Божиќниот пост во семејството со стеблото на Јесеј

Божиќниот пост во семејството со стеблото на Јесеј

Во неделата го започнавме Божиќниот пост, тоа привилегирано време кое Црквата ни го дава за да се сетиме дека не сме одовде, дeка копнееме за небото. Адвент или Божиќниот пост е време на подготовка за доаѓањето и раѓањето на Исус Христос, а се состои од четири недели кои непосредно му претходат на Божиќ и кои ги симболизираат четири милениуми, колку што според Библијата е поминато од создавањето на светот до доаѓањето Христово.

Во адвентското време нашите размислувања и чувства одат и до минатото, со сеќавањето на првото Христово доаѓање, и до иднината, со надеж за негово повторно враќање. Секое утро се одржуваат утрински божиќни литургии, а верниците пристапуваат на Исповед и Причест па така Божиќ има значење на обнова и нови стремежи во животот на верникот кон пресудата за сопствениот живот и делување во светлината на христијанскиот морал.

Го очекуваме доаѓањето на нашиот Цар во празникот Божиќ, сакајќи нашите срца да бидат барем на ниво на јаслите за да се роди во нас. Го очекуваме доаѓањето на Христос во славата и имаме на ум дека тоа доаѓање во себе го влкучува доаѓање пред судот каде што сите наши дела ќе се покажат такви какви што се. Затоа треба сериозно да се запрашаме што носиме со себе, какви дела ќе ставиме пред нозете на нашиот Цар Исус. И знаеме дека не се достојни. Знаеме дека и тие добри дела го имаат во себе каколот на нашата себичност, горделивост…. И доверувајќи се на Божјото бескрајно милосрдие да викаме кон Господа да ни даде милост за преобраќање за сите свои дела да ги упатиме кон Него кој е Пат, Вистина и Живот.

Секој има свој начин на пoдготовка за Христовото доаѓање и Црквата во својата ризница го сочувала изобилство оружје во борбата против Кнезот на овој свет. Во парохиите на располагање ни се утринските божиќни свети Литургии, често со утринската молитва од Божанскиот часослов. Божјото слово секогаш ни е на дофат на рацете и секогаш ни зборува, директо и лично. Многумина се одлучуваат на некои размислувања, доолнителни читања на духовни класицизми или други духовни книги, молитва на Бројаницата, почеста исповед….

Доаѓањето поблиску до децата

Тоа што јас се прашувам секогаш во текот на Црковната година, посебно во истакнатите времиња на Божиќниот пост, Велигденскиот пост, и околу големите празници, е како на малите деца да се пренесе верата на нив, на разбирлив, активен и забавен начин. Не ме сфаќајте погрешно. Моите деца сакаат да молат Бројаница и сметаат дека тоа е многу забавно. Навистина. Сепак, мислам дека е многу важно да се пронајде начин Црковната година да се живее така што во нејзе ќе можат да се пронајдат и малите тригодишници, разиграните деца на предучилишта возраст, љубопитни основци, па и ние родителите. На децата им се потребни слики, спомени, активности, традиции. Сето тоа станува дел од нивниот празник кој ги поддржува и храни кога се соочуваат со светот и со неговата осуда на верата која ја живеат.

Така ние настојуваме за секое време да пронајдеме духовен, забавен и креативен начин за да ја живееме верата во семејството. Потпрени на традицијата на Црквата, создаваме традиција во своето семејство, ги полниме со богатство садовите на нашите мали за да имаат по што да посегнат кога ќе се најдат исмеани и презрени затоа што го следат Христос.

Од каде стеблото на Јесеј?

Интернетот е место каде се покажува волшебната и застрашувачката моќ на слободната волја. Можеме да се сретнеме со вистински ужаси и со вистински убавини. Една убавина е можноста да учиме едни од други и да ги споделуваме своите искуства, да се поддржуваме и да се поттикнуваме едни со други во живеењето на Евангелието.

Читајќи ги католичките блогови, научив дека кај нив е доста раширен начинот за живеење на Божиќниот пост со децата, стеблото на Јесеј. За што се работи? Идејата е за време на Божиќниот пост со децата да се минува низ библиската историја од создавањето на светот до Христовото раѓање. Тоа го правиме преку истакнати библиски ликови и нивните приказни. Со секој лик е поврзана тема (пр. Авраам – вера, довербата во Бог) и симболот кој што го закачуваме на стеблото кое го претставува стеблото на Јесеј, односно тоа стебло е Христовиот родослов. Стеблото може да биде вистинска елка која подоцна ќе ја украсете за Божиќ. Така божиќното дрвце добива дополнителна симболика: пат до Христос. Но можно е и од картон или хамер хартија да се направи облик на стебло на ѕидот и на него да се закачат украсите. Или да се искористи гранка која се става во вазна и на неа се декорираат украсите. Можносите се многубројни, само активирајте ја фантазијата.

Во нашето семејство

Традиција во нашето семејство е изработување на адвентски венец и календар. Овие години покрај тоа одлучивме да започнеме и со стеблото на Јесеј. Сакавме да ги вклучиме и малите и големите во нашето семејство. Во текот на денот ќе прочитаме приказна и ќе го обоиме ликот што е одреден за тој ден, а навечер ќе декорираме украс и ќе имаме кратка молитва од водичот за стеблото на Јесеј. На хрватскиот портал Врсна жена имате подготвени украси кои можете да ги превземете, испринтате и залепите на тврд картон или хартија. Мојата идеја беше од два хамери да направам стебло, од хартија ги изрежавме листовите на кои ќе ги ставиме хартиените кружни картички, за секој ден по една. Но, не треба да се комплицира. Важно е да оди. Подобро едноставно отколку никакво. Обликот на стеблото од хамер ќе биде залепен на ѕид. На големиот хамер имаме залепени листови, на кои ќе ги лепиме картичките од тој ден. Секоја картичка има своја приказна и можете секој ден до Божиќ да имате тема за пренесување на вера на вашите деца. Малку пари и време за да се направи. Дваесетина минути кои ќе ги поминете вака со вашите деца, ќе ви бидат непроценливи. Украсите за боење ги прецртавме, а може да се превземат и од интернет. Можно е цела приказна да ја претворите во вечерна молитва со децата. Така ние работиме. Таткото ја започнува вечерта со знакот на крстот и воведна молитва. После библиските приказни и читањето на делот од Светото Писмо, ќе отпееме заедно некоја божиќна песна. Разговараме накратко за темата на тој ден и завршната молитва од водичот. Малите можат да ги бојат своите слики од боенките додека молиме.

За големите подготвив и божиќни молитвени картички кои содржаат читања од денот, избран цитат и идеја како конкретно да се живеат. Секое утро ја извлекуваме картичка за тој ден, ќе ги прочитаме читањата кои ни ги подготвила Мајката Црква и ќе настојуваме во текот на денот да ги носиме истакнати цитати живеејќи ги конкретно. Можеби мојот поттик нема да ви се допадне. Нема врска. Започнете го денот со Божјо Слово и дозволете да ви зборува. Тоа секогаш е конкретно. Токму за вас. Токму за ситуацијата во која што се наоѓате. Потребно е само да му дадете малку време и тишина. Да му се препуштите. Да го слушате неговиот шепот. Целата Библија е пишувана за Бог секој ден да може да ни зборува: Те сакам! Со тебе сум во сѐ и секогаш. Не плаши се.

Нека овој Божиќен пост ви биде на благослов и преобраќање!

vrsna žena/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Семејство

За авторот