Ангел Господов: Спасението е дар, кој бара преобраќање

Ангел Господов: Спасението е дар, кој бара преобраќање

Во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов од библиотеката на Апостолската палата на 24 јануари 2021 година, папата Фрањо се осврна на почетокот на проповедањето на Исус за кое се зборува во Евангелието по Марко.

Христовите зборови: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието“ е повикот да се живее секој ден од животот како „време на спасението“ – објасни Папата. Спасението не се постигнува автоматски, туку бара преобраќање. Евангелскиот пасус на денешната Литургија зборува, така да се каже, за преминот на сведочењето од Иван Крстител на Исус (Марко 1,14-20) – рече Папата и потсети: Иван беше неговиот претходник, тој го подготви теренот и патот. Исус сега може да го започне своето послание и да го навести спасението кое веќе е присутно. Неговото проповедање е сумирано во зборовите: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието“! Ова е пораката која нѐ поттикнува да размислуваме за две важни теми: време и преобраќање.

Времето во овој пасус на Евангелието по Марко треба да се сфати како времетраење на историјата на спасението, кое Бог го овозможи – рече Светиот Отец, објаснувајќи: Затоа, времето кое се  „исполни“ е она во кое спасителното дејствување ја достигнува кулминацијата, т.е. потполното исполнување. Тоа е историски момент во кој Бог го испрати Синот на светот и неговото Царство е поблиску од било кога претходно. Сепак, спасението не доаѓа автоматски. Спасението е дар на љубовта и како такво е бесплатно и бара слободен одговор, односно бара преобраќање.

Со други зборови, станува збор за промена на менталитетот и животот. Ова значи да не се следат повеќе световните примери, туку Божјиот пример кој всушност е даден од Исус. Тоа е одлучувачка промена во ставовите и однесувањето. Имено, гревот го донесе во светот менталитетот за истакнување на себеси против Бога и другите и за таа цел не се двоуми да употреби измама и насилство. На сето тоа се спротивставува на Исусовата порака, која нè поттикнува да ја признаеме потребата од Бога и неговата благодат, да имаме урамнотежен став кон земните добра; да бидеме отворени за прифаќање и понизни кон сите; да се запознаеме и да се реализираме себеси преку средби и служење на другите – рече папата Фрањо.

Времето во кое можеме да прифатиме откупување е кратко за секој од нас. Тоа е времетраењето на нашиот живот на овој свет. Животот е дар на Божјата бескрајна љубов, но и време да ја испитаме нашата љубов кон него. Затоа, секој момент од нашите животи е драгоцено време за љубов кон Бога и ближниот, за да можеме да влеземе во вечен живот. Историјата на нашиот живот има два ритми: еден, мерлив, составен од часови, денови и години; вториот, составен од периодот на нашиот развој; раѓање, детство, адолесценција, зрелост, старост и смрт – рече Папата.

Секое време и секоја фаза од нашиот живот има своја вредност и може да биде привилегиран момент за средба со Господ. Верата ни помага да го откриеме духовното значење на тие времиња. Секој од нив содржи одреден повик од Господ на кој можеме да дадеме позитивен или негативен одговор. Во Евангелието гледаме како одговориле Симон, Андреј, Јаков и Иван. Тие биле зрели мажи, рибари и семејни луѓе. Сепак, кога помина Исус и ги повика, тие веднаш ги оставија мрежите и појдоа по него.

Пресвета Богородица нека ни помогне да го живееме секој ден, секој момент како време на спасение во кое поминува Господ и нè повикува да го следиме. Нека ни помогне да се преобратиме од световниот менталитет во менталитет на љубов и служење – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот