на физички начин во нашата заедница според Евхаристијата. Затоа на овој празник не е можно да се замисли верник кој не би се нахранил со тоа драгоцено тело и крв и така да го обнови својот крстен завет и посведочи дека Христос ДЕНЕС Е ЖИВ И ВИДЛИВ МЕЃУ НАС.

Драги браќа и сестри, во оваа Година на семејството во нашата Католичка црква во Македонија особено ги повикувам и поттикнувам нашите семејства  длабоко во себе да го обноват така јасниот план дека Бог го создаде семејството на  своја слика, дека човекот го откупи и дека на крстот се роди Црквата кое е едно свето Божјо семејство. Но, секое христијанско семејство дословно е Црква, затоа ги заколнувам и молам нашите семејства да станат свесна црква во која живее Воскреснатиот Христос кој навестува радост на новиот човек и сведочи вистина за вистинската вредност на христијанските семејства. Нека вас и сите ваши со воскреснатата сила ве обнови Христос, Глава на секое семејство и ве направи сведоци и во оваа наше време дека некои вредности се вечни и единствено спасоносни. Нека ви е спасоносен и благословен овогодишниот Велигден, Христовото воскресение – Христос Воскресе!

Ваш бискуп/владика

                                                                                                            + Киро Стојанов

Категорија: Македонија

За авторот