Бискупот Стојанов додели медалјони и благодарници за организацијата на „Денови на света Мајка Тереза“

На 26 септември 2016 година во бискупската резиднеција во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојановсо своите соработници приреди прием за почесниот одбор и координативното тело, кое беше формирано за организација на татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза во Скопје“ од 5 до 11 септември 2016 година, откако беше свечено канонизирана во Рим на 4 септември од страна на папата Фрањо.

Средбата започна со музичка точка, а потоа бискупот Стојанов упати благодарност истакнувајќи: „Почитувани присутни, во чест на канонизацијата на Мајка Тереза, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, во Скопје од 5 до 11 септември беше одржана манифестација под наслов Татковинска прослава: „Денови на св. Мајка Тереза“, попратена со свечена академија, разни предавања, концерти и останати културни и духовни содржини инспирирани од ликот и делото на св. Мајка Тереза. Врв на повеќедневните настани беше свечената Понтификална св. Миса која се славеше во непосредна близина на родната куќа на св. Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во срцето на град Скопје, на 11 септември, предводена од врхбосанскиот надбискуп и митрополит Винко кард. Пулиќ, специјален пратеник на св. Отец папа Франциск. По тој повод, а во знак на благодарност, за Вашето неизмерно учество во подготовките на тој настан, вечерва се собравме овде на што сите вас ве поздравувам и изразувам искрено добредојде. Оваа наша средба, иако случајно, се случува на еден многу значаен ден, токму на денешен ден, пред 88 години, св. Мајка Тереза заминува од своето родно Скопје за Калкута.“

Во оваа прилика бискупот Стојанов додели медалјони со ликот на Света Мајка Тереза и благодарници за членовите на почесниот одбор и благодарници за членовите на коориднативното тело. Меѓу поканетите гости беа присутни: министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, заменик министерот за образование г-дин Спиро Ристовски, директорката на Комисијата за верски заедници и религиозни групи д-р Валентина Божиновска, гувернерот на Народна банка на Република Македонија г-дин Димитар Богов, градоначалникот на општина Чаир г-дин Изет Меџити, генералниот секретар на кабинетот на Претседателот на Република Македонија, г-дин Борис Јосифовски со соработниците, претставник на градоначалникот на град Скопје, претставник на архиепископот на МПЦ-ОА, претставник на реис-улема на ИВЗ, директорката на Спомен куќата Мајка Тереза м-р Рената Кутера Здравковска, директорот на Макеоднски Каритас монс. Антун Циримотиќ, директорката на ЈЗУ Герентолошки завод „13 Ноември“ Ленче Нелоска, почесниот претседател на граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ д-р Љупчо Ајдински, деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Горан Ајдински, раководителот на Институтот за социјална работа и политика „Мајка Тереза“ проф. д-р Јован Пејковски и проф. д-р Зоран Матевски, амбасадорката на Р. Хрватска г-ѓа Данијела Баришиќ, директорката на Конгресниот центар Александар Македонски г-ѓа Вера Бошковска, г-дин Алојз Гомбар, г-дин Вартоломеј Кајтази и други.

По официјалниот дел средбата продолжи во заедништвото и пријатна атмосфера.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот