Ангел Господов: Светците се сведоци на христијанската надеж

Ангел Господов: Светците се сведоци на христијанската надеж

На празникот на Сите светии, за време на неделната молитва Ангел Господов на 1 ноември 2020 година, папата Фрањо повика да размислуваме за сведоштвата на светците, што за нас е извор на надеж во воскресението и пример за одење по патот на блаженствата по кој сите можеме да одиме. на уникатен и единствен начин, со кроткоста што на денешниот свет му е премногу потребна. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри!

На овој свечен празник Сите светии Црквата нѐ повикува да размислуваме за големата надеж, која се темели на Христовото воскресение: Христос воскресна и ние заедно со него ќе воскреснеме. Светците и блажените се најмеродавните сведоци на христијанската надеж, затоа што во потполност живееле за време на својот живот со радостите и страдањата исполнувајќи ги блаженствата кои Исус ги навести и кои денес одекнуваат во Литургијата (сп. Матеј 5,1-12). Имено, евангелските блаженства се пат до светоста. Ќе се задржам сега на две блаженства: второто и третото.

Второто блаженство гласи: „Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!“. Тие зборови како да се спротивставуваат, затоа што жалоста не е знак на среќа и радост. Причината за плачење и страдање е смртта, болеста, моралните неволји, гревот и заблудите, едноставно кажано секојдневниот живот, кршлив, слаб и одбележен со тешкотии. Животот кој понекогаш е ранет и искушуван со неблагодарност и неразбирања. Исус ги прогласува блажени оние кои плачат заради таквите реалности и покрај сѐ, својата доверба ја ставаат во Господ и се ставаат под неговиот плашт. Не се рамнодушни, ниту пак срцето им е стврднато и покрај болките, туку трпеливо се надеваат на Божјата утеха. И утехата ја доживуваат веќе во овој живот.

Во третото блаженство Исус вели: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ Драги браќа и сестри, кроткост! Кроткоста е Исусова карактеристика, затоа што тој за себе вели: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Матеј 11,29). Кротки се оние кои имаат власт над себе, кои оставаат простор за другиот, го слушаат и почитуваат неговиот начин на живот, неговите потреби и барања. Не се обидува да го совлада или да го омаловажи, не сака да господари, да доминира во сѐ и да ги наметнува сопствените идеи и интереси на туѓа штета. Тие луѓе кои духот на овој свети не ги цени се скапоцени во Божјите очи, кои им дава наследство во ветената земја, односно вечен живот. Тоа блаженство исто така започнува на оваа земја, а ќе се доврши на Небо! Кроткост. Во овој час од животот па и во световниот, каде има толку многу агресивност… ; и во секојдневниот живот, прво што излегува од нас е агресивноста, одбраната… Треба да бидеме кротки за да би можеле да напредуваме во светоста. Да наслушнуваме, да почитуваме, да не напаѓаме: кроткост.

Драги браќа и сестри, да се избере чистотата, кроткоста и милосрдието; да се одбере довербата во Господ во сиромаштво на духот и во неволјите; да се залагаме за правда и мир – сето тоа значи да се оди против струјата во однос на менталитетот на овој свет, во однос на културата на поседување, бесмислени забави, вообразеност кон најслабите. Тој евангелски пат го поминале светците и блажениците. Денешниот празник со кој ги славиме сите светии, нѐ потсетува на личен и сеопшт повик на светост и ни нуди сигурни примери на тој пат, кој секој од нас поединечно мора да го помине лично и неповторливо. Да се сетиме само на неисцрпната разноликост на даровите и конкретните животи на светците и светиците: не се еднакви, секој има својата карактеристика и својот живот го развива во светост според сопствениот карактер. Секој од нас може да го направи тоа, да оди по тој пат. Кроткост, кроткост, ве молам, и да одиме кон светоста.

Тоа неброено семејство на верни Христови ученици има мајка, Дева Марија. Ја почитуваме со титулата, Царица на сите светии, но таа пред сѐ е Мајка која секој од нас го учи како да се прифати и да се следи нејзиниот Син. Таа нека ни помогне да ја негуваме желбата за светост, чекорејќи по патот на блаженствата.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот