Ангел Господов: Да дозволиме да нѐ менува Исусовиот поглед

Ангел Господов: Да дозволиме да нѐ менува Исусовиот поглед

Пред денешната молитва Ангел Господов, папата Фрањо се осврна на евангелието од денешната Литургија, концентрирајќи се на ликот на началникот на цариниците Закхеј од Ерихон, кој бил преобразен од Исусовиот поглед во личност која е способна бесплатно да љуби. Имено, Бог го осудува гревот, а грешникот настојува да го спаси – потсети Папата.

Да дозволиме како и на Закхеј да нѐ менува Исусовиот поглед на љубов – рече папата Фрањо во недела 3 ноември 2019 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на евангелието од денешната Литургија, која нѐ повикува да го следиме Исус на патот кон Ерусалим (Лука 19,1-10). Исус запира во Ерихон каде го пречекале мноштво луѓе, меѓу кои и човек по име Закхеј, началник на цариниците, односно еден од оние Евреи кои за римскиот цар собирале данок – потсети Папата и напомена: Бил богат благодарејќи не на чесната заработка, туку затоа што барал ‘мито’, а поради тоа луѓето уште повеќе го презирале.

Закхеј сакал да види кој е Исус; не сакал да го сретне, бил љубопитен, сакал да го види тој човек за кого имал слушнато посебни работи – рече Светиот Отец и објасни: Затоа што бил со низок раст, за да го види, се качил на едно дрво. Кога Исус дојдел на тоа место, погледнал нагоре и го здогледал. Важно е да се забележи дека Исус прв го погледнал Закхеј, а не обратно. Милосрдниот Господов поглед нѐ опфаќа пред да бидеме свесни дека ни е потребен, како би биле спасени. И со тој поглед на божествениот Учител започнува чудото на преобраќање на ерихонскиот грешник.

Имено, Исус го повикува по име: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.” – рече Папата и продолжи: Не го прекорува и не му проповеда; му вели дека мора да оди кај него, мора затоа што тоа е волјата на Отецот. И покрај негодувањето на луѓето, Исус одлучи да влезе во куќата на јавниот грешник. И ние би се соблазниле со таквото Исусово однесување. Но презирот и затвореноста кон грешникот, го изолираат и го прават да биде уште повеќе тврд во злото, кое го прави на себе и на заедницата.

Меѓутоа, Бог го осудува гревот, а грешникот се обидува да го спаси, и го бара како би го повратил на вистинскиот пат – рече Папата и истакна: Кој никогаш не почуствувал дека е баран од Божјото милосрдие, се мачи да ја прифати посебната големина на гестот и зборовите со кои Исус пристапува кон Закхеј. Исусовото прифаќање и внимание кон Закхеј го водат до јасна промена на менталитетот. Во еден момент станува свесен колку е беден животот кој е преокупиран само со пари, и по цена на крадење од другите и нивниот презир.

Тоа што Господ дојде во неговата куќа му помогна сите работи да ги види со други очи и со малку нежност со која Господ него го гледаше – рече Светиот Отец и додаде: Го менува својот начин на гледање и користење на парите. Земањето го заменува со дарување. Имено, одлучил половината од сѐ што поседува да го даде на сиромашните и четворно да го врати она што го зел насправедливо. Исус му помага на Закхеј да сфати дека е можно бесплатно да љуби. До тогаш бил скржавец, а после тоа станува великодушен. Имал чувство за да зграби, а сега се радува што може да подели.

Сретнувајќи ја Љубовта, откривајќи дека е љубен и покрај своите гревови, станува способен да ги љуби другите, од парите прави знак на солидарност и заедништво.

Блажена Девица Марија нека ни измоли милост секогаш на себе да го чувствуваме милосрдниот Исусов поглед, како би оделе со милосрдие во пресрет на оние кои погрешиле, како и тие би можеле да го прифатат Исус, кој дојде да го бара и спаси она што е загубено  -рече папата Фрањо на крајот од своето обраќање.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот