Битта на светоста (4.дел)

 Патот кон светоста

Петтото поглавие на Lumen gentium – Светло на народите – догматска конституција од Вториот Ватикански собор, започнува со зборовите: „Верата учи дека Црквата, чие таинство го изложува Светиот собор, е трајно света. Христос, Синот Божји кој со Отецот и Духот се слави како „еден Свет“ ја возљуби Црквата како своја свршеница и Се предаде Сам Себеси за неа, за да ја освети (спр. Ефес. 5, 25-26) па ја придружи како свое Тело исполнета со дарот на Светиот Дух во слава Божја. Така сите во Црквата, кои припаѓаат на хиерархијата и кои таа пастирски ги води, се повикани кон светоста, според кажаното од Апостолот: „Зашто Божјата волја е вашето осветување“(1 Сол 4, 3; спр. Ef 1, 4).

Во продолжение на својата Догматска конституција за Црквата – Lumen gentium – поточно во 42 точка црковните Отци ќе набројат седум патишта и помагала за постигнување на светоста:

a. Слушање на Божјото слово;

б. Вршење на Божјата волја;

в. Често учество во сакраментите – особено во евхаристијата

г. Постојана посветеност во молитвата;

д. Себесвладување;

ѓ. Вистинско служење на браќата и сестрите;

е. Увежбување во сите крепости

И пак сето тоа води во насока дека светоста секогаш значи љубов, а љубовта ја докажуваат делата: „ Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби…

Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме.

Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое… (Ив. 14,21,23-24). Светиот Иван Богослов, ова ќе го потврди и во своето Прво послание: „И по тоа знаеме дека Го познаваме, ако ги вршиме Неговите заповеди. Оној кој вели: “Го знам”, а не ги врши Неговите заповеди, лажливец е и вистината не е во него. А кој го врши Неговото слово, во него Божјата љубов навистина стигнала до совршенство. Според ова знаеме дека сме во Него: оној кој вели дека останува во Него, треба да живее, како што живееше Тој.“ (1 Ив.2,3-6). Но за да бидеме дел од Господовото совршенство, односно светост св. Јаков ќе ни напише: „Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.“ (Јак.1,22).

Извршувањето на Божјата волја во себе ги сумира сите патишта и начини за постигнување на светоста. По различните патишта, кои водат до светоста, мора да одиме така и толку, како и колку е Божјата волја, инаку нема да не водат во светост. Суштината на Исусовиот живот на змјата се состоела токму во исполнувањето на Божјата волја. Или како што милувале дел на концилските Отци да користат – волјата на Отецот. Зашто тој изразно учи: ”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Отец, Кој е во небесата“ (Мт.7,22).

д-р Зоран И. Стојанов

Битта на светоста (1.  дел)

Битта на светоста (2.  дел)

Битта на светоста (3.дел)

За авторот