Бискупот Стојанов служеше света Литургија по повод Денот на независноста

Бискупот Стојанов служеше света Литургија по повод Денот на независноста

На празникот Раѓање на Пресвета Богородица и Денот на независноста на Македонија, на 8 септември 2019 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје бискупот Стојанов служеше света Литургија за татковината. Во оваа прилика ја пренесуваме во целост неговата проповед.

Да се биде дома

Драги браќа и сестри, почитувани пријатели, собрани сме во овој храм, центар на нашата Бискупија, на сосема уникатен начин да дадеме свој придонес на начин што е наш сопствен, а тоа е молитвата. За да ја разбереме потребата и корисноста на молитвата, да влеземе во едно размислување, кое е инспирирано од Божјиот дух, а опишано е во Библијата, ќе започнам со повикот на Авраам, татко на верата на сите монотоистички религии, а сега се тоа: христијаните, муслиманите, евреите што Авраам го сметаат за прататко на својата вера – деца Авраамови. Тој престојува во богатиот крај на долините Еуфрат и Тигар и добива повик од Бога да го напушти својот град, својата безбедност и да оди во пустината како номад со својот персонал и стадата, а Бог конечно ќе му ја покаже која е неговата Татковина. Да не живее во туѓина, туку да биде свој на своето. Авраам верува на тој глас и се упатува кон многу посиромашниот пустински крај. Сепак, е вознемирен, не затоа што напушта некоја си сигурност, бидејќи му е ветено, ветена земја, туку вознемирен е бидејќи нема потомство, сопругата му е бездетна, а тој е старец. За оваа исконска потреба да има потомство, Бог го информира дека ќе има син и дека преку него ќе стане татко на народите и тоа толку многуброни, колку што се ѕвездите на небото или песокот на морскиот брег. Што значи, на безброј. Библијата од тој миг го прати неговото патување низ конкретна историја, Авраам и неговото потомство Исаак и Јаков. Дванаесетте синови на Јаков од кои настанаа дванаесет племиња, чиј што број е и денес познат во Библијата како племиња на Божјиот народ. Имено, имињата на племињата во Израил ги наследија дванаесетте апостоли во христијанството, тие христијанството го распространија толку многу што денес е религија која има најмногу припадници во светот.

Сепак, во животот на Авраам се случува една необична сцена. Де факто добива син во стотата година од животот, но од него е побарано тој син, ветениот Исаак, да го жртвува според тогашните обичаи во тоа време на Исток кон Бога. Тој би бил должен да го стави својот син на олтар, со свои раце да го убие, да потпали оган на олтарот и со тоа да биде сведок на жртвата. Тоа било од Авраам побарано. Според библискиот опис: Авраам се искачува на планината Морија, каде што денес се наоѓа Ерусалим го води Синот Исаак, кој носи дрва за жртвата за палење и го прашува својот татко: Oвде е оганот, овде се дрвата, а каде е јагнето за жртвување. Возрасниот татко одговара, синко Бог ќе се погрижи. И во тој миг кога ја подигнува раката на својот син слуша глас: Аврааме, Аврааме застани, сега знам дека ми веруваш и се нашло таму овен заплеткан во грмушки и Исаак е ослободен.

Почитувани пријатели, кој ја познава библиската историја тогаш му е познато дека доаѓањето до ветената татковина, траело долги 400 години. Отткако Авраамовиот народ е изведен од египетското ропство под водството на Мојсеј и штотуку тогаш доаѓаат во ветената земја која не е голема ама многу богата за да може да го прехрани населението на ветениот народ.

Зошто тоа го раскажав. Најнапред затоа што земјата како планета не е ни твоја ни моја, туку е заеднички дом на сите нас. И нашите предци многу одамна некаде од Исток со преселувањето на народите доаѓаат во овој крај, како и многумина денес за кои и самите сме сведоци, напуштајќи ги своите родни огништа, доаѓаат во ова благословена земја во која тече нашиот Јордан, односно Вардар и во која се наоѓаат Охридското, Преспанското, Дојранското и многу други помали езера во која се наоѓаат градови и села и тоа е историска реалност. За опстанок на еден народ во една татковина невозможно е да се замисли без жртва. Љубовта кон Татковината буквално е иста како и љубовта кон потомството. Кој не ја сака Татковината како нешто што е родена за себе не е достоен да ја има за своја Татковина. Во ставот на љубовта кон тоа парче земја што ја сакаме, постојано од нас се бара да бидеме подготвени за големи жртви и одрекувања. Татковината не е простор и структура за искористување или експлоатација, туку простор и дарување за можност за живот. Животот се одржува не со животарење, туку со живот во кој човекот му е соработник. Во нашата историја препознаваме столетија во кои бевме робови и големи жртви со што конечно стекнавме да бидеме во својата Татковина свои на своето. Сега од нас се бара големи жртви за да таа слобода и тоа право биде сочувано за себе и за нашите потомци. Оттука татковината може да се сочува само ако ја сфаќаме под поимот наша. Тој поим наша ни дава сила по секоја цена да ја градиме, унапредуваме, чуваме, браниме за да уживаме во чесните плодови на нашиот труд.

Затоа, првиот темел кон татковината е дека сите народи кои ја доживуваат Македонија како своја татковина да негуваат љубов кон таа своја татковина. Таа љубов сите нас нѐ поттикнува на одговорна работа: Да ја градиме и унапредуваме, одговорно да се трудиме за неа што не е само овој час, туку и гаранција за иднината. И конечно општеството да функционира треба да бидеме сложни со претпоставка да ја сакаме и да ја градиме и надградуваме. Сепак, ова е момент на Денот на татковината кога оправдано се прашуваме: Каде сме? Иако сме свои на своето, ние сепак сме дел од оваа планета на овој континент, кој во некоја смисла во многу нешто го диригира нашиот начин на работа. Некои од овие околности се позитивни, но повеќето на очиглед ни изгледат негативни. Се сака да нѐ направаат слуги да правиме тоа што посилните и помоќните го бараат, да размислуваме на начин како тоа помоќните го диригираат и во космополитизмот да го изгубиме својот идентитет.

Така, всушност, овој современ свет на мали народи како да се наоѓа пред темелниот проблем а тоа е: Опстанокот. Како да сме доведени во ситуација на жртва. Само тогаш ќе успееме, ако веруваме повеќе во себе отколку во другите, ако повеќе се потпираме на сопствената сложеност отколку на диктатурите на помоќните и ако црпиме сила за постојаност во верата во себе и нашата љубов кон Македонија и народите во неа. Верувајќи дека оваа парче на оваа благословена земја е доволно богато за да издржи, нахрани и ги благослови своите жители. Во овој момент, ние христијаните и другите верници чувствуваме должност да се молиме на Бога, господарот на историјата, да нѐ направи свесни да бидеме одговорни за тоа што сме наследиле, што ја сочувале, што се жртвувале нашите предци и ние така, да ја сочуваме вербата во иднината на оваа земја. Затоа, се враќам на темата дека само лицата кои имаат свест и совест на одговорност, кои имаат љубов во своите срца и волја на трудољубивост кон својата Татковина имаат право да бидат дома во Македонијa.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот