Ангел Господов: Колку е поблизок Бог до нас, толку сме порадосни

Ангел Господов: Колку е поблизок Бог до нас, толку сме порадосни

За време на молитвата Ангел Господов на 13 декември 2020 година папата Фрањо се осврна на ликот на свети Иван Крстител кој со радост го очекуваше доаѓањето на Месијата и никогаш не го сврте вниманието кон себе, туку секогаш луѓето ги упатуваше кон Христос. Обраќањето на папата Фрањо го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Повикот за радост е карактеристичен за Адвент: исчекувањето на Исусовото раѓање, исчекувањето во кое живееме е радосно, наликува како радоста што нè обзема кога очекуваме посета на некој човек кој многу го сакаме, на пример пријател што не сме го виделе одамна или роднина или нешто слично. Ние сме во радосно очекување. И таа димензија на радост е посебно очигледна денес, во третата недела, која започнува со повикот на свети Павле: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! (Антифон, сп. Фил 4, 4,5). „Радувајте се!“ Христијанска радост. А зошто треба да се радуваме? Затоа што „Господ е близу“ (р. 5). Колку е Господ поблизу до нас, толку сме порадосни; колку сме подалеку, толку сме потажни. Тоа е правилото за христијаните.

Во една прилика, еден филозоф отприлика рече вака нешто „Не разбирам како може денес да се верува, затоа што оние кои велат дека веруваат имаат израз на лицето како да бдеат над некој починат. Тие не сведочат за радоста на воскресението на Исус Христос“. Колку такви христијани има со тој израз на нивните лица, да, со своите изрази како да бдеат над некој починат, лица кои се препуштаат на тагата … Но, Христос воскресна! Христос те сака! А ти не си среќен! Ајде малку да размислиме за тоа и да кажеме: „Дали сум среќен затоа што Господ е близу, затоа што Господ ме сака, затоа што Господ ме откупи?

Во денешниот пасус од Евангелието според Иван, ни е претставен библискиот лик, со исклучок на Богородица и Свети Јосиф, кој прв и најмногу живееше за очекуваниот Месијата и за радоста што го виде неговото доаѓање: се разбира, зборуваме за Иван Крстител (сп. Иван 1,6-8;19-28).

Евангелистот го воведува и го претставува на свечен начин? „Имаше еден човек по име Иван, пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. (Иван 1,6-7). Кратителот е првиот сведок за Исус, со зборови и со дарот на животот. Сите евангелија се сложуваат во тоа дека тој го оствари своето послание покажувајќи на Исус дека е Христос, Божји Помазаник, ветен од пророците. Иван беше водач на своето време. Гласот за него се прошири по цела Јудеја и подалеку сѐ до Галилеја. Но тој ниту во еден единствен момент не подлегна на искушението вниманието да го сврти на себе: Тој секогаш беше оној кој упатуваше кон Оној кој требаше да дојде. Зборуваше: доаѓа оној… на кој не сум достоен ниту да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови (Иван 1,27). Секогаш покажуваше на Господ. Исто како и Божјата Мајка: секогаш покажуваше на Господ. „Направете сѐ што ќе ви каже“. Секогаш Господ е во центарот. Светците покажуваат на Господ. А оној кој не покажува на Господ не е свет.

Ете го првиот услов за христијанската радост: себе да се тргнеме од центарот и во центар да го ставиме Исус. Тоа не е отуѓување, затоа што Исус навистина е центарот, тој е светлото кое дава полна смисла на животот на секој маж и жена кои доаѓаат на овој свет. Самата динамика на љубовта е тоа што нѐ наведува да излезам од самиот себе, не за да се изгубам, туку да се пронајдам додека се дарувам, додека го барам доброто за другиот.

На Иван Крстител му претстоеше долг пат пред да дојде до таму да сведочи за Исус. Патот на радоста не е прошетка. Треба да работиме напорно за да бидеме секогаш во радост. Иван остави сè, дури и како млад, за да го стави Бог на прво место, да го слуша Неговото Слово со сето свое срце и со сета своја сила. Иван се повлече во пустината, одрекувајќи се од сè што е излишно, за да може послободен да го следи дувањето на Светиот Дух.

Некои одлики од неговиот карактер се секако единствени, неповторливи, не можат да се понудат на сите. Но, неговото сведоштво е пример за секој што сака да ја бара смислата на неговиот живот и да најде вистинска радост. Крстителот на посебен начин е пример за оние во Црквата кои се повикани да го навестат Христа на другите: тие можат да го сторат тоа со одрекување од себе и од светот, не привлекувајќи луѓе кон себе, туку упатувајќи ги кон Исус. Ова е радоста: да упатуваме на Исус. И радоста мора да биде одлика на нашата вера. И во моментите на темнина мора да постои таа внатрешна радост, да знаеме дека Господ е со мене, дека Господ е со нас, дека Господ воскресна. Господи! Господи! Господи! Тој е центарот на нашиот живот и е центар на нашата радост.

Размислете добро денес: како се однесувам? Дали сум радосна личност која знае да ја пренесе радоста на христијанинот или секогаш сум како оние тажните, како што реков претходно, кои изгледаат дека бдеат над починат? Ако немам радост на мојата вера, нема да можам да сведочам, а другите ќе речат: „Но, ако верата е толку тажна, подобро и да ја немаш“.

Додека молиме Ангел Господов, сето тоа го гледаме целосно остварено во Дева Марија: таа молчеливо го чекаше Божјото Слово на спасението; слушаше, прифати, започна. Во неа, Бог стана близок. Затоа Црквата ја нарекува Марија „Причина за нашата радост“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот