Божиќ, каде си?

Божиќ, каде си?

Беше тоа една од оние посебни, со чудо очекувана обоена вечер. Мајка ми ги редеше колачите на послужавник, татко ми дремеше на креветот, конечно чувствувајќи го мирисот на дома, Филип како и обично ги прегледуваше разните видео исечоци, Ана пишуваше на мобилниот, а Луција, како тоа да е нешто вообичаено, беше – под масата!

Во зимските вечери честопати на масата ќе ставеше долги листови, ќе ги донесеше играчките, столната ламба и ќе ставеше натпис „Не пречи“! Сепак, оваа вечер Луција беше помирна од вообичаено. Не се кикотеше, ниту пак коментираше за себе. Дури во еден момент излезе од своето импровизирано засолниште и потпирајќи ги рацете на прозорецот, длабоко воздивнуваше набљудувајќи ги светлата од раздвижениот град. Па така после тоа во тишина се враќаше во засолништето.

Пред полноќната света Литургија сите беа нервозни! Клучот од автомобилот како да пропадна во земјата, а Литургијата, само што не започнала. Мајка ми беше уверена дека Ана последна го возела автомобилот, Ана пак велеше дека тоа беше Филип. Обвинувањата и осудите се префрлуваа како пинг – понг топче. Татко ми беспомошно се обидуваше да ја смири тензијата со приказната за резервниот клуч. Кавгата само што не ескалираше кога мајка ми под елката здогледа плик. Внимателно го отвори и на глас почна да го чита писмото…

Драг Божиќ!

Ми велат дека си утре. Јас не сум до крај сигурна што си и кој си. Мајка ми пред неколку недели рече дека сите треба добро да се подготвиме за твоето доаѓање, па уште истиот тој ден ја средив собата, ги подредив куклите и ги наредив книгите. Татко ми вели дека Ти го гледаш секое добро кое го правиме, па така колачите кои ги имав ги поделив со пријателите од училиште. И секое утро бев на утринска божиќна литургија! Таму постојано се зборуваше за тебе и дека секој час си сѐ поблизу и поблизу. Но, божиќ, веќе поминаа, а тебе уште те нема! Утрото на утринската божиќна литургија парохот рече дека вечерва е Твојот роденден и рече дека ќе чекаш да дојдеме да го прославиме заедно со Тебе! Не можев да поверувам на своите уши! Ти доаѓаш во НАШАТА црква за да го прославиш СВОЈОТ роденден! Сигурно сме ти навистина многу важни, штом ја избра токму нашата црква за нешто толку важно како што е роденденот! Многу би сакала да бидам таму, но ако случајно заспијам, те молам разбудиме да Ти го честитам роденденот и да ти кажам колку Те сакам!

Твоја Луција

Во тој момент Филип викна: Еве го изгубениот клуч! Беше на подот, а мајка ми, држејќи го писмото, тивко повтори: Еве го изгубениот клуч!

Да застанеме вечерва и одблизу да ги побараме нашите изгубени клучеви. Да ги отклучиме со нив гордоста, самољубието, мрзеливоста, загриженоста, вознемиреноста. Да дозволиме Светлината на животот која вечерва повторно се раѓа да нѐ обземе со љубов и радост кои што ги носи, за да можеме барем една вечер или ноќ во годината да бидеме целосно предадени на Животот кој што ни е даруван.

Млади католици/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот