Ангел Господов: Бог не е затворен во својот свет, туку „излегува“ и ги бара луѓето

Ангел Господов: Бог не е затворен во својот свет, туку „излегува“ и ги бара луѓето

Зборувајќи за параболата за работниците кои домаќинот на лозјето ги повикал во текот на денот и на сите им платил исто, Папата објасни дека Бог ја дава најголемата награда и на последните, како и на добриот разбојник на крстот и дека Црквата треба како Бог секогаш да излегува и да го навестува Евангелието – рече папата Фрањо во говорот пред молитвата Ангел Господов во недела 20 септември 2020 година. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денешниот дел од Евангелието (сп. Матеј 20,1-16) ја донесува параболата за работниците кои домаќинот на лозјето ги повикал да работат за дневница. Преку таа парабола Исус ни го покажува изненадувачкиот начин на Божјото делување, претставен преку двата става на домаќинот, повик и награда.

Најпрво за повикот. Пет пати домаќинот на лозјето излегува на плоштадот и повикува наемници да работата за него. Во шест, девет, дванаесет, три и пет часот попладне. Впечатлива слика на овој домаќин кој во неколку наврати излегува да бара работници за своето лозје. Тој домаќин го претставува Бог кој ги повикува сите и повикува секогаш, во секое време. Бог и денес така делува, продолжува да ги повикува сите, во секое време, да работат во неговото Царство. Тоа  е Божјиот стил на кој и самите сме повикани да го прифатиме и имитираме. Тој не останува затворен во својот свет, туку „излегува“: Бог секогаш излегува и нѐ бара, не е заклучен. Бог излегува. Тој постојано излегува и бара луѓе, затоа што сака никој да не биде исклучен од неговиот план и љубов.

Нашите заедници исто така се повикани да ги надминат разните можни „граници“ и на сите да им се понуди збор за спасение, за кое Исус дојде да го донесе. Станува збор за тоа да се отворат хоризонтите на живот кои даваат надеж на оние кои ги населуваат егзистенцијалните периферии и уште немаат искусено, или пак ја изгубиле силата и светлоста за средбата со Христос. Црквата мора да биде како Бог: секогаш во излегување, а кога Црквата не излегува, таа се разболува од многуте зла кои ги имаме во Црквата! А од каде тие болести во Црквата? Затоа што не излегува. Вистина е кога се излегува постои опасност да се доживее несреќа. Но подобро е да се биде Црква која страда затоа што излегува и го навестува евангелието, отколку болна Црква затоа што е затворена. Бог секогаш излегува, затоа што е Отец, затоа што љуби. Црквата мора да го прави истото, секогаш да биде на излегување.

Вториот став на домаќинот, кој го претставува Божјиот став е неговиот начин на наградување на работниците. Како плаќа Бог? Домаќинот се договорил за „денариј“ со работниците кои ги повика наутро. На оние кои први ќе им се придружат на првоповиканите им вели: Што е право, ќе ви дадам. На крајот од денот, домаќинот на лозјето наредува на сите да се даде еднаква награда, односно по еден денариј. Оние кои работеле од утрото се огорчени и се жалат на домаќинот, но тој инсистира: сака да даде максимална награда на сите, па и на оние кои дојделе последни. Бог секогаш плаќа максимално, не дава половина, туку полна плата. Тука сфаќаме дека Исус не зборува за работата и праведната плата, што е друг проблем, туку за Божјото Царство и добрината на небесниот Отец, кој постојано излегува да повикува луѓе и на сите им ја дава најголемата плата.

Имено Бог се однесува вака: Не гледа на времето и резултатите, туку на подготверноста, гледа на великодушноста со која сме се ставиле во неговата служба. Неговото постапување е повеќе од праведно, во смисла дека ја надминува праведноста и се покажува во милоста. Сѐ е милост. Нашето спасение е милост. Нашата светост е милост. Давајќи ни милост, Тој ни дава повеќе отколку што заслужуваме. А они кои расудуваат со човечката логика, односно со логиката на заслуга стекнати со сопствените вештини и способност, од први стануваат последни. „Но толку многу имам работено, толку многу имам направено за Црквата, многу помагав, а ме плаќаат исто како и последниот“ Да се сетиме кој е првиот канонизиран светец во Црквата: добриот разбојник. Го „украде“ небото во последен момент од својот живот. Тоа е милост, таков е Бог. Таков е со сите. Меѓутоа кој се обидува да размислува за сопствените заслуги пропаѓа, кој понизно ќе се довери на милосрдието на Отецот, од последен – како добриот разбојник – станува прв.

Пресвета Марија нека ни помогне секојдневно да чувствуваме радост и восхит што сме повикани од Бог да работиме за него, на неговото поле кое е светот, во неговото лозје, која е Црквата. И единствената награда да ни биде љубовта, пријателството со Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот