Папата Фрањо: Божјото Слово е семе кое донесува изобилен плод

Папата Фрањо: Божјото Слово е семе кое донесува изобилен плод

Светиот Отец од прозорецот на Апостолската палата во Ватикан на 16 јули 2017 година ги повика верниците да ги преиспитаат своите срца, размислувајќи за параболата за сејачот од Евангелието наменето за 15 Недела во годината. Текстот од говорот на Папата Католици.мк го пренесува во целост

Драги браќа и сестри,

Исусовиот говор бил едноставен, користил слики од секојдневниот живот како би можеле сите да го разберат. Затоа го почитувале, бидејќи не се служел со јазикот на книжниците, неразбирлив, крут и за народот одбивен. Исус прави да биде сфатливо таинството на Царството Божјо; па теологијата не е комплицирана. Денешното Евангелие донесува таков пример: параболата за сејачот (Матеј 13, 1-23). Сејачот е Исус. Со оваа слика Тој се претставува како личност, која не се наметнува, туку предложува, не нѐ привлекува со освојување, туку со себедарување. Тој трпеливо и великодушно го сее своето Слово, а тоа Слово не е пречка ниту замка, туку семе способно да донесе плод. На кој начин? Ако го прифатиме.

Затоа параболата се однесува пред сѐ на нас самите: повеќе зборува за земјата, отколку за сејачот. Исус прави така да се каже „духовен рентген“ на нашето срце – земја на која паѓа семето на Словото. Нашето срце како и земјата може да биде и тврда и непропустлива. Тоа се случува кога ќе го слушнеме Словото, но тоа од нас отскокнува, како да паднало на патот.

Покрај патот и добрата земја постојат уште две врсти на земја, кои во различна мера можеме да ги имаме во себе. Првата земја е „камена“. Да се обидеме да се замислиме: камена земја е онаа на „која нема многу земја“ (сп. ред 5), поради која семето никнува, но не успева да пушти длабоки корени. Такво е површинското срце, кое не го прифаќа Господ, сака да моли, да љуби и сведочи, но не опстанува, се заморува и никогаш не израснува. Во срце без длабочина, камената мрзеливост има превласт над земјата, а љубовта е непостојана и минлива.Човекот кој го прифаќа Господ, само кога е расположен не донесува плод.

Последниот вид на земја е трновита, полна со грмушки што ги загушува растенијата. Што претставуваат овие трње? „Грижите од овој свет и примамливото богатство (р. 22) вели Исус. Трњето се пороците кои се борат против Бог, гушејќи ја неговата присутност: пред сѐ идолите на световните богатства, алчен живот за себе, заради поседување и моќ. Ако ги негуваме овие трње, го гушиме растот на Бог во нас. Секој може да ги препознае своите мали и големи трња, пороците во сопственото срце, повеќе или помалку вкоренети трња кои не му се допаѓаат на Бог и пречат на чистото срце. Потребно е да се искорнат, инаку Словото нема да донесе плод.

Драги браќа и сестри, Исус нѐ повикува денес да погледнеме околу себе, да заблагодариме за сопствената добра земја и да поработиме на земјата која не е добра. Да се запрашаме: Дали нашето срце е подготвено за примање на семето на Словото Божјо со вера? Да се запрашаме: Дали во нас камењата на мрзеливост се уште многу бројни и големи? Да ги воочиме и да ги именуваме со вистинското име трњето на пороците. Да најдеме сила како би ја провериле земјата, донесувајќи му ги на Господ во исповедта и молитвата своите камења и трње. Исус, добриот сејач, тогаш радосно ќе направи и дополнителна работа: ќе го очисти нашето срце, тргнувајќи ги камењата и трњето што го загушува неговото Слово

Божјата Мајка, на која денес се спомнуваме како Блажена Девица од гората Кармил, ненадминлива во прифаќањето и вршењето на Божјата волја (сп. Лука 8,21) нека ни помогне да го очистиме срцето и во него да ја сочуваме Божјата присутност.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот