Ангел Господов: Пресвета Троица нѐ учи дека не можеме еден без друг

Ангел Господов: Пресвета Троица нѐ учи дека не можеме еден без друг

Папата во своето пладневно обраќање потсети дека во Евангелието на денешната Литургија Исус претставува уште две божествени личности: Отецот и Светиот Дух. Празнувањето на Пресвета Троица не е толку теолошка вежба, рече тој, туку револуција во нашиот начин на живот.

Светиот Дух зборува, но не за себе; го објавува Исуса и го објавува Отецот; а Отецот, кој поседува сè, бидејќи тој е изворот на сè, на Синот му дава сè што поседува, ништо не чува за себе и целосно му се предава на Синот – рече папата Фрањо во пладневното обраќање во недела 12 јуни на празникот Пресвета Троица.

Ако се погледнеме себеси, секогаш сакаме убаво да ни зборуваат, а често зборуваме само за себе и за она што го правиме. Каква е разликата во однос на Светиот Дух кој зборува, објавувајќи им на другите! Што се однесува до она што го поседуваме, тешко ни е да го споделиме со другите, дури и со оние на кои им недостасува она што им е најпотребно! – забележа Папата.

Троичниот Бог да се покаже со дела, а не со зборови

Празнувањето на Пресвета Троица не е толку теолошка вежба, туку револуција во нашиот начин на живот. Бог, во Кого секој човек живее за другиот, а не за себе, нè поттикнува да живееме со другите и за другите. Денес можеме да се запрашаме дали мојот живот го одразува Богот во кој верувам; Јас, кој исповедам вера во Бог Отецот и Синот и Светиот Дух, дали навистина верувам дека ми требаат другите за да живеам, дека треба да се предадам на другите, дека треба да им служам на другите? Дали ова го потврдувам со зборови или со мојот живот? – поттикна Светиот Отец.

Нагласувајќи дека троичниот Бог треба да се покажува со дела, а не со зборови, Папата објасни дека Бог, кој е автор на животот, помалку се пренесува преку книгите, а повеќе преку сведочењето на животот. Оној кој е љубов, како што пишува евангелистот Иван, се открива преку љубовта.

Што значи да се љуби?

Да се љуби не значи само да се сака и да се прави добро, туку пред се, во коренот, да се прифатат другите, да се создадат места за другите, да се даде простор на другите. За подобро да го разбереме ова, размислуваме за имињата на божествените личности што ги изговараме секогаш кога се крстиме; во секое име е присуството на другиот. Отецот, на пример, не би бил тоа што е без Синот; така што Синот не може да се замисли сам, туку секогаш како Син на Отецот. Духот е Светиот Дух, Духот на Отецот и Синот. Пресвета Троица нѐ учи дека никогаш не можеме да бидеме без другиот. Ние не сме острови, ние сме во светот за да живееме според Божјиот образ: отворени, имаме потреба од други и со потреба да помогнеме на другите.

Затоа, да си поставиме едно последно прашање – поттикна Папата. Дали и јас сум одраз на Пресветата Троица во мојот секојдневен живот? Знакот на крстот што го правам секој ден, останува ли гест кој е цел сам по себе или го вдахновува мојот начин на зборување, средба, одговарање, расудување, простување? Нека Богородица, ќерката на Отецот, мајката на Синот и свршеница на Духот, ни помогне да ја прифатиме и во животот да сведочиме за таинствотот на Бога кој е љубов – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот