Важноста на молитвата за душите на покојните

Важноста на молитвата за душите на покојните

Во сабота пред празникот Духовден наречен уште Педесетница или Слегување на Светиот Дух е задушшница и Црквата ја посветува на своите верни покојни чеда и обично се посетуваат гробовите на покојните, при што упатуваат молитва до Бога со цврста вера дека ќе биде услишана за да влезат во заедништвото со Бога и вечниот живот.

Вистината за животот по смртта е дека човекот, кој умира во тело, останува да живее во вечноста. Светото Писмо ни зборува на многу места токму за ова и тоа од од првата книга Битие до книгата Откровение на свети Иван Богослов. Верата во вечниот живот ги обединува сите христијански конфесии, но и другите вероисповеди. Друга работа е што не сите имаат единствено учење за начинот на животот после смртта.

Но за нас најважно е што учи Црквата. Па така таа навестува дека преку молитвата на живите може да се промени состојбата на душата на починатиот и молитвата може да помогне во тоа сѐ до Последниот суд. Цврсто веруваме, а така учи и Црквата, дека преку молитвата, пред сè, на Светата Литургија и Евхаристијата што се принесува за душитеа на покојните, имаме можност да им помогнеме на своите покојни.

Во Светото Писмо постојат бројни примери и слики за тоа како молитвата – упорноста на некои луѓе им помага на другите. Да се потсетиме само на пријателите кои го спуштија својот фатен другар преку покривот во куќата каде што беше Христос, кој што го излекува. Фатениот човек не стори ништо, па дури и не можеше да се помрдни, ниту да каже нешто. Но, Господ ја пофали љубовта и грижата на пријателите за својот пријател, па затоа и го исцели.

Има и други вакви и слични примери. На некоилку места во Евангелијата можеме да сретнеме како Исус по барање на родители, роднини и пријатели за нивните блиски – кои што всушност се молитви за нивните умрени – Христос ги воскреснува за нов живот. Така беше со синот на вдовицата во Наин, ќерката на Јаир, пријателот Лазар, кој веќе четири дена беше мртов, а преку молитвите на неговите сестри Марија и Марта Христос го воскресна. Единствената разлика помеѓу овие случаи и нашата е во тоа што тие починати евангелски ликови имаа можност да се сретнат директно со Спасителот и Бог, добија осветување и оздравување не само на душата, туку и на телото. Денес во молитвите од Господ не бараме да подигне некого од нашите гробови, туку да ги насели во неговите живеалишта и да им даде вечна радост.

Меѓутоа, за да се добие молитвена помош по смртта од верните и Светата Црква, потребно е за време на земскиот живот да се припаѓа на Христос и да се биде христијанин не само формално, со зборови, туку и со конкретни дела, пред сè, преку соединувањето со Христа преку Причеста. За да нѐ спаси Господ сепак ја бара нашата свесна желба, односно да му дозволиме да нѐ спаси.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот