Адвентски чекор – Самоконтрола

Адвентски чекор – Самоконтрола

Времето на Божиќниот пост е време на уредување на сопствената личност и тоа на сите подрачја од животот. Затоа е важно да се преиспитаме колку јас сум човек на самоконтролата?

Бидејќи Божиќниот пост е покорничко време во кое човекот верник си го уредува духовниот и личниот живот потребно е нешто да се исфрли од досегашниот начин на живот што не користи за ништо; потребно е да се внесе нешто што до сега недостасувало во моите одлуки, моите определувања, напори, чистотата, односите со Бог, ближните и самиот себе… што конкретно исфрлам од својот живот, а што воведувам во својот живот? Кои покорнички вежби (пост, молитва, дела на милосрдието, откажување…) ќе ми помогнат во овој Божиќен пост? Што треба конкретно денес да направам за да бидам повеќе човек на самоконтрола?

Што конкретно да направам денес за повеќе да бидам човек на самоконтрола:

Умереноста помага да владееш над самиот себе и ги става на вистинското место чувствата, страстите, желбите. Накратко обезбедува балансирање на користењето на материјалните добра и помага да тежнееме кон поголемо добро. Всушност ако внимателно ги читаме блаженствата можеме да забележиме дека тие се поврзани токму со таа добродетел. Без неа не е можно да го видиме Бог, да бидеме утешени, да ја добиеме земјата и небото и трпеливо да трпиме неправда. Умереноста го насочува човечкото срце за тоа да ги прегрне сите останати доблести… „навикни се да кажеш НЕ“ – често кажувајќи НЕ носи со себе внатрешна победа која е извор на мирот. Тоа значи да се откажеме од нешто што нѐ разделува од Бог – амбициите на нашето его, неуредните страсти… На тој начин исто така ја потврдуваме својата слобода и заземањето на исправен став за светот. Кога некој човек кажува ДА на секој и на сѐ што изгледа привлечно, тој се однесува механички, престанува да биде личност, станувајќи марионета на движечката волја на другите.

Молитва

Те молам Боже да ме ослободиш од гревот на зборовите и делата. Те молам за самоконтрола во моментите кога ме демнат опасности да залутам религиозно и морално. Те молам постави стража – чувствувам страв од гревот на јазикот; воспитанието на јазикот претпоставува воспитание на срцето, духот, чувствата, така секоја дисциплина е благодат, извор на мир и радост; Ти се предавам Боже, а Ти ослободиме од стапицата и замките кои ми ги поставуваат непријателите… Амин.

„Секој ден со Бог“ /к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот