Ако го загубите чувството дека сте сакани, сте загубиле сѐ

Ако го загубите чувството дека сте сакани, сте загубиле сѐ

Не губете го чувството дека сте сакани: способноста да се сака може да се обнови, но ако го загубите чувството дека сте сакани, ќе загубите сѐ – повика папата Фрањо на светата Литургија на 7 ноември 2017 година, во домот Света Марта.

Осврнувајќи се на делот од Евангелието според Лука (14, 15-24), во кој Исус зборува за параболата, без толкување, за да му одговори на еден од гостите кој му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ Папата нагласи, Господ советува дека во својата куќа треба да ги повикуваме оние кои поканата не можат да ни ја возвратат.

Некој човек подготвил богата вечера – се зборува во параболата – и поканил многу луѓе. Првите кои биле повикани не сакале да дојдат, бидејќи не ги интересирала вечерата, ниту луѓето, а ниту поканата од Господ: биле обземени од сопствените интереси, кои ги сметале за поважни од поканата. Еден купил пет чифта волови, друг нива, трет се оженил. Во суштина – вели Светиот Отец – ги интересирало само што можат да заработат. Биле „зафатени“ како оној човек кој изградил амбар за залихите од своите добра, но умрел таа ноќ.

Биле наврзани на своите интереси до таа мерка што тоа ги доведува до „духовно ропство“, што значи биле „неспособни да ја разберат бесплатноста на поканата“, а тоа е став кој треба да се чува – предупреди папата Фрањо.

Ако не се разбира бесплатноста на Божјиот повик, ништо не се разбира. Божјата иницијатива е секогаш бесплатна. Што треба да се плати за да се отиде на таа гозба? Влезницата е: да се биде болен, да се биде сиромашен, да се биде грешник… Само така се влегува, тоа е влезницата за гозбата: да се биде сиромашен, било материјално или духовно. Треба да се чувствува – истакна Папата – дека ни треба помош, оздравување и љубов…

Има два става. Едниот е оној Божјиот кој ништо не наплатува, но вели служи за да ги повика на гозба оние сиромашни, сакати, добри и лоши: станува збор за бесплатноста која нема граница, бидејќи Бог сѐ прима – нагласи Светиот Отец. Од друга страна е ставот на оние кои први се повикани, но не ја разбираат беслатноста на неговата покана. Како постариот брат од параболата за „блудниот син“, кој не сакал да отиде на гозбата која неговиот татко ја подготвил за брат му кој се „изгубил“ и повторно се вратил: ниту тој не ја разбирал.

„Но, тој ги потрошил сите пари, го прокоцкал наследството во пороци и гревови, а ти му подготви веселба? А јас сум католик, практичен, одам на света Литургија секоја недела, ги извршувам задачите, а за мене ништо?“ Тој кој зборува така, не ја разбира благодатта на спасението, тој мисли дека спасението е плод на „јас плаќам, а ти спаси ме.“ Плаќам со тоа и тоа, ова и она… Не, спасението е бесплатно! И ако вие не влезете во таквата динамика на бесплатноста, не разбирате ништо – потврди папата Фрањо, велејќи дека спасението е дар Божји на кој се одговара со друг дар, дарот на сопственото срце.

Папата уште еднаш се осврна на оние кои размислуваат само за своите интереси, кои кога ќе слушнат дека се зборува за дарови, знаат дека тоа треба да го прават, но веднаш мислат како тоа ќе им се врати и затоа велат: ќе го направам тоа, а тој во друга прилика ќе ми врати.

Меѓутоа, Господ „ништо не бара за возврат“: „само љубов и верност, бидејќи Он е љубов и Он е верен,“ – рече Светиот Отец нагласувајќи: „Спасението не се купува, едноставно се влегува на гозбата.“ „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо:“ Тоа е спасението.

Меѓутоа, оние кои не се подготвени да дојдат на гозбата, „се чувствуваат сигурни“, „спасени на свој начин без гозба“, „го загубиле чувството за бесплатност, чувството за љубов“ – објасни папата Фрањо и додаде: „Загубиле уште поголема и убава работа, а тоа е уште полошо: ја загубиле способноста да се чувствуваат сакани.“

А кога ќе ја загубите – не велам способноста да љубите, бидејќи таа се обновува – туку способноста да се чувствувате сакани, нема надеж, сте загубиле сѐ. Тоа нѐ поттикнува на размислување за натписот над вратите на пеколот на Данте: „Ако ја оставите надежта, сте загубиле сѐ.“ Мораме да мислиме што на тоа вели Господ: „А јас ви велам, сакам мојата куќа да се наполни.“ Тој е Господ, кој е толку голем, кој е полн со љубов, кој во својата бесплатност сака да ја исполни својата куќа – заврши Папата и на крајот повика: Да го молиме Господ да нѐ спаси од загубата на способноста да се чувствуваме сакани.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот