Ангел Господов: Исусовата сила не е спектакуларна, туку сочувство со оние во потреба

Ангел Господов: Исусовата сила не е спектакуларна, туку сочувство со оние во потреба

Во првиот пладневен говор во месец август папата Фрањо поттикна да се наследува Божјата логика која води до грижа за другиот. Повика да се прашаме дали во секојдневниот живот сме „сочувствителни“ во однос на вестите за војни, глад, пандемија. Исто така потсети дека спиритуализмот, како и материјализмот се туѓи за Библијата.

Не смееме да се приближиме на евхаристиската трпеза заборавајќи за потребата на браќата – рече папата Фрањо во недела 2 август 2020 година за време на молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Евангелието од денешната Литургија ни го пренесува чудото со умножувањето на лебовите (Матеј 14,13-21) – рече папата Фрањо и потсети: Настанот се случува во самотно место, во осаменост, таму каде што Исус се повлекувал со своите ученици. Но луѓето дојделе по него за да го слушаат и да ги излекува. Имено неговите зборови и дела оздравувале и давале надеж. Кога дојделе вечерта, мноштвото уште било таму, а учениците, кои биле практични луѓе, го поттикнале Исус да го отпушти народот за да појде и да си купи храна. Но тој им одговори: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“.

Да си ги замислиме лицата на учениците – рече Светиот Отец и напомена: Исус добро знае што прави, но сака да го промени нивното однесување како не би кажале „нека се снајдат“, туку „што ни дава Провидноста да поделиме“? Преку ова ситуација сака да ги воспитува своите некогашни и сегашни пријатели за Божјата логика која ни покажува дека мораме да се грижиме за другите. Кога еден од апостолите ќе каже реално: „Ние имаме само пет лебови и две риби“, Исус одговара: „Донесете ми ги тука“. Ја зема таа храна во свои раце, ги подигна очите кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, за да го поделат на народот.

Но леб и риби не недостасуваа, имало доволно за илјадници луѓе – рече папата Фрањо и истакна: Со тоа дело Исус ја покажа својата сила, не на спектакуларен начин, туку како знак на љубов и великодушност на Бог Отецот кон своите уморни и во потреба деца. Тој е потонат во животот на својот народ, го сфаќа нивниот умор и ограничувања, не дозволува некој да се загуби и малакса; со своите зборови ги храни и како помош им дава храна во изобилство.

Во овој евангелски настана е очигледна поврзаноста со Евхаристијата, посебно таму каде што е опишан благословот на лебовите, прекршувањето, како го дава на учениците да го поделат на народот – рече Папата и напомена: Треба да се забележи дека е тесна врската помеѓу евхаристискиот леб , храната за вечен живот и секојдневниот леб кој ни е потребен за земскиот живот. Пред самиот да се предаде за леб на спасение, Исус се грижи за храна на оние кои го следат и кои, иако со нив, заборавиле да се обезбедат. Понекогаш духот и материјата се спротивставуваат, но всушност спиритуализмот, како и материјализмот се туѓи за Библијата.

Сочувството и нежноста кое Исус го покажа кон мноштвото не е сентиментализам, туку конкретно покажување на љубов која се грижи за потребата на луѓето. Повикани сме да се приближиме на евхаристиската трпеза со тоа исто Исусово однесување, односно со сочувство кон потребите на другите, довербата во љубовта на Отецот, кој се грижи за другите и храброста да делиме со другите.

Пресвета Дева Марија нека ни помогне до одиме по патот кој Господ ни го покажа во денешното Евангелие. Тоа е патот на братство, кој е основен како би се соочиле со сиромаштвото и страдањата на овој свет и да нѐ води понатаму од самиот свет, затоа што тоа е патот кој започнува од Бог и се враќа кај Бог – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот