Ангелите и луѓето – соработници во планот за спасение

Ангелите и луѓето – соработници во планот за спасение

Ние и ангелите имаме ист повик: „да соработуваме во планот за Божјото спасение“ – стои во Воведната молитва на празникот на сите архангели, а која во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта на 29 септември 2017 година, дополнително ја продлабочи Светиот Отец.

„Ние сме – така да кажеме – „браќа“ според звањето. Ангелите се пред Господ за да му служат; да го фалат и да ја гледат славата на неговото лице. Ангелите се големи „контемплативци“. Го гледаат Господ; Му служат и Го набљудуваат. Но, Господ исто така ги испраќа да нè придружуваат на патот на животот“ – рече папата Фрањо.

Михаил, Гавриил и Рафаил – продолжи Папата – имаат „важна улога на нашиот пат кон спасението“. „Големиот Михаил е оној кој се бори со ѓаволот“ – со „големата змија“ и „старата змија“, „која ни го загорчува животот“, ги заведува „сите кои живеат на земјата“ како што ја заведе нашата мајка Ева, со уверливи аргументи – и тогаш кога ќе паднеме – пред Бог нè обвинува.

„Плодот ќе ти направи добро; ќе те научи многу нешта!“… Така, како змија започнува, заведува, заведува… А потоа кога ќе паднеме нè обвинува пред Бог: „Овој е грешник; овој е мој…!“ „Мој е: тој е зборот на ѓаволот. Нè победува со заведување, а потоа пред Бог нè обвинува…“ „Овој е мој го водам со себе“. А Михаил со ѓаволот води војна затоа што тоа го побарал Господ. На нас кои сме во овој живот на патот кон небото, Михаил ни помага да се бориме против ѓаволот, да нè не заведе.

Таа е одбранбената улога која Михаил ја има „заради Црквата“ и „заради секој од нас“. За разлика од него, Гавриил, како „втор архангел“, кој – како потсетува Папата – донесува добри вести; оној кој веста ѝ ја донесува на Марија, на Захарија, на Јосиф“: Веста за спасението. Гавриил е со нас и ни помага на патот, кога го „забораваме“ Божјото Евангелие; а тоа е дека „Исус дојде кај нас“, за да нè спаси.

Третиот архангел кој денес го славиме е Рафаил кој „со нас оди“ и ни помага на овој пат. Да бараме од него да нè заштити од „заведувањето и да не направиме погрешен чекор.“ Па, тие се наши другари во служба на Бог; и во служба на нашиот живот, а на кои – како што денес нè учи папата Фрањо – треба да им се молиме со едноставни зборови:

„Михаиле, помогни ни во борбата; секој од нас знае каква борба има во својот живот денес. Секој од нас е свесен за главните битки; оние во кои го ризикуваме спасението. Помогни ни Гаврииле; донеси ни вест; донеси ни ја Радосната веста за спасението; Исус да е со нас; дека нè спаси и ни дава надеж. Рафаиле, држи нè за рака и помогни ни да не тргнеме по погрешен пат; да не останеме закопани во место, туку секогаш во одење, но со твоја помош“ – рече на крајот од проповедта Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот