Бискупот Стојанов во посета на Хрватската матица за иселеници

Бискупот Стојанов во посета на Хрватската матица за иселеници

Во четврток 21 септември 2017 година, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов, во придружба на дон Давор Топиќ, Маријана Крајиновиќ и Миленко Ненадиќ ја посети Хрватската матица за иселеници (ХМИ) во Загреб, каде се сретна со директорот на ХМИ Мијо Мариќ, заменик претседателот на Здружението на босанските Хрвати „Прстен“ Паво Зубак и генералниот секретар на здружението „Прстен“ Марјан Бишкиќ.

На самиот почеток од средбата директорот на ХМИ Мариќ на бискупот Стојанов и неговата придружба ѝ посака добредојде и ги запозна со мисијата на ХМИ, која има за цел да ги собира Хрватите надвор од Република Хрватска и тоа преку културни, научни и спортски настани. Тој нагласи дека мисијата на Хрватската матица за иселеници е зачувување на националниот и културен идентитет, мајчиниот јазик и обичаи на Хрватите, кои живеат надвор од Република Хрватска.

Потоа бискупот Стојанов ги запозна присутните со историјата и делувањето на Католичката црква во Македонија, која има два обреда, истакнувајќи дека во Скопската бискупија мнозинството се од Хрватска народност, како и за долгата и скапоцена поврзаност на бискупијата со Хрватите во Хрватска и Босна и Херцеговина. Исто така рече дека Скопската бискупија како суфрагана бискупија е во составот на врхбосанската метрополија, при што ја потенцира добрата поврзаност со бискупите од Бискупската конференција на Босна и Херцеговина и Бискупската конференција на Хрватска.

Во оваа прилика генералниот секретар на Здружението на босанските Хрвати „Прстен“, Марјан Бикшиќ ги запозна бискупот Стојанов и неговата придружба со историјата и мисијата на здружението „Прстен“, потенцирајќи дека ова здружение во Хрватска е водечко, неполитичко и непрофитно во промовирањето и заштитата на традицијата, културата, економската соработка, дружење и хуманитарно делување на Хрватите во Република Хрватска и Босна и Херцеговина, со цел зачувување на основните вредности и единство на хрватскиот народ и неговиот просперитет.

Бискупот Стојанов се заблагодари за убавиот прием на директорот на ХМИ Мариќ, како и на заменик претседателот и генерален секретар на здружението „Прстен“ и ги покани да ја посетат Македонија и уште повеќе да се запознаат со животот и делувањето на Католичката црква во Македонија. Исто така бискупот Стојанов изрази радост за отвореноста и можноста за соработка во активности и проекти со ХМИ и здружението „Прстен“.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот