Бискупите од Венецуела побараа средба со Папата

Бискупите од Венецуела побараа средба со Папата

Папата Фрањо во четврток 8 јуни 2017 година ќе ги прими претставниците на Епископската конференција на Венецуела, соопшти Грег Бурке, директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.

„Средбата е по барање на Епископкста конференција на Венецуела, која сака да разговара со папата Фрањо за ситуацијата во Венецуела“ – стои во краткото ватиканското соопштение.

Папата повеќе пати ја изрази својата загриженост за ситуацијата во Венецуела. На крајот од април во својата пладневна молитва на плоштадот Свети Петар повика тешката хуманитарна, општествена, политичка и економска криза да се реши по пат на преговори. Светиот Отец упати и апел до владата на Венецуела и сите општествени чинители, повикувајќи ги да престане насилството и да се почитуваат човековите права. Во таа прилика исто така истакна дека од Венецуела не престануваат да пристигнуваат драматични вести за ескалација на судирите, загинати, ранети и затворени.

Во поглед на растечката криза во земјата, Епископската конференција на Венецуела побара средба со Светиот Отец. Бискупите предупредуваат дека сегашната влада сака да воспостави „тоталитаристичко марксистички режим“. Кардинал Хорхе Либерато Урос Савино, надбискуп во главниот град Каракас, во почетокот на минатиот месец во интервју за Радио Ватикан предупреди на кршењето на Уставот.

Во тоа интервју кардиналот истакнува дека Венецуела поминува низ невидена хуманитарна катастрофа. Тој напомена дека Црквата, соочена со таа тешка ситуација, не смета дека нејзина задача е само да се навестува Словото Божјо, туку исто така и да предупредува за кршењето на граѓанските, политичките и човековите права. Не може да се зборува за демократска влада – рече надбискупот од Каракас – бидејќи владата и Врховниот суд ја запреа работата на народното собрание. Во превод, народот остана без парламент, нема свои претставници кои би внимавале на владата и ќе донесува закони, а сето тоа упатува на тоталитаристички режим. Од таа причина ситуацијата не е добра  -рече тогаш кардиналот.

Пред неколку дена претседателот на Епископската конференција на Венецуела, надбискупот Диего Рафал Падрон Санчез, се пожали дека Венецуела се нааѓа во „слободен пад“. Народот чувствува декаденција на Владата, која не управува, која има сѐ помалку пари, а кон тоа ниту увезува, ниту пак произведува добра. Слободата секој ден сѐ повеќе се ограничува – рече надбискупот.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот