„Болницата на Папата“ го прослави 150. роденден

„Болницата на Папата“ го прослави 150. роденден

Детската болница  „Бамбино Џезу“ е основана во 1869 година, а во 1924 година е подарена на папата Пијо XI па така Римјаните популарно ја нарекуваат „Болница на Папата“.

Педијатриската болница „Бамбино Џезу“ во Рим на 19.и март, на празникот Свети Јосиф, го одбележа 150 роденден. Имено, на тој ден во 1869 година, под покровителство на италијанското благородничко семејство Салвијати, во Рим се отвори мала соба со само четири кревети која послужи како јадро на идната детска болница. Грижата за болните, првенствено сиромашни деца, им беше доверена на сестрите на милосрдието на Свети Винко Павелски. За Рим тоа беше значаен настан, бидејќи децата од овој град, како и во останатиот дел на Италија, често пати беа хоспитализирани без посебна нега, на одделение заедно со возрасните.

Во 1924 година семејството Салвијати на папата Пио XI му ја подариле болницата и од тој момент сите наследници на Петар ја промовираат работата на таа установа, така што Римјаните ја нарекле  „Болница на Папата“. Претседателката на Управниот одбор, д-р Мариела Еноц, за Радио Ватикан истакна дека богатството на болницата е знаењето и дека со соработката, обуката и заедничките проекти настојуваат да им помогнат на другите установи од овој тип, како на неодамна отворeниот педијатриски здравствен центар во Бангу.

Погледот им е фокусиран на иднината, со планирани  проширувања и истражувачки проекти фокусирани на трансплантација, на матични клетки, од областа на имунологијата и генетиката, но – како што вели д-р Еноц -. истражувањето никогаш не е цел само за себе, тоа секогаш во центарот ја има личноста, во овој случај детето. Во центарот на нашето внимание остануваат детето и неговото семејство, таткото, мајката, бабите и дедовците, а пред сè браќа и сестри. На лекарите секогаш им повторувам да не го ограничуваат времето за посета, туку дека во тие тешки моменти, многу внимание треба да посветат на слушање, бидејќи односот е дел од лекувањето – вели д-р Мариела Еноц.

Државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин, учествуваше во одбележувањето на 150 годишнината од роденденот на болницата „Бамбино Џезу“ што се одржа во салата на базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините.“ На собраните им ja пренесе близината и благословот од Светиот Отец, уверувајќи дека Црквата никогаш нема да престане да обрнува внимание на болните, со поглед на љубов и пророчки став. Исусовите зборови од Евангелието според Матеј, „болен бев и Ме посетивте;“ (Матеј 25,36) Црквата  – како што рече – ги спроведе во пракса на различни начини, меѓу другото, со отворање на болници и други установи за нега, како знак на постојано внимание кон човековата личност, а особено на најслабите и најранливите.

Ватикан њуз/к.мк/Јадранка Чадиновска

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот