Бискупот Стојанов го прими Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска

Бискупот Стојанов го прими Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска

Во среда, 15 јуни 2022 година, во Бискупската резиденција во Скопје, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, Н.В.П монс. д-р Киро Стојанов го прими во куртоазна посета Министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска г-дин д-р Гордан Грилиќ Радман, кој беше придружуван од амбасадорката на Хрватска во Македонија, Н. Е. г-ѓа Нивес Тигањ, раководителот на Управата за југоисточна Европа и проширување на Европската Унија, г-дин Стрибор Кикерец и други членови на Министерството, кои престојуваат на работна посета на Македонија.

Во срдечна и пријатна атмосфера бискупот Стојанов упати зборови на благодарност до Хрватската влада за сето нивно залагање и поддршка на Католичката црква во Македонија, преку Амбасадата на Хрватска и Канцеларијата за Хрвати надвор од Хрватска, како и до Католичката црква во Хрватска.

Потоа беше спомната историската посета на Светиот Отец на Македонија и големото нејзино значење за државата, чија тригодишнина неодамна беше одбележана. По тој повод беше издадена монографија под наслов „Историска посета на Светиот Отец – прво македонско добредојде за папата Франциск“ како и Зборникот на трудови „Католичката црква во Македонија низ историјата“.

Во разговорот, министерот Грлиќ Радман, пред сѐ ги пренесе поздравите кои до бискупот ги упати загребскиот надбискуп, кардинал Јосип Бозаниќ. Потоа ја упати и својата подршка до македонскиот народ за своето настојување, залагање и конкретни чекори кои се направени за започнување на преговорите за влез во Унијата. Воедно беше изразено задоволство од досегашната соработка со Католичката црква во Македонија и целосна поддршка за соработка во иднина, со особен акцент на соработка на културно поле.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот