Бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината

Бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ на 8 септември 2020 година кога според грегоријанскиот календар црквата го слави празникот Раѓање на Пресвета Богородица служеше света Литургија за татковината по повод Денот на независноста на Македонија, 8 Септември. Со бискупот Стојанов сослужуваа свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, а свеченоста се одржа со почитување на мерките за заштита од коронавирусот согласно мерките од надлежните институции.

Во својата проповед епископот Стојанов се задржа на три вредности, за кои зборуваше, а тоа се: слобода, благосостојба и мир.

Зборувајќи за првата вредност – слобода бискупот Стојанов истакна дека зборот татковина нѐ потсетува на семејниот дом, место каде сме родени, пораснати и живееме. Тој ги поврза слободата со заедничкиот дом кој се вика татковина при што истакна дека секој граѓанин треба да биде слободен и слободно да ја гради својата слобода во цврста зграда на сопствената татковина. (…) На личност на која му е одземена слободата нема идентитет. На народ на кој му е одземена слободата нема татковина. Затоа слободата на личноста и слободата на народот е врховна норма за што копнее секоја земја која е татковина. Во неа живеат слободни и свесни луѓе дека тоа е и нивен заеднички дом.

Зборувајќи за втората вредност, а тоа е благосостојбата монс. Стојанов спомна за Божјиот план при создавањето на светот во кој му ја доверува земјата на човекот за да биде господар над неа, да ја обработува и така трајно да учествува во чинот на создавање. „Таа земја, овој пат со граници одредено парче на Земјината топка која се нарекува Македонија доделена е на нас да ја обработуваме, во неа да работиме и кон неа да се однесуваме да таа нас како мајка може да нѐ храни и ни овозможи да живееме во задоволство“ – рече бискупот Киро Стојанов.

Истакнувајќи дека секој поединец е повикан со дух, душа и тело своите дарови да ги вгради во заедничко добро на заедницата, која пак е врвна цел преку која се остварува благосостојбата, бискупот Стојанов јасно потенцира дека нема благосостојба без заедништво на братска љубов. (…) „Бог сака градењето на благосостојбата да не поврзува во љубовта. Ако тој факт се изгуби од видот тогаш настануваат сите тешкотии со кое денешното општество се среќава, а тоа е: напуштање на татковината, бегство од татковината и конечно отфрлање на оваа земја како своја татковина. Тогаш се губи идентитетот и земјата станува необработена, некорисна, значи украдена“ – истакна монс. Стојанов.

Во продолжение на проповедта бискупот Стојанов допре до еколошки, социјални и културни прашања при што рече: „Браќа и сестри, одговорни сме за еколошките прашања, одговорни сме за социјалните прашања, за културните, одговорни сме за Македонија. Затоа вечерва оваа наша христијанска заедница моли за татковината: „дај ни мудрост и чесност“, зацврсти ја слогата и правдата, тоа е наше намерение.

Зборувајќи за мирот Скопскиот бискуп истакна дека тој е посебен дар од Бога „каде не живееме еден покрај друг, туку живееме еден за друг.“ Нарушените меѓучовечки односи започнати се најнапред во нечистото човечко срце. Затоа денес прашањето пред Бога е многу важно: Каква е чистотата на срцата на граѓаните на Македонија кон својата земја? (…) Мирот е дар кој може да се измоли и за своето срце и за своето семејство и за својата татковина. Од тука сите сме повикани да градиме мир, но не само вербално, туку во полнотата на вистината и праведноста. Правната држава е претпоставка за мирен соживот на сите граѓани.

Завршувајќи ја својата проповед епископот Стојанов ќе истакне: „Драги браќа и сестри, не чудете се што Католичката црква така сериозно гледа на улогата на секој поединец – граѓанин, на секоја власт – одговорност – бидејќи без дом нема татковина, а без татковина нема интегритет на здрави човечки личности.“ Тој истакна дека Исус стана човек во конкретен народ, имаше татковина, која ја љубеше, беше горд на Израелот, но и жалостен при паѓањето на својот народ. „Потресна е сцената кога Исус плаче над својот сакан град Ерусалим: (…) Нашата Македонија градена е на темелите на Европската култура и цивилизација, во поголемиот дел на христијанските вредности и да си замислиме дали Исус денес би плачел над историјата на Македонија. Оваа средба сака да ги избрише тие солзи и затоа молиме за својата Татковина“ – рече на крајот од својата бискупот Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот