Папата Фрањо: Христијанската понизност не бега од големи работи

Ватикан, 26.4.2013 /к.мк/ – Христијанинот треба да го навестува Евангелието понизно, но истовремено не треба да се плаши да прави големи нешта. „Стилот на христијанинот е понизност, служење, милосрдие и братска љубов“. Тоа го потенцираше папата Фрањо во четвртокот 25 април, за време на светата Литургија во капелата на домот Света Марта во Ватикан на која присуствуваа претставници од Државниот ватикански секретаријат и раководителите на ватиканската жандармерија.

Централно место во проповедта на Папата зазеде Евангелието по Марко кое нè потсетува на Вознесението Христово. Пред да се вознесе на небото, Господ ги повикува апостолите да го навестуваат Евангелието „низ целиот свет“, а не само во Ерусалим или Галилеја:

„Хоризонтот е многу голем … Ова е мисионерството на Црквата. Со проповедта таа оди напред. Но не оди сама, туку со Исус … Господ ги придружува сите кои го навестуваат Евангелието. Тоа е благородноста што сите христијани треба да ја поседуваат – рече Папата. Еден малодушен христијанин не може тоа да го разбере: великодушноста потекнува од христијанскиот повик – да се оди се повеќе и повеќе напред!“.

„Стилот на навестувањето на Евангелието треба да биде понизност, служење, милосрдие и братска љубов – рече Папата Фрањо. Но не треба да го завладееме светот: „Треба да Го навестуваме во светот. Христијанинот не е војник, кој по победата расчистува сè“.

За Папата вистинскиот христијанин „го навестува Евангелието преку личното сведоштво многу повеќе повеќе отколку со било кои зборови“. И со „двојно располагање“, како што вели свети Тома Аквински: „со голема душа, која не се плаши од големите работи и оди кон бескрајни хоризонти, а од друга страна понизно води сметка за малите нешта. Таа „тензија меѓу малото и големото“ има „божествена димензија“ и „христијанското мисионерство оди по тој пат“.

Евангелието по Марко завршува со една „прекрасна реченица“, рече Папата, во која Исус им помага на апостолите „и го поткрепува словото со знаци, кои го придружуваа“: Кога чекориме со таква великодушност и понизност и не се плашиме од големите нешта и хоризонтот, а притоа обраќаме внимание и на малите нешта – секојдневната понизност и милосрдие – тогаш Господ го поддржува Словото. Така оди напред. Славата на Црквата е Воскресението на Исус. Но пред него е Крстот. Ајде да бараме од Господ да бидеме мисионери и апостоли на Црквата – со голема великодушност и голема понизност“, заврши Папата.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*