Ангел Господов: Да се гледа и да има сочувство како Добриот Самарјанин

Ангел Господов: Да се гледа и да има сочувство како Добриот Самарјанин

Да бидеме на пат со „немирен дух“, со желба да учиме секој ден, следејќи го Господ Исус кој вели: „Јас Сум Патот и Вистината и Животот“ (Иван 14, 6). Да гледаме далеку напред, кон крајната цел, притоа да внимаваме на чекорите што треба да ги преземеме, овде и сега, за да дојдеме до него. Ова го истакна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, коментирајќи ја параболата за добриот Самарјанин.

Евангелието за неделната Литургија зборува за познатата парабола за добриот Самарјанин (сп. Лука 10, 25-37), за кого евангелистот истакнува дека „еден, пак, Самарјанин, патуваше, дојде до него, виде и се сожали“ (сп. Лука 10, 33).

Како што истакна папата Фрањо во недела 10 јули 2022 година, во позадина е патот кој се спушта од Ерусалим до Ерихон, на кој лежи човек кој бил претепан до смрт од разбојници и ограбен. Поминува свештеник, го гледа и си заминуваа, не застанува; исто така и левитот, односно службеник во храмот. Самарјанинот, пак, иако има свои планови и има долг пат до целта, не наоѓа изговори и дозволува неговото внимание да биде окупирано од она што се случува на патот, нагласи Папата.

Внимавајте на чекорите овде и сега

Така нè учи Господ, истакна Светиот Отец. Да гледаме далеку напред, кон крајната цел, притоа внимателно да внимаваме на чекорите што треба да ги преземеме, овде и сега, за да дојдеме до него. Значајно е што првите христијани биле наречени „ученици на Патот“ (сп. Дела 9,2), додаде Папата – верникот, всушност, е многу сличен на Самарјанецот: тој е патник исто како него.

„Знае дека не е човек кој се населил на едно место и ги исполнил сите свои стремежи и соништа, туку е со „немирен дух“,сака да учи секој ден, следејќи го Господ Исус кој вели: „Јас сум Патот и Вистината и Животот“ (Иван 14,6). Христовиот ученик го следи и на тој начин станува „ученик на Патот“. Го следи Господа, кој не го поминува животот седејќи, туку секогаш е во движење: попат среќава луѓе, лекува болни, посетува села и градови“.

Да се види и сочувствува

Следејќи го Исус, ученикот гледа како неговиот начин на размислување и дејствување постепено се менува, станувајќи се повеќе и повеќе сообличени со Учителот. Тој учи, како што нагласи Светиот Отец „да гледа и сочувствува“.

„Најпрво гледа: во животот поминува со отворени очи за реалноста што го опкружува, не е себично затворен во кругот на сопствените мисли. Свештеникот и левитот, напротив, го гледаат несреќникот, но како да не го гледаат, поминуваат гледајќи на другата страна. Евангелието нè учи да гледаме: го наведува секој од нас правилно да ја разбере реалноста, надминувајќи ги од ден на ден предрасудите и догматизмот“.

Потоа, следејќи го Исус учи за сочувството, додаде Папата – учи да ги забележува другите, особено оние кои страдаат, оние на кои им е најпотребно и да интервенира како Самарјанинот.

Друг вид вежбање

Папата истакна дека читањето на оваа евангелска парабола може да побуди две чувства: дали ги обвинуваме другите или самите себе. Вперуваме прст кон другите споредувајќи ги со свештеникот и левитот или се обвинуваме себеси, набројувајќи ситуации во кои сме пропуштиле да покажеме внимание на ближниот.

Меѓутоа, Светиот Отец предлага „друг вид вежбање“. Како што наведува, сигурно мора да препознаеме кога сме биле рамнодушни и сме се оправдувале, но да не застанеме тука.

„Да го молиме Господ да ни помогне да излеземе од нашата себична рамнодушност и да нè изведе на Патот.

Да го молиме да ги видиме и да бидеме сочувствителни со оние што ќе ги сретнеме на нашиот пат. Тоа е милоста што мора да ја бараме од Господа, нагласи Светиот Отец, за да видиме како Тој нè гледа и да го имаме сочувството што го има кон нас. Да имаме сочувство за оние на патот, особено за оние кои страдаат и имаат потреба, да им се приближиме и да им помогнеме колку што можеме.

Говорејќи надвор од подготвениот говор, Папата повторно ја истакна важноста од допирање на сиромашните, давајќи го примерот за давање милостина. Ако давате милостина без да ја допрете реалноста, без да гледате во очи на оној што има потреба, таа милостина е за тебе, а не за него, истакна Папата.

Тоа е пат на растење, заклучи папата Фрањо, и нека нè придружува Богородица – нека ни помогне сè повеќе да стануваме „ученици на Патот“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот