ВЕЛИКИ ПЕТОК ВО СКОПСКАТА КАТЕДРАЛА ПРЕСВЕТО СРЦЕ ИСУСОВО

„И носејќи го Својот крст Он излезе на местото, што се вика Лобно, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него други двајца од едната и од другата страна, а на среде Исуса.“ Иван 19, 17-18

Скопје, 30.3.2013 /к.мк/ – Велики Петок – денот на Исусовото распнување, страдание и смрт. Тоа е ден во кој тишината и очајот се испреплетуваат, ден во кој сето човештво ја гледа силата на Божјата љубов. Овој ден се разликува од сите останати денови во црковната година. Света тишина и длабоко поклонување – така наједноставно може да се опише литургијата на Велики Петок.

Скопската Катедрала Пресвето Срце Исусово беше преполна со верници кои низ четрнаесетте постојки од Крстниот Пат се потсетуваа и го преживуваа патот на Христовото страдание, патот до Голгота. Потоа започнаа обредите на Великиот Петок кои ги предводеше Скопскиот бискуп монс. д-р Киро Стојанов. На самиот почеток беа прочитани зборовите на пророкот Исаија: А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме.“ Исаија 53,4-5. Следеше читањето на Исусовото страдание по евангелистот Иван, а монсињор Антун Циримотиќ во својата проповед размислуваше за Христовата откупителна жртва. На овој ден црквата едногласно се молеше за Папата Фрањо, за сите бискупи и свештеници, за верниците и нивните потреби, за младите и напуштените. На крајот беше изнесен Светиот Крст пред кого се поклонија сите присутни свештеници, чесни сестри и верници. За сите оние кои имаа желба да останат подолго во молитва и размислување пред Светиот Крст тоа можеа да го сторат до 22.00 часот.

Денес на Велика Сабота во 21.00 часот во Катедралата ќе започне Велигденското бдение (посветување на огнот, химна на Велигденската свеќа, свечена Света Миса, која ќе ја предводи бискупот Скопски и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов. За сите оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат во Катедралата ќе можат Воскресната света Миса да ја следат преку директниот пренос на Македонската Телевизија. (Е.Абјаниќ)

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*