Папата Фрањо: Молитвата без конкретни дела останува стерилна

Ватикан, 21.7.2013 /к.мк/ – И покрај високите температури во Рим во недела 21 јули плошадот Свети Петар повторно беше преполн со поклоници, кои дојдоа заедно со папата Фрањо да ја молат молитвата Ангел Господов и да го слушнат неговиот последен наговор пред да замине на Светскиот ден на млади во Рио де Жанеиро. Папата ги замоли поклониците духовно да го следат на неговото прво меѓународно патување и ја препорача Пресвета Богородица да биде застапничка на ова поклонение на младите. Папата денес ги повика младите да се прашаат, што бара од нив Господ.

Молитва и дела, слушање на Словото Божјо и конкретно служење кон ближниот, не се противат меѓусебно, туку се важни аспекти од христијанскиот живот. Тие се во хармонично единство, без делата молитвата станува „стерилна”, а прекумерното внимание кон делата има опасноста да си служиме на себе, а не на Бог. Ова го истакна Папата Фрањо на молитвата Ангел Господов, која папата Фрањо ја молеше оваа недела од Апостолски палата во Ватикан.

Во краткото обраќање Папата се осврна на неделното Евангелие, кое говори за двете сестри Марта и Марија кои го примаат Исус во нивниот дом (Лука 10, 38-42). Марта е „зафатена со многу работа”, а Марија „седнува при нозете на Исус и го слуша Неговото Слово”. Марија се пожали дека нејзината сестра не и помага, но Исус „нежно ја прекорува” и одговори дека „само една работа е потребна”. Коментирајќи го Евангелието Папата воедно го прецизира значењето на денешното Слово Божјо:

„Не станува збор за спротивставеност помеѓу два различни погледа: слушање на Словото Божјо, контемплацијата, и конкретното служење кон ближниот – истакна Папата. Напротив, и двата аспекта се важни за христијанскиот живот. Тие не треба да бидат разделени, туку треба да се живеат со длабоко внатрешно единство и хармонија”.

Но зошто тогаш „Исус ја прекорува Марта, иако тоа го прави со нежност”, запраша Папата Фрањо? „Бидејќи таа смета дека е важно само она што таа прави, обземена и загрижена со работата”. За еден христијанин, делата на милосрдие никогаш не се одделени од главниот извор на нашето делување: слушање на Словото Господово; како Марија, да бидеме при нозете на Господа.”

Исто така и нашиот христијански живот треба длабоко да биде соединет со молитва и дела – рече Папата. Молитва која не води кон конкретни дела за помош на сиромашните, болните, оние кои се во потреба, е стерилна и нецелосна. Истовремено кога при делувањето обрнуваме внимание само на работата и се придава важност само на нештата, функциите и структурите, се заборава централното место на Исус. Ако не се земе време за разговор со Господ преку молитвата, тогаш се крие опасноста да си служиме на себе, а не на Бог, кој е присутен во нашиот брат во потреба“.

Како пример за такво однесување, Папата го истакна свети Бенедикт кој ги поучува своите монаси за тоа каков треба да биде христијанскиот живот: молитва и работа (ora et labora): „Молитвата и големото пријателство со Господ е изворот кој нѐ оспособува да ја разнесеме Божјата љубов, Неговото милосрдие и нежност кон другите – истакна Папата. Тогаш и нашите дела на милосрдие кон сиромашниот брат ќе нè водат кон Господ, зашто токму во Него го гледаме нашиот брат и сестра кои се во потреба “.

Гледајќи го транспарентот на плоштадот со натпис „Среќен пат“, Папата се обрати на бројните верници на плоштадот Свети Петар молитвено да го придружуваат на Апостолското патување за Бразил по повод 28-от Светски ден на млади, кој се одржува во Рио де Жанеиро од 22 до 29 јули:

„Мислам дека следната седмица може да биде наречена Седмица на младите, бидејќи главните актери ќе бидат младите – рече Папата. Сите кои се упатуваат кон Рио сакаат да го чујат гласот на Исус и да Го прашаат: Што треба да направам во мојот живот? Кој е мојот пат? Вие младите, присутни на плоштадот поставете си ги истите прашања на Господ – рече Папата Фрањо, кој беше прекинуван од громогласните аплаузи од преполнетиот плоштад. Нека Дева Марија ни помогне во оваа нова поклоничка етапа.“ (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*