Белодробни крила на Европа

Белодробни крила на Европа

Проповед на Н.В.П.  д-р Киро Стојанов на празникот Свети Кирил и Методиј во Богданци

Драги браќа и сестри, свети апостол Павле на едно место спомнува: тешко мене ако не проповедувам. Тој голем апостол на народите, а и на овие наши простори, чувствувал одговорност за она за што бил избран пред Дамаск да не би случајно дошол пред Бога, а да не ја исполнил задачата. Имено, верата се сее со навестување, а Бог дозволува семето да расте и да донесе род. Работа на апостолот е да сее, додека Божјо е да дозволи да расте. Апостолот е многу свесен дека е важен, всушност битен, но во исто време е свесен дека не е тој голем, дури ниту неговата работа, туку голем е Бог кој преку него прави дело на воплотеното свое слово во душите на оние кои ќе го послушаат навестувањето.

Денес сме заедно на празникот на созаштитниците на Европа, кои се ваши заштитници на оваа наша парохија, свети Кирил и Методије, што ние со задоволство ги нарекуваме: словенски апостоли, а свети Иван Павле II ги прогласи созаштитници на Европа. Европското христијанство, имено, познава две големи подрачја, но и две сестрински Цркви исток и запад. Илјада години сме веќе сведоци како за жал Христовата црква не дише целосно со двете белодробни крила и не само затоа, но сигурно е и тоа причина дека Црквата во Европа е уморна. Сигурно не смеам да кажам умор. Свети отец Папа Пиј Х уште на почетокот на ХХ столетие ја согледал опасноста која и се заканувала на европското христијанство, а тоа се т.н. тоталитаризми, што не се само политичка опција, власт во општеството, туку повеќе  светоназорна опција која го условувала и погледот на севкупното општество и животот во него. Така сите тоталитаризми станале опасност за човекот поединец но и за народите да бидат уништени. Да се присетиме само на убиствениот фашизам, комунизам, колку беа силни во убивањето и уништувањето на сето онаа што не се потчинило на нивната идеологија. Додека запад во работата на Бенедиктинците гледало корени на светото западно христијанство, дотолку повеќе светите Браќа, словенски мисионери, во крилото на Христовата црква ги донеле Словените од исток. Иван Павле II, кој е од источниот блок, а пред сè имајќи ја во вид Русија сакаше да го предупреди човештвото или барем Европа дека таа не е само составена од земјите на Европската унија, пред сè не денес, туку дека се тоа всушност и Словените со својата богата традиција, вера и морал, што за Европа сѐ уште би можело да значи спас, бидејќи дефакто запад е западнат во неморал, а Исток би можел да внесе вдишување на свеж воздух. Така таа теза од две белодробни крила не е само исказ на свети Иван Павле II туку е и една голема стварност на која би требало да сметаме сите одговорно, а тоа е дека Европа можеби сѐ уште има спас во единството помеѓу Исток и Запад.

 Драги браќа и сестри, ние наследници на источното белодробно крило благодариме на апостолското дејствување на светите браќа Кирил и Методије за нивната постојаност. Она што повторно не фасцинира кај светите Браќа се овие работи: во времето на нивното послание славените биле новодојден народ негде од исток, разнородни и пагани. Кон нив можело да се зазеде став на противење како против населување на територија која се наоѓа под власта на Римското царство, гледајќи на нив како неорганизирани освојувачки орди. Благодарејќи на Црквата и нејзината свест дека според природата таа е мисионерска тоа не се случило. Веќе при покрстувањето на многу славени се сеќаваме со фактот дека им се испраќаат мисионери од Рим што постепено ги правеле првите чекори воведувајќи ги славените во заедништво на верата. Тоа што нас секогаш не фасцинира е подготвеноста на двајцата браќа лаици да се одзоват на посланието да бидат мисионери и тоа за христијанството во нивно време многу далеку и тоа во непозната земја. Вториот факт е оној Павловски, а тоа е: Како да се навестува Божјото слово ако не се разбира? И тоа што нас секогаш одново не фасцинира кај двајцата браќа е дека не само што се расположени да отидат далеку, туку за тие народи го научиле јазикот и го создале писмото. Отишле наоружани со литургиски книги и апостолски запал.

Кога сето тоа што го знаеме за светите Браќа го пренесеме во наше време и си поставиме прашање: што денес може да се направи за новата евангелизација? Тогаш ни се наметнува моделот на светите Браќа: да имаме свест дека Црквата е мисионерска, да излеземе во пресрет на луѓето кои се на периферијата и трето да им го навестиме Божјото слово на јазик и начин на кој тие го разбираат. Ако се обидеме сега на сите тие три точки да одговориме се плашам дека немаме одговор. Прво, дали имаме мисионерски мажи и жени што ќе се охрабрат и кои ќе бидат свесни дека верата не е лично поседување нешто само за нас туку во суштина е слово кое ни е дадено да го пренесеме, навестиме, посееме. Се плашам дека ние често не успеваме да го сочуваме христијанството на христијанските вредности ниту во најтесниот круг на семејството, а камоли уште да имаме мисионерска ширина. Тоа е проблем на современиот живот со што се соочува црквата со т.н. реевангелизација. Потешко е младите христијани или отпаднатите да се доведат на патот на евангелието отколку на паганите да им се навести евангелието. Да ги молиме светите Браќа и во наше време да се најдат храбри луѓе што се подготвени да отидат не толку далеко, туку во својата околина да бидат реевангелизатори. Друго што е многу битно да се говори со јазикот што залутаните христијани можат да го препознаат дека нашето навестување е автентично Божјо слово. На едно место свети апосто Павле пишува дека тоа е впишано во нашите срца. Со други зборови денес човек не го очекува евангелизаторот со зборови, туку го препознава според неговиот живот и живеење. Сега се наоѓаме на нивниот терен и никој не може да каже дека тоа не е можно. Секој од нас денес и овде може да ги живее христијанските вредности толку длабоко да тоа и другите го забележат, тоа не е наметнување туку едноставно начин на живот. Месечината не е виновна што не е сонце, сепак е многу добро кога во темната ноќ има месечина која ги расветлува нашите патишта. Не е како сонцето, бидејќи и месечината прима светлина од сонцето, но добро е што нам од примената светлина праќа и на земјата толку колку да не сме во мрак. Можеби не може да биде сонце, но може да биде одблесок на сонцето во темнината на човечките ноќи.

Браќа и сестри, нека светите Браќа непрестајно не застапуваат и дека навестувањето на евангелието не е само обврска, туку и начин на живеење на христијанинот. Така и ние како наследници на нивната духовност во наше време и простор да бидеме службеници на Божјото слово кое се сее, а Бог ќе даде да порасне. Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот