Бискупот Дајчек испраќа 300 евангелизатори на голема техно забава таму да Го навестуваат Исус

Овој викенд во полскиот град Колобржег, на брегот на Балтичкото море, ќе се одржи голем техно фестивал на кој ќе се соберат десетици илјади млади од земјата и од странство. Освен рејверите и сродните субкултури, за „жесток“ викенд се подготвува и нешто поинаква младина – околу 300 католички верници ќе дојдат на фестивалот и таму ќе евангелизираат и ќе го навестуваат Исус. Овие млади на 22 јули 2014 година започнаа духовни вежби на кои се подготвуваат за оваа ниту малку едноставна задача.

Како што извести католичкиот неделник Госц Ниѕелне (Gosc Niedzielny), „Исусово пристаниште“ е името на оваа акција за евангелизација, а нејзин главен иницијатор е бискупот косзалинско-колобржески Едвард Дајчак, кој и го предводи овој духовен семинар на подготовка за евангелизација. Дајчак и во минатото беше духовен ментор за вакви акции, па и ја осмисли Приштанек Јесус, акција во чиј склоп млади лаици и свештеници доаѓаат на големиот рок фестивал Приштанек Вудсток и таму разговараат со младите посетители за верата и за Исус. Резултатот е често зачудувачки – евангелизаторите зборуваат за големиот број на млади кои после долги години оттргнување од Црквата се исповедуваат и причестуваат, или по прв пат во животот се одлучуваат да Го следат Исус. Некогаш се случува и напросто да слушаат за Господ и за Неговата љубов, без никакви видливи промени, меѓутоа плодовите доаѓаат покасно и тие за тоа сведочат.

Сега бискупот Дајчек одлучи евангелизаторите да ги испрати и на техно забава, каде атмосферата е уште потешка за евангелизација и каде има уште повеќе алкохол и наркотици кои се неизоставен дел на техно субкултурата.. Мотото на акцијата за евангелизација е „Оди и кажи што ти направи Господ“. Еве како Дајчек го објаснува тоа:

„Кога во Евангелито човекот кого Исус го излекува сака да тргне по Него, Тој му одговара да се врати кај своите и да им раскаже за она што му го направи Исус. И ние треба така да правиме. Ако сакаме да евангелизираме, треба да направиме сè што е во наша моќ и да одговориме со љубов на сето она добро што Господ ни го направи. Тогаш можеме да одиме кај другите и да им раскажуваме за тоа“, порача бискупот.

Освен молитва и поука, на духовната обнова ќе бидат одржани и семинари од разни подрачја кои можат да им помогнат на евангелизаторите да дојдат до младите на фестивалот и на соодветен начин да им го навестуваат Исус: со музика, игра, сликарство или со фотографија. Како што рече бискупот, „Духот допушта внатре во Црквата да постојат различни дарови“.

„Мораме да го препознаеме секој дар кој Бог ни го дава. Мораме да запаметиме дека во нив нема наши заслуги. Ако заборавиме на тоа, дури и најмоќните таленти ќе бидат употребени против Неговата Црква. Сето тоа е дар за заедничко добро“, рече Дајчак и заклучи, „како католиците мора да се вратат во духот на првата Црква“.

„Тогаш во најважните работи владеело потполно единство, а во оние од помала важност слобода. Меѓутоа, во сè била и љубовта. Создавајќи различност, мораме да работиме сè за Исус и луѓето за кои сме испратени. Мораме да им пристапиме со голема почит и љубов, како што Исус им пристапуваше на луѓето. Оваа духовна обнова има за цел секој од нас да го открие во срцето она што Господ таму го стави и да научи да го дели тоа со другите луѓе. Оној кој нема да го запознае воскреснатиот Исус, не може да евангелизира“, рече бискупот на евангелизаторите и им посака да дозволат Светиот Дух да ги исполни со Божјата љубов, како би ја ширеле таа љубов понатаму.

Духовната обнова трае до четврток, а потоа евангелизаторите тргнуваат на плажата каде што се случува фестивалот. Да ги пратиме во молитвите.

Горан Андријаниќ| Битно нет/ С.С.

Категорија: Свет

За авторот