Бискупот Стојанов служеше заупокоена Литургија за папата Бенедикт XVI

Бискупот Стојанов служеше заупокоена Литургија за папата Бенедикт XVI

Во вечерните часови во среда 4 јануари 2023 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во заедништво со свештеници од градот Скопје служеше заупокоена света Литургија за почесниот папа Бенедикт XVI.

На почетокот од проповедта бискупот Стојанов рече дека смртта на Бенедикт XVI нѐ исполнува со тага во нашата човечност, но и нашата вера и веднаш потоа цитираше зборови од почесниот папа Бенедикт XVI во кои се вели дека сепак: „нашата секојдневна средба со Распнатиот и Воскреснатиот нè исполнува со надеж и утеха“.

Бискупот Стојанов го опиша Бенедикт XVI како скромен служител, кој стана скромен пастир, а тоа го поткрепи со фактот што на 19 април 2005 година кога Бенедикт XVI беше избран за Петров наследник тој од логијата на ватиканската базилика Свети Петар се претстави како: „скромен работник во лозјето Господово“. Таа понизност го карактеризираше целиот негов понтификат, на некој начин како да сакаше да исчезне, да се направи мал, да се направи дискретен, но не да биде забележлив, туку за да го покаже Оној кој е вистинскиот пастир, овоплотен, стана човек за нас.

Понизноста на папата Бенедикт XVI – рече бискупот Стојанов – се гледа и во тоа што од почетокот и до крајот на својата пастирска служба не сакаше да зборува за себе, туку како понизен пастир зборуваше за единствениот Пастир. За пример ја зеде светата Литургија на почетокот од неговиот понтификат, кога не сакаше ниту да се претстави, ниту да предложи програма, туку го претстави Пастирот.

Проповедта бискупот Стојанов ја заврши со мисли поврзани по неговото повлекување од Петровата служба и додаде: По скоро 10 години тивок и молитвен живот, големиот теолог, мислител и Пастир на современиот свет, папата Бенедикт XVI на 31 декември 2022 година се пресели во вечноста. Нека милостивиот и милосрден Господ му биде справедлив судија и нека го прими во Неговото царство. Нека почива во мир! Амин!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот