Блажена Дева Марија-Мајка на Црквата

Блажена Дева Марија-Мајка на Црквата

Оваа тема ја има за цел Света Марија, мајка Божја и Мајка на Црквата.

Марија покрај Исус Христос како човек е најзначајната личност во историјата на човештвото, затоа што нема друг човек на земјата кој добил толку милости и толку благодати како Марија.

Има едно запазување при вршење на егорцизам, а тоа е и вистина дека ѓаволот никогаш го нема спомнато или проколнато Името на Марија. А и нормално кој Син дава да се колни или да се пцуе својата мајка. Секој син реагира на тоа, а колку повеќе Бог кој зеде тело од света Марија.

И затоа таа е посебно привилегирана и заштитена. Заштитена од самото зачнување. Затоа таа има и многу наслови и имиња во духовниот и црковен живот: Мајка на Спасителот, Богородица, секогаш Дева, Мајка на секој христијанин. Царица на целиот свет, царица на мирот, Мајка Божја, Мајка на Црквата.

Со тие наслови и имиња се поврзани и сите нејзини празници во црковниот календар. Ќе се концетрирам во ова мое размислување за Марија, пред сѐ за насловот Марија Мајка на Црквата, кој ќе биде и официјално задолжителен празник на понеделник после Духовден. Марија отсекогаш се гледала како Мајка на Црквата, но сега почнувајќи од Вториот ватикански собор насловот Марија Мајка на Црквата станува официјален задолжителен празник.

Тоа е така одлучено со официјален документ со кој се сака едноставно да се зголеми мајчинското чувство за Црквата кај свештениците, монасите, монахињите и кај самите верници

Тоа не е ништо ново. Секој празник си има претходно свое славење и верување. Така на пример празникот Безгрешно зачнување на Света Марија кој базира првенствено во Библијата потоа во Источната Црква е начнат, и во Западната Црква 1476 втемелен за прв пат од страна на папата Сиксто IV, а официјално прогласен со догма 1854. (…)

Значи во понеделник после Духовден ќе се слави официјално празникот Марија Мајка на Црквата. Вториот ватикански собор е јасен и дециден. Марија е тип и пример на Црквата. Марија е внатре во Црквата, таа е прва и најсовршена ученичка Христова, вели папата Павле VI. Тој исто така истакнува дека Марија може да биде пример на современите жени кои денеска се борат за права. Теологот Шнајдер вели: Марија и претходи на Црквата, таа однапред го доживува она од што ќе проживее целата Црквата. Во цел тој документ постои тоа споредување Марија – Црква. Марија е Црквата, Марија и Црквата се идентични, а идентични ги прави заедништвото со Христос.

Значи папата Павле VI ја прогласува Марија за Мајка на Црквата на денот од прогласување на догматската конституција Лумен Гентиум во 1964, додека светиот Папа Иван Павле II. го воведува празникот Марија Мајка на Црквата, да биде во понеделник, после Духовден.

  1. Што значи овој празник за нас. Овој празник нѐ повикува да размислуваме за улогата на Марија во Црквата. При тоа се запазени 4 точки или 4 моменти од животот на Света Марија.
  2. Навестувањето на ангелот Гаврил дека таа ќе зачне и ќе роди син
  3. Исусовите зборови на крстот кога на Иван му е доверена Божјата Мајка
  4. Слегнувањето на Светиот Дух каде што и Марија моли заедно со апостолите
  5. Марииното вознесение на небото

  1. Навестувањето на ангелот Гаврил дека таа ќе зачне и ќе роди син

Ангелот Гавриел е пратен кај Марија за да и објави, дека таа ќе стане мајка на Спасителот на светот. Свети Августин вели: Бидејќи светот беше недостоен да го прими Синот Божји директно од рацете на Отецот, Тој и го даде на Марија, за светот да го прими од неа. Синот Божји се овоплоти за нашето спасение, но во Марија и преку Марија.

Но На Марија не и беше лесно и едноставно. Како најпрво Марија беше зачудена и исплашена од Божјиот гласник. Ангелот ја нарече полна со милост, благодатна. И тоа неа најмногу ја збуни затоа што таа добро знаеше дека само Бог е полн со милост. Не знаеше што да мисли, дали тој гласник Божји е оној од добрите гласници Божји или од оние кој ја излажа Ева во едемската градина. Но таа сепак брзо спозна дека се работи за Божји глас и безусловно го послуша тој глас.

Еве ја слугинката Божја. Нека ми биде по твојата волја. Тоа значи, ,Иако често пати Господи, не разбирам како ќе биде тоа, не ги разбирам тешкотиите животни сепак имам доверба во тебе, Нека биде волјата твоја. Такви треба да бидат нашите зборови, нашето однесување. Марија е пример за тоа

  1. Исусовите зборови на крстот кога на Иван му е доверена Божјата Мајка

Тоа се тие зборови кога Господ Исус Христос се обраќа кон својата мајка “Жено, ете ти син!” Потоа Му рече на ученикот: “Ете ти мајка“.

Тука Исус не мисли само на тоа Иван да внимава на Неговата Мајка после Неговата смрт туку преку него ја дава Марија за мајка на сите апостоли и ученици, а со тоа и на нас и затоа таа е мајка на секој христијанин и на целата Црква.

Мајка на секој христијанин. Во делата на свети Бернард и Бонавентура читаме дека се на Небото и на земјата е подложено на света Марија, сакајќи со тоа да кажат дека молитвите на света Марија и нејзините прозби се толку силни кај Бога и Бог никогаш не се противи на молбите на својата Мајка, затоа што таа е секогаш понизна и усогласена со неговата волја. Да, ја имаме света Марија како наша Мајка и нема поубава работа од тоа.

Тоа значи дека не сме сираци, ја имаме Света Марија која се грижи за нас и сака да се спасиме. Таа често се објавува низ историјата на човештвото и сѐ уште се објавува за да ни каже дека не сме сами и дека таа се моли за нас како вистинска Мајка. Но и ни препорачува и ние да се молиме. Во Фатима, три пати рече: Молете се, молете се, молете се.

Без молитва сме дезориентирани. Молитвата е знак дека го цениме Господ, го признаваме, го славиме. Молитвата е средство кое не поврзува со Господ, молитвата нѐ носи поблиску до Господ. И колку сме поблиску до Господ толку сме поблиску до среќата, до мирот.

Света Марија е секогаш таа кон која можеме да се обратиме. Кај неа сме сигурни. Има една молитва која вели: Спомни си и премила Дево Маријо дека уште никогаш не се чуло некого Ти да си го отфрлила кој се засолнил под Твојата заштита, кој те молел за помош и на Твоите молитви се оддал.

  1. Слегнувањето на Светиот Дух

Света Марија после вознесението на својот Син не оди никаде тука се наоѓа во собирот на апостолите кои го очекуваат доаѓањето или слегнувањето на Светиот Дух. Таа ги собира апостолите и учениците околу себе и така станува на сите Духовна Мајка

Значи Марија е онаа која ја собира Црквата, онаа околу која се собира Црквата и онаа која ја застапува Црквата кај Нејзиниот Син. И затоа света Марија е во потполна смисла Мајка на Црква. Давајќи на својата Мајка да биде Мајка на Црквата после вознесението Господово и доаѓањето на Светиот Дух, Исус нѐ препушта на својата Мајка која сега ни е Застапничка и Посредничка.

  1. Марииното вознесение на небото

Кај оваа точка би ја спомнал исказот зао Марииното вознесение или Успение што е донесен на седмиот вселенски собор. Таму има едно правило посветено на света Марија, кое гласи: Секој кој несмислено расудува и смета дека чудата на светата Богородица се невозможни нека биде проклет, анатема.

Имено според една традиција во последните години од животот на света Марија свети Иван ја носи во една куќа на Сион која лично ја купил. Таму таа ги лекувала болните и опседнати од лоши духови, ги помагала сиромашните и вдовиците.

Одејќи во Ерусалим, често свратувала на Маслиновата Гора, каде што Исус се вознесе и таму го молела Господа Исуса Христа што поскоро да ја земе со себе и велела: Време е да го одликуваш Сион, време е да се смилуваш на Својата Мајка во оваа долина на плачот, која многу тагува зашто не го гледа Твоето пресветло лице.

Набрзо таа се нашла на смртна постела, во домот на свети Иван и ден пред смртта се случил чудесен настан. Во еден миг од облаците пристигаат Христовите апостоли, собрани од сите страни на светот. Сите биле освен Тома. И кога дошол смртниот час се појавува Господ Исус Христос во придружба со мноштво ангели и Марија извикала: Моето срце Боже е подготвено, моето срце е подготвено. И ја испуштила душата. Телото на Света Марија останала да лежи на одарот како да е заспана. По нејзина желба да биде погребана во Гетсеманската градина, таа била таму погребена и три дена се бдеело и се молело.

Пред крајот на третиот ден се случило да пристигне и света Тома кој посакал  за последен пат да го целува телото на Света Марија. Кога влегле во гробницата телото на света Марија не било таму.

Ова е извадок  од источната мистична теологија меѓутоа и во западната црква постојат вакви кажувања од светци, мистичари. Би спомнал само еден пример со свети Фрањо кој еднаш во занес видел голема скала која допирала до небото, а на врвот на скалата ја видел Пресвета Дева Марија. И му било откриено дека по тие скали треба да се искачува оној којшто сака да стигне до небото.

Марија е благодатна, исполнета со милост

Ако доби милост да биде непорочно зачната во утробата на мајка си, да го зачне Исус непорочно, да остане Девица, пред раѓањето, за време на раѓањето и после раѓањето тогаш таа доби милост, да биде вознесена со душа и со тело, зашто Господ не можеше да дозволи телото во кое тој пребиваше да гние во земјата. И тоа е целото објаснување.

Но сето тоа таа го заслужи со добар пример и добар живот и остана секогаш верна на својот Син Исус Христос, до крајот на животот. Таа остана верна и покрај сите тешкотии и болки кои ги претрпе поради својот Син.

(…)

Црковните оци велат вака: За Марија никогаш не е доста. Марија се уште не е доволно фалена, возвишувана, честена, љубена и служена. Таа заслужува многу повеќе да ја фалиме, почитуваме, љубиме и да и служиме.

За крај една молитва кон Марија Мајка на Црквата

Маријо, Мајко Христова и Мајко на Црквата. Нашето срце воскликнува од радост што си наша Мајка, а ние твои деца. Ти стана наша Мајка кога Исус умирајќи те даде нам за Мајка. Соединета во молитва со апостолите, твоето духовно мајчинство е свето. Од тогаш до денес продолжуваш да раѓаш и воспитуваш нови синови и ќерки, кои преку светите таинства на твојот Син се вградуваат во Светата Црква- Храмот Божји.

Мајко наша, чувај ја целата Црква. Биди секогаш со нашиот свет Отец папата, со владиците и свештениците. Измоли им јакост без страв да ја навестуваат и сведочат Божјата вистина. Насели се во нашите семејства за да владее во нив озрачјето на Назаретскиот дом: љубов, радост, мир и преданост на волјата Божја.

Тебе ти ја доверуваме нашата младина: води ги по патот на Својот Син да не се изгубаат од многуте погибели на земскиот живот. Закрили ги со мајчински раце и чувај ги од непријателите кои сакаат да ја уништат светата мера во човечките души. Во сите наши секојдневни тешкотии, жалости, душевни и телесни болести притекнуваме кон твоето мајчинско срце кое најдобро ја знае целата радост на надежда и сите маки на страдањето. Помогни ни да истраеме во молитвите на Црквата, со покора да се чистиме од гревовите, секојдневно да напредуваме во доблесното живеење и да умреме свето во Твоите прегратки, а во небото да се радуваме со тебе и со твојот Син , кој со Отецот и Светиот  Дух живее и царува во вечни векови.

о. Оливер Тантушев

Категорија: Вера, Духовност

За авторот