Борба со тишината

Борба со тишината

Блез Паскал сметал дека сите човечки неволји доаѓаат од неговата неспособност да седи сам во тишината на својата соба. На Карл Јасперс му се препишуваат слични зборови: „Сите важни работи се случуваат во тишината.“ Првиот бил голем физичар и математичар, и примерен католик, а вториот бил психијатар и филозоф и еден од основачите на егзистенцијализмот. Двајцата, умни луѓе од различни перспективи го гледаат проблемот на тишината, но се насетува една важна заедничка работа во двете изјави: тишината е важна, но човекот од неа бега. Не ставајќи се во редот на таквите великани на науките, ќе се обидам да се нурнам во истиот тој проблем и да ви дадам зрак светлина за да видите зошто и како се однесува тоа на нас.

Верувале или не, човекот се плаши од тишината. Знаете ли можеби некој или самите се пронаоѓате во тоа, што едноставно чувствувате потреба за музика кога сте сам во просторијата? Главно секој во еден момент од својот живот почувствувал некоја мачна непријатност во тишината. Човекот кога обично се соочува со нешто проблематично, има две опции: да бега или да се бори. Постои и трета да се смрзнеш, но таа е многу ретка. Според тоа гледаме колку е многу полесно да се преокупираме со нешто и така да побегнеме од некои непријатности во тишината. Многу е полесно да ги ставиме слушалките на ушите или да разговараме со некој или да го вклучиме телевизорот, било што, само нешто да се слуша. Од што тука човекот бега?

Во таа тишина нè демнат нашите стравови, сомнежи, немири, вознемирености, разни пречки. Човекот не бега толку од самата тишина, колку од самиот себе. Се плаши да се соочи со она што е во него. Тие исти стравови, сомнежи, немири, вознемирености, мани и останатите крикови, сето тоа од ден на ден нè плаши и угнетува, а уште еден глас нè уверува дека тоа сме самите ние. Токму од него најмногу бегаме. Но, тоа што тој глас го зборува не е вистина. Затоа треба да се осмелиме и да влеземе во тишината и да се соочиме со она што таму ќе најдеме.

Човекот е создаден според образот Божји. Каде си ти, таму е и Бог, но вистинскиот ти. Под целата твоја фасада, маските и уверувањата длабоко внатре во твоето битие. Некаде во таа тишина Бог ти шепоти кој си, само треба да го слушнеш. Затоа слушалките, разговорите, телевизорите и слично се бегства, тогаш сигурно нема да го слушнеш Божјиот шепот. Меѓутоа тишината треба да се најде, треба да се потрудиме да ја создадеме и да се избориме за неа. Денес за жал сме дел од таа нетрпелива, модерна генерација која се навикнала на достапноста на сè, сега и веднаш, без премногу мака.

И кога ќе успееме да се избориме за тишината која доаѓа однадвор, се мачиме со тоа што ја нема тишината одвнатре. Низ главата ни се вртат песните кои сме ги слушнале илјада пати, неодамнешната кавга со пријателот или пријателката, испитот кој треба да го полагаме за неколку дена, рокот на работа кој треба да го исполниме, секакви мисли и емоции.

Еве една интересна аналогија. Сетилото за слух има една интересна карактеристика. Дали некогаш сте се затекнале во случај кога се фокусирате да слушнете некој или нешто, а не слушате ништо друго од страна? Или после некое време престанувате да слушате некој монотон звук кој се повторува? Сетилото за слух е способно да ги филтрира некои монотони звукови кои се повторуваат. Интересни и корисни механизми, но каква врска имаме со оваа? Работата е во фокусот. Ако се фокусирам на личноста со која разговарам, тогаш толку и не се замарам со звуковите од страна. Така веројатно би се однесувале во разговорот со личноста која ви се допаѓа. Како тоа да го примените на односот со Бог?

За почеток сигурен сум дека не е најпаметно да се оди на некои бучно место каде не може да се разговара. Така и со Бог тешко можеш да разговараш преокупиран со сè и сешто. Зошто пророците се искачувале на ридови и гори, далеку од вревата на луѓето? Мојсеј на брдото Хореб се борел со своите неволји и добил задача од Бог и покрај стравовите и пречките кои самиот на себе си ги наметнал. Илија на истото брдо се соочил со смртната вознемиреност, разочаран и безволен, барајќи Го Бог во силата, а го пронаоѓа во шепотот на благиот ветар. Ниту еден не Го пронашол Бог каков што го очекувал, ниту го добил она што го барал и сакал – Бог им го дал она што им треба. Можеби и ти, демнејќи те некој човечки страв – ќе добиеш нешто што не го бараш, ниту сакаш. Меѓутоа примерот на голем број такви пророци покажува одреден труд и напор покажан во барањето на тишината. Токму во примерот за искажување на брдо, издигнувајќи се над земјата, малку поблиску до Бог.

Зошто Исус одел на молитва во осаменост? Секогаш Го наоѓаме во Светото Писмо како се искачува на некое брдо, во пресрет на голем настан за да разговара со Отецот и тоа често во некоја чудна доба од денот, дали многу доцна навечер или многу рано наутро. Првата помисла е да се тргне од луѓето, од нивните барања, од нивните приговори. Во осаменост за да може целосно да Му се посвети. Нешто слично што свети Игнациј Лојолски го нарекува испит на совеста.

Јас мислев дека ја сакам тишината додека не сфатив дека речиси никогаш не сум ја „слушнал“ вистинската тишина. Постојано има некој звук, шум кога веќе нема врева. Како пливање низ матна река, немаш поим во која насока одиш, па дури дали се вртиш во круг. Но, колку што си блиску до изворот, водата е побистра. Важно е да се оди против струјата. Дури и тогаш кога не сакаш, не знаеш, кога не можеш. Тогаш можеби дури си поблиску до Бог отколку кога сè е убаво и оди лесно. Те предизвикувам, избори се за тишината од надвор, и потопи се во неа. Откриј кој си. Пронајди ја тишината во себе и шепотот на благиот ветар. Ќе знаеш чиј (шепот) е.

Млади католици/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот