Божественото Срце на Исус Христос

Од Божественото Пресвето Срце Исусово на крстот прободено потекле крв и вода. Какво е тоа Пресвето Срце, тоа Божјо Срце? Најдобро за тоа ни зборува она што се случило само неколку минути пред да биде прободено. Да се сетиме на разбојникот од десната страна кој го молел Исус да се сети на него во своето Царство (Лк 23, 42). Тој разбојник кој што и самиот кажал дека заслужува казна кој судејќи според сето тоа крадел, пљачкал, убивал кој бил криминалец, неморален, можеби и ладнокрвен силувач кој на многумина нанел болка и тага се осудил да му се обрати на Исус со едноставни зборови: „Сети се на мене“ (Лк 23, 42). На таа негова молба Исус не одговорил „Ќе размислам, мораш да се покаеш, ќе видм утре, можеби наредниот ден, на чекање си, потребно е да го поминеш чистилиштето и слично на тоа, бидејќи сето тоа е карактеристично за нашето човечко срце, за нашето човечко размислување, но не и за Исус и за неговото божествено Срце. Напатениот и распнат Исус прозборува од своето срце и вели „Уште денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк 23, 43). Нема утре, нема друг ден, туку уште денес! Биле доволни само три збора „Сети се на мене“ и Божественото Срце го ослободило од сите казни и осуди и му го отворило небото. Таа е суштината на Пресветото Срце Исусово: милосрдие Божјо кон грешниот и паднат човек, љубов Божја кон човекот, па каков и да бил тој човек. Не може да се зборува за Исусовото Срце, а да не се зборува за Божјото милосрдие. Тоа нераскинливо оди рака под рака заедно.

Кога Исусовото Срце било прободено од него потекле крв и вода. Крвта која нè обновува и водата која нè мие од сета наша нечистотија и гревови. И всушност во ова е на повидок светата Тајна Помирување – света Исповед и светата Тајна Евхаристија – светата Литургија. Она важното, каде што Бог навистина на посебен начин е меѓу нас, каде што се гледа неговата љубов и наклонетоста на неговото Срце кон нас луѓето всушност е светата Литургија. Единствен момент кога Бог само за мене е овде, бидејќи Бог овде е присутен и со Телото и со Крвата и со Срцето и со божеството.

Бог го сака нашето спасение. И Срцето му е вознемирено како што говори пророкот Осија, ако сме далеку од Него. Таа Божја вознемираност е знак на нашето спасение. Божјото Срце е немирно се додека не се најде во заедништво со нашето човечко срце, додека не се увери дека нè спасило, дека сме го прифатиле дарот на спасение. Единствено што Бог нè прашува е истото она што го прашал на Петар: „Ме љубиш ли?“ (Ив 21, 15). Овде Исус не го интересира информацијата. Тој знаел дека Петар го љуби. Сакал со тоа прашање на Петар да му даде до знаење дека Петар и покрај своите слабости може да го љуби. Со ова прашање сакал да го охрабри. Единствено што и нас нè прашува е ова: „Ме љубиш ли?“ Не го интерсират твоите гревови, твоите слабости. Затоа и ти во својата слабост можеш Него да го љубиш и да станеш свет.

Фра Славен Брекало/Гласник Мира/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

За авторот